Достапни линкови

Пендаровски: Нема да биде пропаст на светот да се одложат изборите


Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски на денешната прес-конференција изјави дека негов личен став е оти треба да се размисли за одложување на изборите, а за евентуалните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот ќе се разговара в понеделник на средба на Советот за безбедност.

Сериозно да се размисли за одложување на претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 12 април, порача претседателот Стево Пендаровски на денешната прес-конференција во Вила Воднo во врска со ситуацијата со корнавирусот во земјата. За в понеделник Пендаровски свика средба на Советот за безбедност на која ќе се разговара за мерките за справување со инфекцијата, како и можностите во рамки на неговите надлежности, како што е прогласување на кризна состојба во делови или на цела територија на државата или на прогласување на вонредна состојба.

Тој како што рече не е надлежен за закажување на изборите, но треба да се земат в предвид мерките на Владата за забрана на јавни собири и за ограничување на приватните собири, како и фактот дека има избирачки места на кои се регистрирани и по околу 1000 гласачи и има и луѓе на коишто им се препорачува да не ги напуштаат нивните домови, а имаат право на глас.

„Јас разбирам во политиката кога влегувате како политички субјект се борите за власт, вашите програми да добијат мнозинство да ги убедите граѓаните и потоа да спроведете една визија важат за граѓаните или градот. Ова е ситуација без преседан. Не велам донесете ја таа одлука денес ваква или онаква. Велам прво вие се надлежни да ја донесете одлуката и размислувајте пред се, во што не се сомневам за здравјето на луѓето. Ако се одложат изборите за месец или два тоа нема да биде пропаст на светот“, рече Пендаровски.

Тој потенцира дека треба да се земе в предвид дека и ентузијазмот на граѓаните да излезат на гласање ќе биде намален. Според него, има време партиските лидери да се навратат на прашањето за евентуално одложување на изборите и им порача дека одлуката мора да биде донесена со консензус.

Партиските лидери на вчерашната координативна средба кај премиерот Оливер Спасовски постигнаа согласност за мерките на Владата и дека ќе се почитува забраната за јавни собири, а кампањата ќе се води пред се на социјалните мрежи.

На средбата на Советот за безбедност ќе се разгледуваат сите опции за спречување на ширењето на коронавирусот и ќе се излезе со препорака. Неговата лична проценка е дека во овој момент нема потреба од воведување на вонредна состојба.

„Улогата на армијата и при вонредна состојба ќе биде слична на улогата на армијата во однос на она што го прави во кризните региони во делот на бегалците. Значи прилично лимитирана улога и тука нема никаква опасност дека армијата може да ја прошири својата дејност“, додава Пендаровски.

Во однос на евроатлантските интеграции тој информира дека на 17 март е закажана седница на шпанскиот Парламент за ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, по што ќе се чека само на потпис од шпанскиот крал.

„За тоа лично добив гаранција дека ќе се случи веднаш штом ќе помине ратификацијата во шпанскиот Парламент“, рече Пендаровски.

Според него, на 26 март се очекува Северна Македонија и Албанија да добијат зелено светло за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG