Достапни линкови

Како се контролира увезениот отпад


Скопје - поглед на главниот град на Македонија во момент на високо ниво на аерозагадување. Граѓани се сомневаат дека значителен извор на загадувањето е согорување на големи количини увезен отпад.

Забрана за увоз на отпад како извор на енергија е едно од барањата на иницијативата „Зелен Фронт“ до македонските власти, поради сомневања дека освен познатите извори, воздухот е загаден и од согорување на увезен отпад во различни погони кои според нив, инспекцијата недоволно ги контролира.

Активистите се сомневаат дека во земјава се согорува увезен отпад на отворени депонии и во различни погони, a на социјалните мрежи има обвинувања дека се согорува дури и радиоактивен отпад. Надлежните уверуваат дека радиоактивен отпад не може да се увезе во земјава затоа што има детектори на радијација. Дозволен е само увоз на отпад кој може да се преработи или рециклира во Македонија, но не и таков кој треба да се депонира. Во услови на недостиг на доверба во институциите, шпекулациите за опасен отпад се шират низ социјалните мрежи, особено во период кога воздухот е многу загаден.

Активистката Невена Георгиевска од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ смета дека освен познатите извори, воздухот е загаден и од согорување на увезен отпад на отворени депонии и во различни погони, за кои вели дека јавноста нема доволно информации како и колку тие се контролирани од страна на државата.

„Се контролираат само оние погони кои имаат дозволи, оние што немаат дозволи, што имаат елаборати, не знаеме како и колку се контролираат и дали навистина (увезениот отпад) завршува кај тие што имаат дозволи или на некои диви погони. Тоа не го знаеме“, вели Георгиевска.

Аерозагадување во Скопје.
Аерозагадување во Скопје.

„О2 Иницијатива“ е меѓу 35 граѓански организации од движењето „Зелен Фронт“ и затоа на најавениот протестен марш в петок, меѓу другото, ќе побараат властите да забранат увоз на отпад кој може да се користи како извор на енергија.

Маршот ќе се одржи во повеќе градови во Македонија, а во Скопје демонстрантите ќе инсистираат на исполнување на вкупно 100 барања за решавање на „сите еколошки катастрофи кои се случуваат во земјава.“

Воздухот во Скопје со години наназад е загаден далеку над пропишаните дозволени граници. Деновиве актуелни беа обвинувања на граѓани на социјалните мрежи кои споделуваа фотографии за кои велат дека покажуваат оти Цементарница УСЈЕ ги труе скопјани со горење увезен опасен отпад.

Но, тоа го демантираше генералниот директор на фабриката Борис Хрисафов. Тој за РСЕ изјави дека е точно оти сликите се од УСЈЕ, но дека тоа не е отпад, туку алтернативно гориво кое го користат во печките за производство на цемент, а властите потврдија дека фабриката одамна ги има добиено сите дозволи за увоз и употреба на такви алтернативни горива.

Во некои постови на социјалните мрежи се обвинува и дека во земјава се гори опасен радиоактивен отпад кој се увезува од странство, поточно од Италија, како дел од организиран криминал на еко-мафија тежoк милиони евра.

Инспекторката за радијациона сигурност Гордана Николова за РСЕ вели дека во Дирекцијата за радијациона сигурност имаат детектори за зголемено зрачење, така што доколку се случи такво нешто, тоа може да се детектира.

„Радиоактивен отпад во принцип не смее да се согорува, јас не можам да тврдам 100 отсто за некои црни канали, меѓутоа кај нас оној отпад којшто ние го имаме, тој е складиран во привремени складишта и го контролираме постојано. Тој сè уште не е стигнат до никаква депонија, чекаме да отвориме национален склад за радиоактивен отпад и да го префрлиме таму. Засега е во тие привремени складишта за коишто водиме евиденција, постојано вршиме контрола за инвентарот, за тоа како влијае во средината каде што се сместени тие привремени складишта“, вели Николова додавајќи:

„Тоа е наш отпад, има привремени складишта, едно е во Железара, во Институт за заварување Југ е второто, а имаме и громобани, неколку од нив се складирани во самите институции од каде што се симнати поради тоа што немало и сè уште нема национален склад, меѓутоа тие се под строга контрола на Дирекцијата за радијациона сигурност“, вели Николова.

Според неа, во насока на шпекулациите повеќе станува збор за неразбирање на поимот радиоактивен, објаснувајќи дека во земјата не може да се внесе радиоактивен отпад, бидејќи на граничните премини имаат детектори за нивото на зрачење, но и сите цариници и гранични полицајци се обезбедени со пејџери кои исто така служат за такво детектирање.

„Увозот на отпад кај нас е забранет со закон, меѓутоа тоа не значи дека секоја забрана се почитува, меѓутоа мислам дека ова се почитува и од радиоактивен отпад не треба да има стравување“, вели Николова.

Во земјава забранет е увоз на отпад заради депонирање или складирање, но дозволен е увоз на отпад кој може безбедно да се преработи или рециклира во инсталација која поседува соодветна дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Отпадот кој се увезува во РСМ е главно отпадно железо, отпадна гума, пластична фолија и отпадни акумулатори - видови на отпад за кои постојат преработувачки капацитети во земјата кои поседуваат интегрирани еколошки дозволи“, објаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Оттаму додаваат дека не е издадена ниту една дозвола за увоз на отпад кој не одговарал на карактеристиките согласно со документите кои го пратат, ниту пак е издадена дозвола за увоз на отпад заради негово горење или депонирање.

„Ниту една италијанска компанија, ниту која било друга компанија во РСМ нема добиено дозвола од МЖСПП за инсталации за горење и согорување на отпад“, велат од Министерството.

Георгиевска вели дека не бараат целосна забрана за увоз бидејќи тоа е регулирано со Базелската конвенција која државата ја има потпишано, туку само увоз на отпад кој се користи како извор на енергија.

Таа вели дека според податоците „кои ни ги соопштуваат“ има огромни количини на увоз на отпад и оти бараат да се направи инспекција каде завршуваат тие количини, бидејќи како што вели, се сомневаат дека во државава во голема мера потфрла инспекцијата.

Индустријата е само еднен аспект на загадувањето на амбиенталниот воздух во главниот град Скопје. Во повеќе меѓународни и домашни студии е посочен проблемот со „големите загадувачи“ од индустријата, но и од неконтролираната урбанизација, сообраќајот, домаќинствта и од еколошките жешки точки кои опасни материи шират и во почвите и водите.

Сетоа тоа го нарушува здравјето на многу граѓани и предизвикува многу случаи на предвремена смрттност.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG