Достапни линкови

Спасовски: Ова не е време за евтини политички профити


Оливер Спасовски

Премиерот Оливер Спасовски ги повика граѓаните на одговорност и свесност да ги почитуваат препораките на Владата за спречување и заштита од коронавирусот. Тој најави дека доколку има потреба, ќе бидат донесени и порадикални мерки. Кризната состојба во Дебар и центар Жупа ќе трае 30 дена.

Иако е пазарен ден, денеска во Дебар е речиси празно. Движењето е значително намалено. За разлика од претходните два дена кога вработените во маркетите и другите трговски дуќани имаа премногу работа и се обидуваада одговорат на големата побарувачка на одредени производи, денеска сликата од овој регион е сосема поинаква. Како во Дебар така и во Центар Жупа движењето е сведено на минимум, а од своите домови излегуваат само оние кои имаат неодложна работа или потреба да купат храна или лек.

Премиерот Оливер Спасовски денеска соопшти дека првата ноќ откако е прогласена кризна состојба во Дебар поминала мирно и дека жителите на оваа општина и Центар Жупа ги почитувале препораките. Преземени се сите мерки и активности за справување со ширењето на коронавирусот, а сите институции и експери ангажирани за спроведување на акцискиот план за импелментација на одлуката за кризна состојба се на терен, соопшти премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција во Владата.

Владата воведе кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, откако во Дебар беа утврдени уште четири случаи на коронавирус. Кризната состојба ќе трае 30 дена, информираше премиерот Спасовски. Тој се обрати до жителите на двете општини, кои ги замоли да не паничат.

„Во оваа прилика посебно им се обраќам на граѓаните од Дебар и Центар Жупа. Ова е најдоброто решение. Ова е решение кое најбргу ќе даде резултати. Ве замолувам да нема поголема паника. Воспоставен е организиран и институционален систем, ќе ги покрие сите аспекти за грижа за граѓаните во овие подрачја. Ќе ги обезбедиме сите услови за да ги добиете најдобрите здравствени мерки. Во Дебар, Центар Жупа и сите населени места ќе има услови за функционирање на производството на храна, аптеките, болниците, а пак банките, комуналните служби и поштата ќе работат по скратено работно време“, изјави Спасовски.

Во двете општини се воведува ограничување на движењето, забранет е влез и излез од овие општини, а се воведува посебен режим на движење на граѓаните внатре во општините. Покрај прогласувањето на кризна состојба во Дебар и Центар Жупа, затворени се граничниот премин Џепиште – Требиште и граничниот премин Блато, како и Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ во Маврово.

Формиран е и Главен оперативен штаб за кризни состојби што ќе раководи со активностите со единствена цел справување со вирусот Ковид-19. Спасовски изјави дека надлежните институции будно ја следат ситуацијата и дека одлуките може да се менуваат на дневна основа ако се процени дека треба да се применуваат и порадикални мерки од постоечките. Тој уверува дека сите институции ќе одговарат на предизвикот за да се спречи ширењето на инфекцијата.

„Ова не е време на евтини политички профити на прибирање поени од загриженоста на нашите граѓани и тоа треба секој да си го отргне од својата агенда. Ова се ситуации кога е повеќе од потребно да го дадеме својот максимален личен придонес придржувајќи се кон препораките, почитувајќи ги насоките на институциите,поддржувајќиго системот кој е креиран од граѓаните и државата да ни слуќи на сите нас. Сега е време да покажеме дека сме организирано општество и општество кое иаинституционален одговор за која било ситуација“, изјави Спасовски.

Погледнете ја фотогалеријата од дебарските улици денеска:

Тој посочи дека се слушнал и со лидерите на сите политички партии кои како што рече своите политички активности ги стопирале до 22 март. Спасовски не кажа дали ќе има одложување на изборите, но истакна дека според развојот на настаните ќе ги креираат натамошните одлуки.

Владата вчера донесе одлука со која на тие што не ги почитуваат препораките за спречување на ширењето на коронавирусот им се заканува казна затвор.

Во меѓувреме, во Македонија е забранет и влез на странски државјани кои доаѓаат од земјите со висок ризик, но Спасовски не ја исклучи можноста дека оваа мерка може да се промени и граѓаните кои доаѓаат од средно ризични земји. Тој ги повика родителите да не ги пуштаат децата надвор во групи и да се обидат на тој начин да го зачуваат здравјето на своите деца и сите околу нив.

Во однос на македонски граѓани кои во моментот се заглавени во некоја од европските земји и не можат да се вратат бидејќи летовите им се откажани, Спасовски изјави дека барем засега тие ќе треба да се придржуваат до одлуките на странските земји во кои се наоѓаат, а натамошни инструкции ќе следат дополнително. Во меѓувреме Анѓела Наумоска која пред неколку дена отпатувала за Малта за РСЕ изјави:

„По синоќешното известување што го добивме од компанијата Визер дека летот е откажан, дојдовме на аеродромот во Малта за да се снаоѓаме. Ова никако не ни беше планирано. Не можеме да најдеме ни летови за конекција со Скопје, освен на Туркиш ерлајнс за кој лет билетот чини 700евра, а никој не ни гарантира дека Скопје ќе нé прими назад. Кога прв пат се јавивме во МНР ни рекоа: немаме што да ви правиме. Да, знаеме и за самоизолација, знаеме и за карантин. Во периодот пред 4 дена кога ние дојдовме тука, немаше никакви препораки. Веројатно е најдобро да останеме овде“, вели Наумоска.

Досега во Македонија се регистрирани 13 заболени од КОВИД-19, а првата заболена пациентка е веќе излечена. Од нив 11 се од Дебар.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG