Достапни линкови

Граѓаните ги почитуваат препораките за коронавирусот, но не и сите лекари


Скенирањето на патници со термална камера на меѓународниот аеродром во Скопје, како дел од превентивните мерки против коронавирусот.

Граѓаните велат дека ги знаат и почитуваат препораките за коронавирусот. Сепак најголема вознемиреност во јавноста предизвика информацијата дека со коронавирус се заразила и директорката на Клиниката за кожни болести, која патувала во северна Италија и поради која во карантин се ставено околу 200 луѓе. Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека ќе има одговорност за секој којшто нема да се придржува до пропишаните мерки. Од Лекарска комора порачуваат лекарите да се однесуваат одговорно и разумно.

Граѓаните велат дека ги почитуваат препораките и апелите на властите за заштита од коронаворусот, но на тоа поле потфрлија лекарите. Заразена е директорката на Клиниката за кожни болесни, поради што во изолација се ставени околу 200 луѓе. И тоа, таа не се заразила од пациент работејќи си ја работата, туку на приватно патување во Италија.

Претходно, матичен лекар од Дебар не воочил дека станува збор за вирусот, и двајцата сопружници кои се второрегистирирани со коронавирусот ги испратил на домашно лекување.

Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека почесто мијат раце, избегнуваат гужви, колку што можат, но дека не се плашат.

„Миењето раце го практикувам секогаш, а гужва колку што можам избегнувам. Хигиената е на прво место, но како да избегнеш гужва, сега бев на шалтер во матично, таму имаше преку 100 луѓе. А често патувам и со авион, таква ми е работата, што да правам, не можам да избегнам“, вели граѓанин.

„Мене не ми се страв бидејќи сум млад и на луѓе до 40 години не треба да им биде страв, посебно ако вршат хигиена. До тие години имуниот систем треба да им е силен и да го прележат вирусот. За повозрасните веќе е страшно, посебно какви се здравствените стандарди тука во Македонија, тука е вистинскиот проблем за нас.“

„Додека не се случи тоа со докторката, не бев загрижена воопшто. Мене ме вознемири нејзината неодговорност.“

„Од Србија сум, следам што се случува, но не ми е страв, ете и на гости дојдов тука.“

„Се плашам, со оглед дека е непознат вирус, тешко бога ми.“

„Нешто следам од препораки, но не сè. Воопшто не сум се загрижил, одам каде што има гужва, како да нема корона“, вели градежен работник, кој работи на објект во центарот на градот.

Негов колега вели дека не се плаши од новиот вирус.

„Не, не се плашам, да се плашев немаше да бидам тука, ќе си одев дома. Ние цело време сме со луѓе, да имало некој проблем, ние досега ќе сме фателе вирус“, додава работникот.

„Треба да се мијат рацете, да се одржува хигиена, а маските се штетни“, велат анкетираните граѓани.

Во Македонија досега има седум потврдени случаи на коронавирус. Првиот заболен беше откриен на 26 февруари. Се работи за жена која се вратила од Италија со комбе, но другите патници не се разболеле. На 6 март беа откриени уште двајца заболени – брачен пар од Дебар, кои исто така се вратиле од Италија. Тие првин се јавиле на матичен лекар, но тој не препознал индикации да се направи тестот за коронавирусот и ги пратил на домашно лекување. По неколку дена се јавиле во болницата во Дебар, а откако им бил дијагностициран вирусот, беа префрлена на Инфективната клиника во Скопје. Вчера беше утврдено дека се разболеле и тројца членови на нивното семејство.

Сепак, најголема вознемиреност во јавноста предизвика вчерашната информација дека со коронавирус се заразила и директорката на Клиниката за кожни болести, која исто така патувала во северна Италија. Поради тоа министерот Филипче соопшти дека е затворена Клиниката за кожни болести, а целиот персонал и сите пациенти се испратени во домашна изолација. Во домашна изолација се и 103 лица, од кои поголем дел се здравствени работници кои присуствувале на стручно предавање кое се одржало во саботата, на кое излагање имала и заразената директорка.

Од Лекарската комора на Македонија велат дека не може да ѝ ја одземат лиценцата на директорката на Кожната клиника, а Комората може да ѝ даде само јавна опомена, како највисока казна. Во Законот за здравствена заштита не е предвидено како да се постапува ако некој доктор свесно го загрозува јавното здравје. Тоа дејство подлежи на Кривичниот законик и судот може да наложи да ѝ се одземе лиценцата.

Од Комората бараат лекарите и другите здравствени работници да ги почитуваат дадените мерки и да се однесуваат како што наликува на докторската професија – одговорно и разумно за да си го заштитат нивното здравје и здравјето на граѓаните.

„Во врска со докторката на Клиниката за кожни и венерични болести Скопје, која е заболена од коронавирусот и која не ги почитувала препораките на здравствените власти да се јави на преглед по доаѓањето од патувањето во Италија, Лекарската комора преку своите органи ќе постапи во согласност со важечките законски прописи, статутот и подзакосните акти, по што јавноста ќе биде информирана“, рече претседателката на Комората, доктор Калина Гривчева – Старделова.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека земјата навреме ги спроведе сите мерки на претпазливост, како на аеродромите, така и на граничните премини, и дека ситуацијата со докторката е нешто што навистина многу ги разочарало.

„Потенцирам дека одговорност ќе има за секој којшто нема да се придржува до пропишаните мерки. Сакам да повикам на разумност, максимално почитување на апсолутно сите препораки“, рече министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција.

Владата препорача да се ограничат јавните настани со гости од странство, да не се одржуваат поголеми јавни собири и настани, а даде препорака спортските натпревари да се одржуваат без публика до 13 март. Препораките за забрана се однесуваат на забавни и на културно-уметнички манифестации. Се препорачува да се одржува поголема лична хигиена, а до школите се испратени сапуни и средства за дезинфекција.

Школите и факултетите се задолжени да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, а препорачано е и да не се патува во земјите каде има регистрирано повеќе заболени од коронавирус.

Од ЈСП соопштија дека ќе вршат дополнителна дезинфекција на автобусите, а се прави дезинфекција и на возовите.

Авиокомпанијата Визер поради коронавирусот ги откажа летовите од Македонија кон Италија.

Во меѓувреме, италијанската влада одлучи да воведе ограничување на патувањето на територијата на целата земја, а не само на северот на Италија, во обид да го спречи ширењето на новиот вирус. Одложени се и натпреварите од италијанското фудбалско првенство, а сите кафулиња и ресторани може да работат само до 18 часот. До вчера во Италија беа регистрирани 9.172 заболени од вирусот КОВИД-19, а 463 луѓе досега починаа од болеста.

Многу други земји преземаат различни мерки за спречување на ширењето на болеста, како што укинување на авионските летови до критичните области или забрани за јавни собири.

Здравствените власти ѝ се спротивстави на моќната Грчка православна црква, која соопшти дека нема да запре со причестувањето, зашто лепчето со вино кое им се дава на верниците од ист сад „не може да предизвика ширење на болести“ и оти свештениците ќе се молат против ширењето на болеста. Грчката комисија за јавно здравство реагираше дека „вирусот се пренесува преку плунка и со лажичка“, односно и преку причест и апелираше до граѓаните да избегнуваат јавни собирања, вклучително и во црквите. Во Грција досега се регистрирани 81 случаи.

Од новиот коронавирус ширум светот досега се заразени над 113 илјади луѓе, од кои скоро 4 илјади починаа. Вирусот се рашири во 101 земја во светот. Над 80 илјади од заболените се регистрирани во Кина, од каде што почна ширењето на вирусот во декември минатата година, а досега во земјата има над 3100 жртви. Најпогодени земји, освен Кина, се Италија, каде што има над 9000 случаи и 463 починати, Јужна Кореја со скоро 7.400 случаи и 51 починати, Иран со скоро 7.200 случаи и 237 починати и Франција со скоро 1.200 случаи и 21 починати.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG