Достапни линкови

Етнички вработувања во приватно - позитивно или недозволиво?


Илустрација- владата по изборот во Собранието

Вработувањата и во приватни фирми по етнички клуч ја разбрануваа јавноста. Професорката Мирјана Најчевска смета дека идејата е апсурдна, а аналитичарот Алберт Муслиу дека не лоша, туку дека не e добро образложена. Владата пак со збунувачки изјави.

Во 53-те страници, владина програма за периодот 2020-2024 година објавена на интернет страницата на Владата зборот вработување се споменува 11 пати во различни контексти. Само во едно од нив, пак, се споменува вработувањето по етнички клуч и тоа поврзано со адекватната застапеност во јавната администрација.

Но, сепак, неполн месец по изборот на новата влада вработувањето и во приватниот сектор по етнички клуч со владини субвенции стана една од главните теми во јавноста откако првиот вицепремиер Артан Груби најави дека Владата ќе ја разгледува можноста за субвенционирање на приватните компании кои ќе вработат Албанци или граѓани од другите помали етнички заедници.

Во владината програма на која се повикува Груби се наведува дека „владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја“.

Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања вели дека е апсурдна мерката да се субвенционираат вработувања по етнички клуч во приватни компании. Според неа, ова покажува дека тие што се во власта, немаат како што вели, многу јасна претстава како треба да се движи развојот на општеството како граѓанско односно како општество кое би одело кон заштита на индивидуата, а не на колективитетите.

„Ги туркаат луѓето кон колективитетите. Наместо да градиме општество на индивидуи кои имаат различни идентитети и во секој случај да ја оневозможиме дискриминацијата врз која било основа и врз основа на етничка припадност, ние всушност градиме поделено општество во која одреден идентитет станува доминантно важен за некој човек да оствари одреден вид на егзистенцијални права. Тоа е недозволиво во граѓанското општество“, вели Најчевска.

Квоти за вработувања има и во други земји

Алберт Муслиу, аналитичар од невладината организација Асоцијација за демократски иницијативи, пак, вели дека идејата не е спорна, туку дека проблемот е во наративот кој се користи за да се претстави, па наместо објаснувачки наратив, вели тој, се користи поентирачки.

Муслиу нагласува дека квоти за вработувања врз припадност и во приватни фирми има и во други земји, а кaко пример ја споменува Англија, каде што вели дека приватните компании кои имаат над одреден број вработени имаат обврска да прават планови за расна застапеност.

„Кај нас мислам дека решението би требало да биде за компании што имаат јавни овластувања, а не мали и ситни претпријатија кои имаат еден или двајца вработени“, вели Муслиу.

И професорката Најчевска споменува дека има примери и во други земји, но дека тоа е само во ситуација кога има утврдено многу висок степен на некој вид на дискриминација, како што е расната, која што преминува и во структурна дискриминација.

„Кај нас немаме основ врз кој ќе се види дека во приватниот сектор има на каков било начин фаворизирање на една етничка заедница. Значи немаме податоци и бројки кои што покажуваат дека има повеќе или помалку приватни сопственици и приватни претпријатија кои вработиле повеќе или помалку припадници на конкретна етничка заедница“, вели Најчевска.

Кој што кажа за етничките вработувања?

Инаку, темата се отвори по изјавата на Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем, кој подоцна рече и дека му е нејасно зошто за предлогот има реакции, кога со мерката ќе се овозможело и вработување на Македонци онаму каде што се помалку застапени. Попрецизно за ваквата мерка зборуваше министерот за економија Крешник Бектеши кој ги најави субвенциите за од следната година.

„Тоа значи за сите приватни кои се управувани или во сопственост на друга етничка заедница, а вработува од другите етнички заедници, да бидат субвенционирани од страна на Владата. Не значи само Албанци, Турци или Македонци. Тоа значи сите кои се основани и раководени од Албанец ако во неговата фирма вработат Македонец, тогаш ќе бидат поддржани во страна на Владата, а тоа ќе биде направено на инклузивен начин и граѓаните да се доближат што повеќе“ , рече Бектеши.

Од друга страна, премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Фатмир Битиќи не ја презентираа мерката на ваков начин. Заев рече дека ќе се субвенционираат вработувања во приватни компании без оглед на етничката припадност, а Битиќи наведе и дека е неблагодарно јавните пари да се делат по етничка основа.

Последен во дебатата од владината коалиција се вклучи лидерот на Беса Биљаљ Касами чија партија е дел од коалицијата „Можеме“ која ја предводи СДСМ. Касами рече дека дел од дипломираните Албанци не говорат македонски јазик, затоа приватните компании треба да спроведат двојазичност за да создадат еднакви услови при вработувањето на сите граѓани.

Инаку, правичната застапеност во администрација е предвидена со Рамковниот договор потпишан во 2001 година со кој се стави крај на меѓуетничкиот конфликт. Вработувањата во администрацијата по етнички клуч почнаа во 2002 година, а ,според последните информации од државните власти, околу 1500 вработени според рамковниот договор не одат на работа, а примаат плата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG