Достапни линкови

Словенечкиот претседател Пахор во посета на С. Македонија


Архивска фотографија - Претседателот на Словенија, Борут Пахор

Словенечкиот претседател Борут Пахор утре и задутре ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија на покана од шефот на македонската држава, Стево Пендаровски. Пахор, како што соопшти неговиот кабинет, ќе се сртене и со премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието, Талат Џафери, а ќе има и обраќање пред пратениците во македонскиот Парламент.

Според најавите, главни теми на разговорите ќе бидат напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат и почетокот на преговорите за членство во Европската унија, билатералните односи и мултилатералната соработка. Предвидено е Пахор да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје, по што ќе замине за Охрид каде што ќе се сретне со словенечките полицајци кои им помагаат на нивните македонски колеги во обезбедувањето на границата.

Со Пахор во посета на земјава доаѓаат и министрот за економски развој и технологија Здравко Почивалшек и шефот на словенечката одбрана, Матеј Тонин.

XS
SM
MD
LG