Достапни линкови

Дескоска – Уредбите со законска сила може да важат и по вонредната состојба


Министерката за правда Рената Дескоска

Министерката за правда Рената Дескоска вели дека Уредбите со законска сила може да регулираат и по завршување на вонредната состојба, а тоа се однесува и на мандатот на ДИК. Таа укажува дека Уставниот суд веќе се изјасни за времетраењето на уредбите со законска сила.

„Одлучувајќи да ја отфрли иницијативата за Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, Уставниот суд оправдано прифати дека не е неуставно уредбите со законска сила да може да регулираат и дејствија кои би се презеле во рокови и по завршувањето на вонредната состојба, односно да регулираат мерки кои ќе имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба“, напиша на својот Фејсбук профил Дескоска во врска со зачестените прашања за времетраењето на уредбите.

Ваквиот став на Уставниот суд, додава таа, е особено значаен за многу од мерките кои беа преземени за справување, особено со економските последици од епидемијата со ковид–19, бидејќи е јасно дека е неопходно тие да имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба сè до свикување на Собранието, кое ќе може овие прашања да ги регулира со свои акти.

„Мандатот на ДИК продолжува, матурантите може да бидат мирни – врз основа на уредбата ќе се запишат во септември на факултет без матурски испит, а оние кои примаат парична помош врз основа на уредба – ќе продолжат да ја примаат и понатаму“, порачува министерката Дескоска.

XS
SM
MD
LG