Достапни линкови

Филипче: Ќе бараме продолжување на вонредната состојба


Министерот за здравство Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека на утрешниот состанок на Советот за безбедност ќе побараат продолжување на вонредната состојба.

„Утре треба да се одржи состанок на Советот за безбедност. Ние ќе побараме продолжување на вонредната состојба од повеќе причини за да имаме механизми во однос на имплемантацијата на вакви препораки (протоколот за избори во пандемија н.з.) и во периодот кој што следи“, рече Филипче на денешната прес-конференција на која го презентираше протоколот за задолжителни мерки за време на предизборните активности и на изборите во време на пандемијата со коронавирусот.

Министерот не прецизираше дали ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба за нови 30 дена или помалку или ќе се бара нова вонредна состојба. Доколку биде донесена одлука да продолжи вонредната состојба и Владата достави предлог, Советот за безбедност треба да одржи нова седница в петок и претседателот да донесе одлука за нејзино продолжување.

„Потребно ни е да се продолжи вонредната состојба затоа што дел од мерките важат само за време на вонредна состојба. Многу е битно тие да важат и натаму. Многу е битно да имаме инструменти во рацете да работиме со овие механизми, во однос на рестрикција на движење, уредбите кои важат и така натаму. Потребни ни се инструменти со кои препораките на Комисијата за заразни болести ќе можат да се имплементираат преку Владата“, рече Филипче.

Актуелната вонредна состојба истекува на 16 мај.

XS
SM
MD
LG