Достапни линкови

На лидерската средба се разговараше за анти корона мерките


Координативна средба за коронавирусот кај премиерот Оливер Спасовски, 12 март 2020

Лидерите на политичките партии денеска на средба на иницијатива на премиерот Оливер Спасовски разговаараа за мерките против ширењето на коронавирусот. Партиите не разговараа за евентално одложување на изборите за 12 април.

Координација на претставници на политичките партии закажа за денеска премиерот Оливер Спасовски во врска со реализацијата на владините мерки за справување со коронавирусот. На средбата беа лидерите на партиите и по уште еден претставник на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА, ДПА, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Владата пред некој ден донесе нови мерки за справување со ширењето на инфекцијата. Образовните установи нема да работат 14 дена. Истовремено, се забрануваат сите масовни собири на отворено и затворено со над 1000 луѓе. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица, кои доаѓаат од високо и средно-ризичните држави во период од 14 дена.

Од Владата претходно апелираа дека никој од коронавирусот сега не треба да профитира политички.

„Во овие услови на ваква криза секој оној кој ќе калкулира за политика, за политички поени, за сензационализам и за што било на грбот на граѓаните и нивното здравје, некој да гради своја среќа на туѓа несреќа е осудено на пропаст“, порачаа од Владата на брифинг со медиумите.

Министерот за здравство Венко Филипче прашан дали состојбата со коронавирусот ќе предизвика одложување на претстојните вонредни парламентарни избори закажани за 12 април одговори дека е тешко да се предвиди како ќе се одвива натаму сотојбата.

„Во однос на изборите кажав дека ја пратиме состојбата и навистина многу тешко е да се предвиди што и како ќе се развива“, вели Филипче.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по средбата во Владата рече дека за одлагање на изборите не се разговарало, но, тој смета дека е несериозно и неодговорно уште сега да се зборува за тоа прашање.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по завршувањето на лидерската средба истакна дека воопшто не се разговарало за одложување на изборите.

„Она за што разговаравме е да има предаптирање на изборната кампања, односно ќе одиме од врата на врата, преку социјалните медиуми, преку мас медиумите. Препораките од Владата и забраната се активни и мора да се почитуваат. Се додека има забрана, ќе нема митинзи. Средбата беше повеќе од информативен карактер. Тие не запознаа со препораките, забраната и мерките и се тоа мора да се почитува. Истовремено, политичките партии може да доставуваат сопствени предлози за заштита и превенција од ширење – истакна опозицискиот лидер.

Коронавирусот пред свикување на средбата доби и политичка димензија. ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Филипче направил серија на пропусти во спречување на ширењето на инфекцијата и од опозициската партија најави и кривична пријава против него.

Од Владата возвратија дека врв на неодговорност е пријавата за Филипче.



  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG