Достапни линкови

Шилегов објави нов скандал со медицинскиот отпад


Скопје- градоначалникот Петре Шилегов и главниот инспектор на Град Скопје Мирослав Богдановски на прес конференција за состојбата со медицинскиот отпад

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски, денеска на прес конференција наведоа дека пред педесетина дена дошле до „сериозен доказен материјал“ за злоупотреба во менаџирањето на медицинскиот отпад во Скопје. Тие презентираа видеа и фотографии на кои, како што рекоа, се гледаат кучиња скитници како јадат човечки остатоци и крв што потоа истекувало во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.

„Повеќе од 50-ина дена, Град Скопје чека какво било преземање дејствија од Јавното обвинителство, но досега немаме информација дали воопшто официјално е започната истрага. Напротив, според нашите сознанија, сторителот се покрива со документација од друга надлежна институција. Барам ЈО веднаш да започне истрага за овој скандал што претставува опасност по здравјето на луѓето, а исто така барам и Министерството за животна средина и просторно планирање во целост и детално да го испита работењето на сите субјекти кои се под нивна надлежност, особено оние со дозвола за обработка на медицински и опасен отпад“, рече Шилегов.

Одговорајќи на новинарски прашања тој рече дека отпадот во Скопје бил носен од Прилеп и Битола преку субјект регистриран во Битола. Богдановски, пак, рече дека затекнатата ситуација претставува „потенцијална бомба за епидемија“.

„Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која што само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион којшто не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад“, рече Богдановски.

XS
SM
MD
LG