Достапни линкови

Зошто не се носи законот за управување со отпад?


Цементарница УСЈЕ лоцирана во главниот град Скопје користи увезени алтернативни горива од отпад кои ги согорува во процесот на производство на цемент.

Различни ставови имаат парламентарните партии за предложениот закон со кој, меѓу другото, се предвидува да биде забранет увозот на отпад во земјава како извор на енергија. Додека опозициските партии велат дека забраната треба да биде усвоена, ставот на владејачката СДСМ е дека за измените се потребни дополнителни консултации во врска со спогодбите „кои земјава ги има потпишано со ЕУ уште во 2001 година.“ Побаравме одговор и од ДУИ, но партијата од владејачкото мнозинство не даде одговор дали ги поддржува предложените измени.

Предлог-законот за изменување на Законот за управување со отпад предложен од партијата ДОМ, првично беше ставен на собраниска седница во минатата среда, но точката ставена на дневен ред не беше отворена, откако претседателот на Собранието Талат Џафери јапрескокна со образложение дека за тоа не се создадени деловнички услови.

Законот беше префрлен за следната пленарна седница, но точката повторно не беше разгледана, по што коалицијата „Зелен Фронт“ најави дека в петок ќе протестираат пред Парламентот, сметајќи дека партиите играат „дворски игри“ во Парламентот под превез на законот за отпад.“

„Тоа е најнов доказ дека чистиот воздух за нив е небитен кога ги загрозува профитите на големите бизниси, како тој за увоз на опасен отпад. Во знак на протест „Петоци за иднината на Скопје“ в петок во 15 часот ќе го окупира просторот пред Собранието и ќе побара средба со претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, со цел да добие објаснување зошто донесувањето на овој закон континуирано се одложува“, се вели во највата на „Зелен Фронт“ на социјалните мрежи.

Активистите се сомневаат дека големото загадување на воздухот во земјава е од согорување на увезен отпад на индустријата која го користи како извор на енергија.

Радио Слободна Европа објави податоци кои ги доби од Секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање, кои покажуваат дека со последните дозволи за увоз на отпад кои ги добиле фирите од земјава, увезени се скоро два милиона тони отпад.

Затоа побаравме став од парламентарните партии дали го поддржуваат законското решение. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески вели дека гласале за потребата измените да ги стават во процедура по скратена постапка, со оглед на кратките рокови до распуштањето на Собранието, но посочи дека се потребни консултации за потпишаните резолуциите на земјата, бидејќи во тие документи „постои принципот на реципроцитет.“

„Односно консултации дали забраната на увоз би значела забрана за извоз на опасниот отпад. Ако се случи тоа, тогаш би имале голем проблем и со отпадот од пластика и електронскиот отпад за кои во нашата земја ниту има услови за преработка, ниту за складирање“, вели Митрески.

На ова реагираа активистите од граѓанската организација „О2 Иницијатива“, од каде што наведоа дека „не е точно“ ваквото тврдење на Митрески.

Оттаму посочуваат дека ваквите спогодби, како што е Базелската конвенција, која како што објаснуваат, е формирана во 1989 година токму со цел „да ги спречи“ развиените земји да ги користат земјите во развој како депонии за нивниот токсичен отпад: „за да се спречи т.н. токсичен колонијализам“, наведуваат од „О2 Иницијатива.“

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека го поддржуваат законот и оти очекуваат владејачкото мнозинство да ги надмине „интеркоалициските недоразбирања“ и прашањето да се најде на собраниска седница, вели за РСЕ кординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

„За нас не е изненадување што СДСМ ги избегнува овие теми кои влијаат врз животната средина“, вели Мицевски.

Слично одговори и координаторката на групата осум независни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова, која ни кажа дека законското решение „ќе го гласаме во насока на нашите заложби за почиста животна средина.“

Слична е ситуацијата и со опозициската партија БЕСА, од каде пратеникот Фадиљ Зендели ни одговори дека како партија се против увезување на отпадни енергенси, бидејќи како што наведоа, „нашето општество се соочува со сериозни еколошки проблеми и увозот на отпадните енергенси би ја влошиле состојбата со аерозагадувањето.“

Еколошките граѓански организации од иницијативата „Зелен Фронт“ наведуваат дела забраната за увоз на отпад како енергенс е едно од нивните клучни барања и оти во спротивно недонесувањето ќе биде повод за граѓанска непослушност.

Еко-активистиката Невена Георгиевска од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ вели дека за решавање на проблемот со загадувањето во земјава, потребен е системски пристап со поголеми законски измени и поголеми санкции за загадувачите.

„Сега во Парламентот имаат шанса да донесат измена на закон за увоз на отпад заради енергенс и еве гледаме како се однесуваат во однос на тоа, така што сметам дека не се способни за некои похрабри и поригорозни мерки“, вели Георгиевска.

Во предложениот текст на партијата ДОМ, меѓу другото, стои дека предлог-законот за изменување на Законот за управување со отпадот содржи член кој предвидува да се укине можноста за увоз на отпад што со одредбата од постојниот закон е дозволена и се користи како извор на енергија, за да се постигне поголема заштита на животната средина и на здравјето на луѓето.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG