Достапни линкови

Бројките на пријавен и согорен медицински отпад не се совпаѓаат


Печката за согорување медицински отпад во Дрисла

Низа прашања отворија сознанијата на Град Скопје за злоупотреба со менаџирањето на медицински отпад во државата. Надлежните институции велат преземаат мерки, при што ќе се проверуваат дозволите на сите фирми кои вршат собирање и транспорт на медицински отпад.

Кучиња скитници како јадат човечки остатоци и крв, што потоа истекувало во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар е сликата која сведочи за злоупотреба во менаџирањето со медицинскиот отпад во државата по сознанијата кои ги објави Град Скопје. Со тоа повторно се покренаа прашањата за тоа колку медицински отпад се создава, како се транспортира, обработува и согорува.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов изјави дека повеќе од педесетина дена чекаат обвинителство да преземе мерки и побара веднаш да отвори истрага за случајот, а Министерството за животна средина и просторно планирање да го испита работењето на сите субјекти кои се под нивна надлежност, особено оние со дозвола за обработка на медицински и опасен отпад. Министерството набрзо соопшти дека е побаран вонреден инспекциски надзор во компанијата „Еко клуб“ од Битола, која, според Град Скопје, соодветно не го третирала отпадот.

„Само што го добивме извештајот и немавме можност детално да го анализираме“, изјави денеска министерот за животна средина, Насер Нуредини.

Последниот надзор на терен врз компанијата од страна на Државниот инспекторат за животна средина бил извршен на 12 декември 2019 година по што било констатирано дека компанијата работи согласно законските прописи и издадените дозволи. Според Шилегов, два дена пред надзорот на Државниот инспекторат за животна средина ги имале сознанијата, а на 13 декември е поднесена пријава во обвинителството.

„Зошто немало превземени истражни или било какви дејства од јавното обвинителство е работа која што треба да ја упатите кај нив“, рече Шилегов.

Хисни Тачи од Државниот инспекторат вели дека не преземале мерки бидејќи не констатирале неправилност во работењето на Еко клуб.

„Ние дента кога извршивме надзор таму немаше никакви неправилности“, вели тој.

Четири фирми имаат дозвола за собирање и транспорт на медицински отпад и според Тачи, редовно се прави контрола на нивното работење Дрисла е единствената депонија во Македонија која има концесија за согорување на медицински отпад. Здравствените институции, согласно законот се обврзани до Министерството за животна средина да пријават колку медицински отпад создале. Во 2018 година здравствените институции пријавиле 735 тони медицински отпад, а во Дрисла бил согорени 989 тони, што е разлика од 254 тони. Количините на пријавен и согорен отпад ниту една година не се совпаѓаат, а тоа е показател дека не се знае колку точно медицински отпад се создава во Македонија.

Медицински отпад
Медицински отпад

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули смета дека проблемот е во тоа што некои од фирмите имаат дозвола за собирање и транспорт и на медицински и на комунален отпад. Тој најави проверка на издадените дозволи.

„Затоа сакаме да ја провериме дозволата кај сите компании што имаат таква дозвола за собирање и носење на медицински отпад, бидејќи Дрисла е единственото место каде што можат да се однесат и затоа после анализите, секако тоа ќе го објавиме“, рече Макрадули.

Од неодамна Град Скопје го презема менаџирањето со депонијата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG