Достапни линкови

Македонија увезла над седум милиони тони отпад од Бугарија


Депонијата Дрисла во близина на Скопје.
Депонијата Дрисла во близина на Скопје.

Во земјата се увезува многу повеќе отпад отколку што сами произведуваме. Податоците до кои дојде РСЕ покажуваат дека најмногу отпад се увезува од Бугарија. Властите тврдат дека отпадот што се увезува служи само како суровина, како што предвидува и законот. Активистите од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ бараат да се забрани увоз на отпад како извор на енергија, откако темата повторно се актуализираше по аферата во Бугарија во која, наводно, е вмешан и доскорешниот прв човек на Дрисла.

За две години во земјава бил увезен над десет пати повеќе отпад од вкупната количина која граѓаните ја создаваат во текот на една година и неколкукратно повеќе од она што годишно го создава домашната индустрија во последните години.

Според статистички податоци кои ги побара Радио Слободна Европа, од 2012 до 2014 година во земјава биле увезени над осум милиони и 200 илјади тони отпад, што е значително повеќе во однос на увезените количини во претходните години и годините потоа. Истовремено податоците покажуваат дека земјата во просек годишно произведува од 700 до 800 илјади тони комунален отпад, а на пример во 2016-та компаниите во земјава создале помалку од два милиони тони индустриски отпад.

Од вкупно 8.209.733 тони отпад кои во 2014 година влегле во земјава од странство, најмногу е увезено од соседна Бугарија, над седум милиони и 400 илајди тони (7.402.061), а во истиот период биле увезени и повеќе од 490.000 тони отпад од Србија и над 250.000 тони од Обединетите Арапски Емирати, покажуваат документите кои ги доби РСЕ од Државниот завод за статистика.

Останатиот дел од отпадот земјата во тој период го увезла од Турција - над 32 илјади тони, а помали количини се увезени од други земји од Европската унија како Франција, Германија, Грција, Шпанија, Италија, но и од Швајцарија и од други држави.

Се обидовме да дознаеме каков вид на отпад бил увезен и кои компании се вклучени во увозот. Одговор за тоа побаравме од Секторот за управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање, но оттаму велат дека податоците за годините кога се увезени над осум милиони тони отпад институцијата ги има во некои нејзини документи, но дека тие не се ставени во регистри кои можат да и ги достават на увид на јавноста.

Оттаму ни доставија регистар со фирмите кои добиле дозволи за увоз, извоз и транзит на отпад само за изминатата година и кој покажува дека во земјава се увезени скоро два милиони тони отпад.

Според истиот регистар, повторно најмногу е увезувано од Бугарија и тоа отпадно железо од страна на компанијата Макстил како нејзина основна суровина за работа, а има компании кои увезувале отпадна гума и отпадни акумулатори.

„За овие видови отпад постојат преработувачки капацитети во земјата“ вели во одговор за РСЕ Ана Каранфилова Мазневска – раководител на секторот за управување со отпад од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Од тие скоро два милиони, над еден ипол милони тони отпад има увезено Макстил во последнава година, главно отпадно железо, покажуваат документите на МЖСПП според кои исто така се увезени 12.500 тони акумулатори, од кои 9.500 тони се оловни.

Меѓу останатиот отпад кој фирмите го увезле во земјава е пластика, гума, картон, хартија и други метали како бронза, бакар и алуминиум, масло и маст за јадење и друго.

„Увозот на отпад во Република Северна Македонија заради отстранување, односно депонирање како единствена постапка за отстранувње на отпад, е забрането со овој закон. Дозволен е увоз на отпад исклучиво за преработка“, велат од секторот за отпад при МЖСПП.

Инаку, Макстил се уште нема обезбедена А-интегрирана еколошка дозвола, а компанијата со години работи со таканаречената А-дозвола за усогласување со оперативен план, односно е во процес на исполнување на условите за добивање А-интегрирана еколошка дозвола и покрај тоа што законските рокови за голамата индустрија беа да ги стават филтрите до 2014 година.

Различни податоци на ДЗС

За споредба освен наведените над 8 милиони тони во 2014-та, во 2008 година во земјава се увезени 1.721 тони отпад од кој 1.500 тони од Пакистан, потоа околу 5.000 тони во 2010 година и 1.725 тони во 2016 година.

Овие податоци кои ги добивме од Државниот завод за статистика се различни од оние кои институцијата ги има објавено на нејзината интернет страницата, каде на пример стои дека во 2014 година во земјава бил примен над 705 илјади тони отпад, односно како што е наведено во извештајот, на деловни субјекти кои го примиле од други физички или правни лица од земјата или од странство.

За ваквата разлика во податоците побаравме објаснување од Државниот завод за статистика, но не добивме јасен одговор. Исто така, не добивме одговор ниту на прашањето што конкретно е увезено како опасен опад во земјава, бидејќи во објавените извештаи е наведено дека во 2016 над 20.000 тони опасен отпад деловните субјекти примиле од земјата или од странство.

Темата за увоз на отпад деновиве е актуелна и во Бугарија каде Обвинителството во Бургас отвори истрага против фирмата „Блацион ООД“ каде во сопственичката структура се јавуваат македонските државјани Горан Ангелов кој беше и актуелен директор во скопската депонија Дрисла и Блаже Игнатовски кој во Дрисла се јавува како содружник.

Истрагата е отворена за нерегулиран увоз на 25 контејнери со италијански отпад на пристаништето во Бургас транспониран со брод на 5 септември минатата година, кој требал да биде согорен во термоцентралата „Бобов Дол.“

Во соопштението на обвинитеството во Бургас се наведува дека е утврдена неусогласеност меѓу наведеното во документацијата за увоз и содржината на контејнерите, но сепак во нерегулираниот увоз не бил откиен радиоактивен и токсичен отпад.

Во меѓувреме, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на 20 јануари соопшти дека по „двегодишна тешка и напорна“ борба депонијата „Дрисла“ е вратена на системот на Град Скопје.

„Со ова решение од Централен регистар денеска и официјално завршува деветгодишната авантура на ВМРО-ДПМНЕ со која овој моќен градски капацитет беше даден на користење на несоодветни т.н, партнери на градот“, изјави Шилегов.

Тој додаде дека сега се создадени услови да биде разрешен Ангелов и да биде именуван нов в.д. директор по што ќе бидат избрани управен и надзорен одбор.

Во телефонски разговор со Ангелов тој ни потврди дека денеска очекува сигурно да биде разрешен од функцијата директор.

Дрисла на почетокот на 2013 година по распишан меѓународен тендер од страна на Град Скопје, беше доделена на италијанската компанија ФЦЛ Амбиенте да ја расчисти и да ја развие депонијата.

Во Дрисла се гори медицински отпад најмалку 14 часа на ден
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:58 0:00

Изминатиов период актуелни беа и обвинувања на граѓани на социјалните мрежи кои споделуваа фотографии за кои велат дека покажуваат оти Цементарница УСЈЕ ги труе скопјани со горење на увезен опасен отпад.

Но, тоа го демантираше генералниот директор на фабриката Борис Хрисафов. Тој за РСЕ изјави дека е точно оти сликите на интернет се од УСЈЕ, но посочи дека тоа е алтернативно гориво од отпад увезено од Италија кое го согоруваат во печките во процесот за производство на цемент.

Според регистарот од МЖСПП, УСЈЕ има увезено 25.000 тони запалив отпад, односно смеса на горива од една грчка и од три италијански фирми.

За користење на алтернативно гориво УСЈЕ има дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање, односно да користи такво гориво до 35 отсто од потребите за гориво во производствениот процес.

Ќе биде ли донесена забрана за увоз?

Во несостаток на доверба во институциите, во некои објави на социјалните мрежи граѓани пишуваат дека веруваат оти во земјава се гори опасен радиоактивен отпад кој се увезува од странство, поточно од Италија како дел од организиран криминал на еко-мафија тежок милиони евра.

За ваквите сомневања ја прашавме инспекторката за радијациона сигурност Гордана Николовска од Дирекцијата за радијациона сигурност, која вели дека имаат детектори за зголемено зрачење и доколку се случи такво нешто тоа можат да го детектираат.

„Увозот на ваков отпад кај нас е забранет со закон, меѓутоа тоа не значи дека секоја забрана се почитува, меѓутоа мислам дека ова се почитува и од радиоактивен отпад не треба да има стравување“, вели Николова.

А што со опасниот токсичен отпад?
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:23 0:00

Инаку на денешната седница во Собранитето на дневен ред е Предлог-измена на Законот за управување со отпад по скратена постапка, со кој се предвидува забрана за увоз на отпад кој може да се користи како извор на енергија, односно да се согорува.

Такво е и барањето на активистите од граѓанската организација „О2 Иницијатива“, кои велат дека последните случувања во Бугарија само ја потврдиле основата зошто бараат забрана за увоз на отпад како извор на енергија.

„Организирани криминални структури вршат трговија со отпад каде се фалсификуваат податоци, лабораториски вреднсоти, тоа што е декларирано не соодветствува со тоа што е внатре во спакуваните бали, има измешано опасен отпад, медицински отпад, отпадот се става на несоодветни места и т.н“, велат од „О2 иницијатива.“

Од организацијата сметаат дека италијанската мафија оперира во Балканските земји со трговија со отпад, посочувајќи дека сите истраги и запленувања на отпад се случуваат во членки на Европската унија. Тоа според „О2 Иницијатива“ укажува на големината на проблемот и ранливоста на државава со немање на соодветна контрола на царина, соодветни инспекциски служби, лаборатории и судски постапки со кои би се заштитила.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG