Достапни линкови

Мемеди: ВМРО-ДПМНЕ молчеа на албанската химна за да слушне толпата надвор


Весел Мемеди, поранешниот потпретседател на Собранието, во сведочењето на денешното рочиште за организацијата на упадот во Собранието на 27 април 2017 година изјави дека тогашниот собраниски спикер Трајко Вељаноски во моментите на огромна тензија предност му дал на Зеќирија Ибрахими пред да ја пее албанската химна од говорницата, иако пред него за збор се јавиле двајца други пратеници и дека тоа било однапред смислено сценарио.

„Крсто Мукоски се пријави да говори процедурално и ја пееше македонската химна. Веднаш штом почна да ја пее, видов дека Џеват Адеми и Артан Груби се пријавија за збор, а пратеникот Зеќирија Ибрахими се пријави после нив. Откако Мукоски заврши со химната, Трајко Вељаноски му даде збор на Ибрахими, иако другите се пријавија први. Џеват реагираше зошто му дал збор на Ибрахими кога тој се пријавил прв“, рече Мемеди.

Тој тврди дека станува збор за однапред смислено сценарио, затоа што, како што вели тој, и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предводени од Димитар Стевананџија инсистирале да се молчи додека Ибрахими ја пеел химната за таа да може подобро да се слушне помеѓу учесниците на протестите пред да упадне толпата.

Обвинети во случајот за организацијата на настаните од 27 април се тогашниот претседавач со законодавниот дом Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

XS
SM
MD
LG