Достапни линкови

Василевски за „27 април“: Пари за водачите, насоките од ВМРО-ДПМНЕ


Обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски на прво рочиште од судењето за „27 април“

Со сведочењето на Александар Василевски-Нинџа, денеска во Кривичниот суд во Скопје, продолжи судењето на организаторите на упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Според него, „ноќта по изборниот ден на 11 декември 2016 функционерите и раководството од ВМРО-ДПМНЕ ја прославувале победата во хотел Русија, но по два дена биле поднесени приговори до ДИК, па се организирале протести пред ДИК за кои насоките доаѓале од ВМРО-ДПМНЕ“.

Во случајот за организацијата на „27 април” се обвинети поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. При упадот во Собранието, дел од толпата, физички се пресмета со дел од пратениците на СДСМ и други партии и посериозно беа повредени Зијадин Села, Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Дамјан Манчевски, а во метежот беа повредени и новинари и сниматели.

„Кирил Божиновски и Спире Ристовски ги координираа протестите, им даваа насоки на вработени во администрацијата, во градинките. Тие ги насочуваа демонстрантите да влезат насилно во зградата на ДИК и да ги исплашат членовите на ДИК за да не одлучат во корист на приговорите на СДСМ. ДИК ги отфрли преговорите на СДСМ. „27 април“ ќе се случеше порано ако ДИК одлучеше во корист на СДСМ“, изјави Василевски пред Судот и рече дека бил соработник на државните служби со кодно име Самурај, дека бил „ангажиран од Горај Грујевски“ и дека екс-директорот на УБК, Атанасовски, „му ветил вработување на неопределено време, откако ќе победи ВМРО-ДПМНЕ“.

Според него, „бидејќи Никола Груевски не направил влада, штабот на ВМРО-ДПМНЕ измислил протести „За заедничка Македонија“ со фиктивни водачи да глумат пред народот дека се водачи“.

„На повик на Кирил Божиновски и Владимир Атанасовски, отидов во штабот на ВМРО-ДПМНЕ заедно со Никола Бошкоски. Се расправаа за пари. Се работеше за 200 илјади евра. Парите беа за протестите и за водачите Борис Дамовски, Бетмен и Игор Дурловски. Тие секој ден доаѓаа да добиваат инструкции што да му зборат на народот и каде да се движат“, рече василевски пред Судот и се пожали дека откако е сведок во случајот постојано имал закани.

Василевски рече дека поранешната заменичка министерка за правда Билјана Бришковска-Бошковски му кажала на Трајко Вељаноски да се отворат вратите на Собранието за да влезат демонстрантите.

„Бришковска беше разочарана што Антонијо, Илија, Јохан не предизвикале инцидент во Собранието, не ја завршиле работата. Бришковска му даде насока на Трајко да се отворат вратите во Собранието. Грујевски ми кажа да одам на терен и да известувам. Атанасовски се симна со мене. Околу 8.15 часот почна да дејствува полицијата. Горан ми рече ова не е на арно. Му се јавија и му рекоа дека под притисок на странски фактор воена состојба нема да има“, сведочеше Василевски.

Тој додаде дека во тој период, како што рече, по наредба на Владимир Атанасовски од УБК, биле следени Зоран Заев и Оливер Спасовски, како и аналитичарот Алберт Муслиу.

XS
SM
MD
LG