Достапни линкови

Нелогични анти-корона одлуки на Владата?


Луѓе со заштитни маски во Скопје поради пандемијата со Ковид-19
Луѓе со заштитни маски во Скопје поради пандемијата со Ковид-19

Последните одлуки на Владата поврзани со пандемијата на коронавирусот не кореспондираат со реалната слика во пракса кога станува збор за градинки, училишта и хронично заболени лица, се жалат засегнатите категории граѓани. Властите смируваат дека се преземени сите мерки за заштита од вирусот

Родителите на деца до 10 години, оние на продолжено породилно отсуство, како и хронично болните треба да се вратат на работа од наредната среда на 23 септември, откако одлуката беше донесена на последната владина седница, што наиде на низа критики и протести од засегнатите страни. Оваа група на граѓани од почетокот на прогласување на пандемијата на коронавирусот беа ослободени од работните обврски, бидејќи градинките се затворија, училиштата се префрлија на онлајн настава, а хронично болните се со највисок ризик. Но, едно е нивното донесување, а друго како мерките ќе се спроведуваат и какви последици ќе имаат.

Породилното отсуство прекинато, место во градинки нема

Најзатечени од одлуката се најдоа родителите кои се на продолжено породилно отсуство бидејќи Комисијата за заразни болести препорача тие да останат дома до 31 декември. Но, Владата не ја прифати препораката, бидејќи градинките започнаа со работа на 9 септември. На родителите притоа им се остави простор од само десет дена од донесувањето на одлуката на 14 септември до тргнувањето на работа да се снајдат и да ги запишат своите деца во градинка.

Билјана Темковска е самохран родител и бебето го пријавила во градинка кога наполнило три месеци пред да започне пандемијата со цел навремено да му обезбеди место. Кога започнала пандемијата таа отишла уште неколку пати во градинка, каде што и ветиле дека кога ќе завршат мерките ќе и завршат работа. Но, кога сега отишла во градинката не ја ни примиле, ниту и одговориле на телефонски повици, по што била принудена да бара врски за на крајот да ја известат дека нема место.

„Треба да почнам на работа, ако не го однесам детето во градинка ќе бидам принудена да дадам отказ и ќе бидам на работ на егзистенција, што е реалност. Тоа ќе значи шокови, стресови. Те одбиваат и само креваат раменици, а никој не ти излага во пресрет. Во ред е што ќе го укинат породилното отсуство. Јас не ни сакам да седам дома. Сакам нормално да функционирам“, вели таа.

И покрај тоа што детето на Темковска треба да има приоритет бидејќи е самохран родител, образложението било дека веќе има деца кои почнале да одат во градинка и бројката се пополнила.

Пандемијата е само дополнителен проблем, инаку ситуацијата со градинките и претходно беше таква, а сега уште повеќе дојде до израз, вели Ана Вета, мајка на 15- месечно дете. Таа уште лани во септември побарала место во градинка и и рекле дека нејзиното дете е ставено на листа на чекање и да се обрати повторно во август годинава, бидејќи во групата јасли имало пријавено 45 бебиња, а место имало за 30.

„Уште министерката изјавува дека во градинките има 4000 слободни места. Веројатно она планира ние децата од Скопје во Дебар да ги пратиме во градинка. Еве со што се соочуваме. Одиме во градинка и не не примаат ни на разговор, а не децата да ни ги примат“, вели Вета.

Таа додава дека нема потреба од продолжување на породилното бидејќи не сака „преку леб, погача да бара“ и е благодарна што добила плус 6 месеци ослободување од работа, но сега во јасли примаат само 12 деца и е ставена во незавидна позиција, бидејќи за нејзиното дете место нема.

Револтирани од одлуката родителите се организираа преку социјалните мрежи и повикаа на протести, кои ќе се одржат денеска пред Владата од 17 и 30 часот до 19 часот.

Во небрано и родителите на деца до 10 години

На работа треба да се вратат и родителите на деца до 6 години. Тие исто така ќе бидат принудени да ги пратат нивните деца во градинка или да најдат некој да ги чува. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска информираше дека согласно со протоколите, градинките имаат капацитет за згрижување на 19 илјади деца, а пријавени биле 14.555 деца.

„Од тие причини Министерството за труд и социјална политика достави допис до градинките да ги проверат родителите и да утврдат дали тие деца ќе доаѓаат во градинка. Дополнително, приоритет за згрижување во градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители. Од тие причини потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна. Простор во градинките има, Протоколот се почитува целосно, Министерството и Владата внимателно ја следат работата и затоа работниот процес мора целосно да се врати во нормала“, нагласи Шахпаска.

За децата во јасли и за останатите до 6 години остануваат слободни 4445 места. Според податоците на Државниот завод за статистика вкупниот број на деца во 2019 година во градинките и центри за ран детски развој изнесувал 38. 094. Додека пак претходната 2018 бројката е слична и биле запишани 37.615 деца. Ако се споредат бројките со изминатите години се доаѓа до заклучок дека над 20 илјади деца ќе треба да останат дома.

Во меѓувреме во градинката „13 Ноември“ во Центар се појави и прв случај на дете заразено од Ковид 19. Целата група од јасли кои биле заедно со детето во градинка, како и воспитувачката и негувателката се ставени во самоизолација.

Децата на училиште 2 часа, родителите цел ден на работа

Уредбата за враќање на работа на родителите на деца до 10 години, пак, беше донесена од Владата на 7 јули, а во образложението се наведе дека причината е оти учебната 2019/2020 година е завршена. Новата учебна година поради пандемијата, почнува еден месец подоцна, односно на 1 октомври, а со физичко присуство настава ќе посетуваат токму децата од 1 до 3 одделение. Но, Владата крајната одлука дали децата ќе посетуваат таков вид настава ја остави на родителите. Од една страна Владата им даде избор на родителите дали децата ќе ги пратат на училиште или тие ќе учат од дома, а од друга страна им наложи да се вратат на работа.

Едни од најзасегнатите се самохраните родители. Дороти Пачкова од организацијата на самохрани мајки „Една може“ вели дека не може да се донесе одлука за сите, бидејќи такво генерализирање во 21 век носи кон стигма, дискриминација и нарушување на човекови права.

„Самохраните родители не е возможно на две места во исто време да бидат заради тоа што ако тргнат на работа од 23 септември, наредните 7 дена до 1 октомври што ќе се случува со децата. Што ќе се случува со децата кои треба да тргнат на училиште од 1 октомври од 8:30 до 10: 30 часот. Доколку самохраните родители тргнат на работа, како ќе изведат да бидат од 7 и пол до 8 и пол на работа, кој ќе ги однесе на училиште. Потоа се наметнува прашањето кој ќе ги земе од училиште и со кого тие деца ќе седат дома до завршување на работното време“, вели таа.

Шахпаска, пак, одлуката ја бранеше со фактот дека овие родители веќе се активни во работниот процес и кога не работеле градинките и училиштата. Но, на некој начин и призна дека одлуката е донесена поради друга причина.

„Нагласувам дека ние како Влада будно ги следиме состојбите и сите одлуки ги носиме врз основа на темелна анализа, со вклучување на повеќе ресорни министерства, со сите чинители на општеството. Државата мора да функционира, системот треба да работи, економијата мора да се движи“, додаде министерката Шахпаска.

На работа и хронично болните

Во исто време и хронично болните треба од наредната среда да одат на работа, а исклучок ќе бидат лицата кај кои болеста е во фаза на влошување и за оние со малигна болест. Тие имаат рок до 23-ти септември да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа.

Професор доктор Никола Пановски вели дека нелогично било одложувањето на школската година бидејќи поради топлото време наставата можела да се одржува надвор, а за хронично болните смета дека мора да се вратат на работа бидејќи се работи за огромен број лица.

„Така што, ако тоа не се донесе сега ќе биде полошо и би требало да се одложи најмалку до април и ако сите тие хронично болни, родители на деца и оние на породилно отсуство не одат на работа веројатно економијата ќе крахира. Сега ако ги споредиме со оние мерки напролет испаѓа дека тие беа престроги, овие сега се прелабави и испаѓа дека мора да се компензира тоа што се загуби овие месеци“, вели Пановски.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека нема простор за паника бидејќи мерката е димензионирана за да ги заштити ризичните пациенти. Но, ризичните пациенти се први на удар на болеста, особено ако се земе предвид и фактот, според зборовите и на самиот министер, дека работите на есен може да се влошат.

„Многу од очекувањата и предвидувањата за овој вирус не се остварија, не само кај нас, туку насекаде во светот. Очигледно дека имаме работа со вирус за кој се уште не знаеме сè. Може да дадам наше толкување, објаснување што е претпоставка зошто се случува тоа е дека сепак луѓето се повеќе надвор и контактите дури и таму каде што има прекршување на превентивните мерки се случуваат во надворешна средина каде можноста да се трансверира вирусот е помала во однос на тоа кога луѓето се во затворена средина и оттука се нашите стравувања за есенските месеци кога сметаме дека таква поголема концентрација на луѓе во затворена просторија може да ја влоши епидемиолошката слика“, изјави Филипче во интервју за РСЕ пред десетина дена.

Затворени настани, поголем ризик

Неговата изјава не кореспондира ниту со уште една одлука на Владата донесена на истата седница со која може да се одржуваат настани на затворено. Настаните ќе може да се организираат со 30 проценти од капацитетот на местото и ограничен број на посетители до максимум 1.000 лица. Ако можноста да се шири вирусот доколку не се почитуваат заштитните мерки во затворен простор е поголема, тогаш зошто Владата дозволи да се организираат и настани во објекти. Сето ова ќе резултира со повеќе заболени, смета Пановски.

„Секако не само од Ковид-19, туку и од другите настинки. Затоа треба мерките за лична заштита да се почитуваат максимално и да се заборават непотребни собирања во затворен простор како што сега почнаа. Тоа ќе бидат биолошки бомби. Треба едукативно да се каже дека тоа треба да се одложи за подобри времиња, слави, родендени, приватни забави и сл“, додава тој.

Во изминатото деноноќие направени се 1.721 тестирања, при што регистрирани се 163 нови случаи на ковид-19, а починати се седум лица и 132 оздравени пациенти. Вкупната бројка на дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 16.088, а има 1.870 активни случаи.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG