Достапни линкови

Официјално Скопје воздржано за меморандумот на Софија во ЕУ


Архивска фотографија- премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов во Скопје, 1 август 2019 година

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека не сака да навлегува во материјална расправа за бугарскиот меморандум. Симонида Кацарска од Институтот за европска политика пак смета дека македонската дипломатија мора да работи со сите земји-членки за да влијае врз преговарачката рамка.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, ден по објавувањето на бугарскиот меморандум испратен до земјите членки на Европската унија, вели дека поради тоа што државата е кандидат за членство не е дел од кореспонденцијата внатре во унијата и до нив официјално не е стигнат тој документ. Наша должност е, додаде тој, преку секојдневните комуникации да ги дознаеме информациите битни за државата, но нагласи дека нема да влегува во материјална расправа за меморандумот.

Османи смета и дека првата меѓувалдина конференција ЕУ – Северна Македонија која всушност ќе значи почеток на пристапните преговори ќе се одржи во декември, оти како што вели таа одлука е донесена во март, кога ЕУ одлучи Скопје и Тирана да ги почнат пристапните преговори, а Бугарија имаше издвоено мислење, но не ја спречи одлуката. И сега вели тој не очекува да дојде до блокада или технички одложувања на првата меѓувладина конференција.

„Не мислам дека треба да наметнеме една таква негативна динамика на притисоци. Да, сметам дека во текот на предизборите и поради ковид имаше одредено успорување, намалување на интензитетот на комуникацијата и сметам дека секогаш кога комуникацијата паѓа се јавуваат предрасуди и различни толкувања. Сега е време да се воспостави тој добар интензитет на комуникација на политичко ниво, но и помеѓу комисиите, но се разбира, ние продолжуваме да комуницираме со земјите-членки објаснувајќи ги сите прашања и мислам дека коректен е односот на земјите членки и на претседателството во смисла дека преговарачката рамка не е платформа каде што се билатерализираат односите помеѓу земјите“, вели Османи.

Претседателот на македонскиот тим експерти во македонско-бугарската комисија Драги Ѓорѓиев, пак, оценува дека бугарскиот меморандум не може да биде во функција на постигнување успех на комисијата.

„Негувањето на сопствениот јазик и култура и на сопственото чувство на идентитет и заедница не може да бидат закана за европските вредности и не може по никоја основа да претставува антибугарски чин, или пак закана за било која нација или народ. Всушност, негирањето на правото на јазик и идентитет претставува закана за европските вредности и основните човекови права. Нациите се резултат на долготрајни и повеќеслојни процеси и не се создаваат со одлука и волја на една институција или човек. Несомнено бугарската национална идеја има свое место во развојот на македонската национална идеја, што резултирало со заеднички и споделени историски личности и моменти (впрочем, историјата на европските народи познава многу примери на заеднички херои). Но, тоа не и го одзема правото на македонската нација на нејзин сопствен и автохтон пат. Всушност, сите нации се социјални конструкти, а не биолошки категории“, вели Ѓоргиев во изјава за Дојче Веле.

Што содржи меморандумот?

Радио Слободна Европа има увид во документот именуван како „Објаснувачкиот меморандум за односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на проширување на ЕУ и процесот на стабилизација и асоцијација“ кој Софија го доставила до земјите членки на ЕУ и во кој бара поддршка за своите позиции. Овој меморандум доаѓа во време кога во телата на Европската унија се договара преговарачка рамка за Скопје и Тирана, која се очекува да биде договорена до шести октомври. Во него се бара билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35.

Меѓу другото, во документот на шест страници на кој на долго се објаснуваат нивните тези за настанокот на македонската нација и јазик, се наведува и дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот и не постоел до 2 Август 1944 година. Покрај договорот за добрососедство Софија како услов за напредокот во ЕУ интеграции смета дека треба да биде и односот на земјава кон малцинството на бугарска територија.

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека тие како партија даваат шанса ваквите прашања да се решат преку дијалог и разговори. „Јас искрено сум убеден дека камен на сопнување во нашиот интегративен пат кон ЕУ нема да бидат билатерални спорови во случајот со Република Бугарија“, рече Костадинов.

Од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат премиерот Зоран Заев и неговата политика за ваквиот меморандум од Бугарија. „Шокирани сме од однесувањето на источниот сосед, чиј негаторски однос е потценувачки за нас како држава, нација и народ и секако не е пример за европска вредност“, рече портпаролот Наум Стоилковски.

Македонската дипломатија да работи со земјите-членки

Не сум изненадена од меморандумот на Бугарија, пак, е првата реакција на Симонида Кацарска, директорка на невладината организација Институт за европска политика ЕПИ, кој со години го следи македонскиот процес на европска интеграција.

Таа вели дека ваквото позиционирање се насетувало уште од октомври лани. Тогаш прво бугарската влада, па потоа и собранието усвоија декларација со која ги поддржаа пристапните преговори на земјава со ЕУ, но со неколку услови меѓу кои и дека да не се споменува македонскиот јазик и бугарскиот фашистички окупатор. Според неа, одговорот на македонската влада зависи од тоа која стратегија ќе ја усвои во однос на елаборирањето на македонските позиции.

„Несомнено е дека ќе мора да се работи со сите земји-членки, вклучително и со Бугарија колку што е возможно за да се влијае да немаме огромни поместувања во рамката бидејќи јасно е во јули Европската комисија не ги уважи бугарските барања меѓутоа мислам дека сега е момент нашата дипломатија да работи со сите земји членки и да ги истакне во голема мера дел од нерационалните барања на Бугарија особено оние кои се кршат со веќе потпишаниот и признаен од страна на ЕУ Преспански договор, тука мислам особено во однос на именувањето на македонскиот јазик“, вели Кацарска.

Историја на македонско-бугарските односи

Од независноста, па до денес односите меѓу Скопје и Софија се топло-ладно. Бугарија прва, на 15 јануари 1992 година ја призна независноста на Македонија, но уште од тогаш почнаа извесни несогласувања. Првиот потпишан документ за пријателство меѓу двете земји е од 1999 година и го потпишаа тогашните премиери на двете земји Љубчо Георгиевски и Иван Костов. Документот со наслов „Декларација за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“ тогаш содржеше формулација дека е потпишан на „уставните јазици на двете држави“ со што беше и официјално навестено дека источниот сосед гледа проблематично на македонскиот јазик.

Втор таков документ е Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, кој на 1 Август 2017 година го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов. Овој договор се преговараше далеку пред доаѓањето на Заев на власт во Македонија. Министерствата за надворешни работи од двете земји со години работеа на постигнувањето на договорот, а и актуелниот премиер при потпишувањето неколкупати потенцираше дека голем дел од него го договорила администрација предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

По потпишувањето бугарскиот премиер Борисов, пак, вети конструктивност и во прво време немаше ваков тип на забелешки од Софија. Навестувањата стигнаа лани кога бугарското собрание усвои декларација со која ги поддржа преговорите за членство во ЕУ за Скопје и Тирана, но и тогаш услови со барање за признавање на „историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“.

Кон крајот на минатата година Бугарската академија на науките (БАН) усвои став дека македонскиот јазик не постои, туку дека е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик. Во март годинава на седницата на Советот за општи работи на Европската унија од 25 март на која лидерите на земјите членки се согласија на Северна Македонија и Албанија да им се даде зелено светло за почеток на преговорите, Бугарија имаше одвоена изјава.

Во неа Софија бара Скопје да престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско на нивна територија, во меѓународни организации земјава да декларира дека нема каква било основа да бара малцински статус за која било група, бара конкретни работи и политичка вклученост во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, а јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија.

Овој меморандум сега, доаѓа во време кога во телата на Европската унија се разговара за предлог преговарачкте рамки за Скопје и Тирана со кои тие би ги почнале преговорите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG