Достапни линкови

Онлајн настава и офлајн протести


Средношколски протест против целосна онлајн настава за учебната година 2020/2021

Учебната година ќе почне од 1 октомври, а најголем дел од учениците ќе следат настава онлајн поради пандемијата на коронавирус. Најмногу коментари на социјалните мрежи има за владините мерки против вирусот. Во исто време, опозициската ВМРО-ДПМНЕ почна да организира антивладини протести.

Институциите задоцнија со подготовка на онлајн наставата – вели Стефани Спировска во неделното интервју на РСЕ, инаку претседателка на Младинскиот образовен форум. Спировска исто така вели дека институциите имаа повеќе од половина година време во кое можеше да се најде решение. Мошне актуелна тема пред продолжениот почеток на школската година поради корона пандемијата што ги стави на мака и учениците и родителите и институциите заради прашањето дали наставата да се одвива со физичко присуство на децата или со онлајн настава. Нема многу ваши коментари, почитувани, што и зачудува по малку зашто темата е пресериозна кога заради непочитување и изигрување на протоколите за заштита и спречување на ширењето на вирусот секој ден читаме за новозаразени. Па Петре Николоски со потсмешлива иронија постирал: „Училишта онлајн, Владата онлајн работи. Овие како што тргнаа вака и секс ќе воведат онлајн“. Новче Горгиевска прашува „Што правеа шест месеци“, а Стефан Хаџи Димитров ѝ „објаснува“: „Пиеја вино“.

Судејќи и според другите реакции на нашите информации за состојбата со Ковид-19, луѓето како да продолжуваат да не веруваат дека вирусот постои и се чини повеќе веруваат на лажните вести што некои медиуми ги објавуваат без проверка. Драги Арабаџиев, на пример, смета дека веста објавена во неделата дека најмногу заболени има во Скопје, па потоа во Тетово, Струмица и така натаму е лажна, па ни наоѓа мана: „Абе не сте интересни. Кој веќе го интересира лажна вест?“ Но, Стојан Хаџи Димитров му препорачува: „Што не идеш на инфективна да волонтираш и да нѐ убедиш дека е лажна вест?“ Константин Роби, пак, од Виена, како да не ги чита вестите за починати од короната и во Австрија, Италија, Франција и во други земји и во Европа и во светот, па на нашата ФБ страница напишал на својот дијалект: „Само у Македонију има мртви сваки дн, треба оставку да даде влада чим не може пола годину да се справи сас пандемију, очигледно здравствен систем е нула“. За Душан Нешковски ова е „глобалистичка влада која мора да ги следи глобалистичките препораки, иако и самите не веруваат во опасноста што ја прикажуваат и го плашат народот“. Потпишан со Мице Вуки има друга идеја зошто се казните за неносење маски: „Лапај пари од казни, нека зимаат пратениците бонуси“, но Љупка Димитровска со реално прашање: „Тоа се само заштитни мерки. Не разбирам зошто толкав гнев? Маска на лице и терај. А не одма да се јаде бурек!“ Лидија Пренџова му одговара на Перо Сипиникоски кој смета дека „казните се измислени за да се рекетира народот“: „Перо, казните се измислени за да се научат луѓето да почитуваат донесен закон што е на сила. Така и Германците и сите други научиле. И кога наши се таму нормално им е да почитуваат сѐ од државата, а тука само плукање, пцуење и навреди... Македонците сами се закопуваат од сопствениот идиотизам! Секогаш низ историјата!“

По нашата информација за вториот протест на ВМРО-ДПМНЕ против поскапувањето на струјата, има само еден коментар - поточно прашање од Стојан Хаџи Димов: „Само една работа ме интересира. Оној мерцедесот кабриолет и она аудито од 4.000 кубика што беа во протестниот конвој со дпмнеовски знамиња, чии се?“ Мамер Имери постирал: „Ги заболе нив за струјата, само власт сакаат и ништо друго“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG