Достапни линкови

Корона вирусот ги испразни и локалните каси


илустрација
илустрација

Последиците од корона кризата допрва ќе се почувствуваат врз локалната самоуправа, велат од повеќето општини. Дел од градоначалниците очекуваат локалните буџети за следната година да бидат поскромни, меѓу другото и поради фактот што вирусот континуирано ја празни и државната каса

Пандемијата со коронавирусот не ги остави без последици и локалните општини. Фактот што плановите и буџетот на локалните каси се прави при крајот на годината, не остави простор да се предвидат штетите од вирусот врз скоро сите сектори во општеството. Некои проекти застанаа, некои се работат од веќе планираните средства, но најголемиот проблем според дел од градоначалниците, ќе биде полнењето на локалните буџети за следната година.

Повеќето градоначалници велат дека веќе се чувствува намалување на инвестициските проекти и активности кај дел од компаниите, што според нив, е очекувано, бидејќи во овој период тие се насочени кон тоа да преживеат во овие отежнати „корона услови“.

„Од друга страна, сметаме дека последиците допрва ќе ги почувствуваме, се уште е рано, никој не може да предвиди како ќе се развиваат понатаму работите и од аспект на намалувањето на трансферите од ДДВ и персонален данок кои сега ги добиваат општините од централниот буџет, кои пак следната година очекуваме да бидат значително намалени поради фактот што во централниот буџет помалку приходи ќе се влеат по основ на ДДВ и персонален данок“, вели Аце Коцевски, градоначалник на Велес.

Тој додава дека општината се откажала од одржување на некои манифестации, а средствата биле пренаменети за обезбедување на заштитна опрема за здравствените институции во градот. Покрај тоа дел од парите се наменети и за одредени јавни претпријатија кои немаат никакви приходи, а кои имаат тековни расходи за плати и одржување на објектите.

Од општината Кавадарци пак велат дека и покрај влијанието на корона кризата во земјава, досега нема поголеми отстапки во делот на реализацијата на годишната програма. Сепак одредени заостанувања на приливи регистрираат во делот на комуналните акции, градежните дозволи, плаќањето данок, како и во делот на плаќањето за јавните површините кои се издаваат за угостителство и туризам.

„Нашата општина направи стратешки и планско адаптирање на своите услови и на кадарот кој го поседуваме, така што посветивме внимание на правење проекти и предвидувања за идни ситуации за да не се направи вакуум период кој би го спречил развојот на самата општина. Тоа значи дека отворивме постапки за повеќе урбанизации да ги завршиме што побрзо, бидејќи тие беа оперативни и можеа да се работат и од домашни услови, така што периодот есенва ако се погоди да биде вакуум период нема да биде проблем, бидејќи овозможивме урбанизацијата и градежната офанзива да продолжи во поголем размери и на тој начин ќе надополнимне во буџетот и буџетското планирање како општина“, изјави Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци.

За разлика од Велес, општината Кавадарци не била принудена да пренамени дел од буџетските средства за борба против ковид-19. Вработените во дел од јавните претпријатија кои останаа затворени поради ширењето на вирусот, биле ангажирани таму каде што имало потреба. Тоа значи дека слободниот кадар од образованите институции и градинките, спортски и културни објекти биле ангажирани за дезинфекција на јавни институции, куќи и згради.

Градскиот татко на Струга, Рамиз Мерко вели дека короната го намалила буџетот на општината, но и инвестициите во тој регион.

„Проектите што беа планирани за 2020 година се работат. Не можеме да ги откажеме, тоа што е предвидено треба да се реализира, но од друга страна пак, исплатата ќе зависи од тоа колку средства ќе има за следната година. Ако нема доволно пари, нема да предвидиме проекти кои бараат многу средства за нивна реализација“, изјави градоначалникот Мерко.

Последиците во Струшкиот регион се почувствувале најмногу во туристичко-угостителскиот сектор вели градоначалникот Мерко, додавајќи дека некои од нив се затворени, а некои работат со половина капацитет, чекајќи да се подобри состојбата и да се вратат сите вработени на своите работни места.

Инаку, општините се финансираат од сопствени извори на приходи, дотации од централниот буџет и од буџетите на фондовите и со задолжување. Сопствени извори на приходи се приходите што се обезбедуваат од локалните даноци, локалните такси, локалниот надомест и од приходите од сопственост. Во локални даноци спаѓаат: данокот на имот; данокот на наследство и подарок, данокот на промет на недвижен имот и други локални даноци утврдени со закон.

Нашите соговорници се надеваат и на донации од странство или меѓународни проекти кои како што нагласуваат би биле добредојдени доколку се појават дупки во локалниот буџет.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG