Достапни линкови

Претпазливост поради американско-иранските тензии


Македонски војници на граница

По нападите врз американските бази во Ирак, ниту еден македонски граѓанин кој би можел да се наоѓа таму, не побарал помош од МНР. Она што е сигурно е дека македонски војници таму нема. Експертите предупредуваат на можни безбедносни ризици на глобално ниво.

Министерството за надворешни работи во моментот не располага со конкретни податоци за бројот на македонските државјани кои се наоѓаат во Ирак или Иран, бидејќи нашата земја нема дипломатско-конзуларни претставништва во двете земји. Но, до овој момент, ниту еден македонски граѓанин кој би можел да се наоѓа во тој регион не се обратил до МНР за соодветна помош. Реакцијата на Министерството следува по ракетирањето на воените бази Ал Асад и Ирбил во Ирак кое пак, предизвика голема загриженост во јавноста, поради учеството на македонски војници во мировните мисии ширум светот, но и поради фактот што голем број македонски граѓани работат во воените бази во тие земји.

Од Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија потврдуваат дека нема ниту еден македонски војник во Ирак. Од таму информираат дека во моментов од нашата армија има околу педесет мировници во Мировната мисија во Авганистан, неколкумина штапски офицери во мисијата на ОН во Либан и еден претставник во мировната мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина. Војниците таму се безбедни, уверуваат од Генералштабот.

„Ние секојдневно имаме комуникација со нив. Тие се под надлежност на самите команди во мисијата во состав на контингентите под водство на НАТО. Нема никакви проблеми засега, се се одвива нормално и тие нормално си ги извршуваат сите поставени задачи“, велат од Генералштабот на АРСМ.

Во однос на прашањето за наши државјани со работен ангажман во воените бази во Ирак, МНР не поседува информации од тој тип. Од таму велат дека преку дипломатски канали ги преземаат сите неопходни мерки и активности за добивање соодветни информации поврзани со македонски државјани.

„Тие лица конкурираат директно во приватни агенции за работа и имаат склучено договор со надлежните органи на САД или други држави присутни во базите. МНР нема увид во нивните договори, поради заштита на личните податоци, а со тоа и нема евиденција на нивниот број и статус“, се вели во соопштението од МНР.

Бројката на такви македонски државјани со која се шпекулира во јавноста е повеќе од 1.000, а поголемиот број од нив се од Куманово. Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска вели дека нивниот точен број не може да се знае, бидејќи како држава генерално немаме систем во кој би се регистрирале заминувањата од земјата.

„Можно е да се извадат одредени бројки при заминување, но тие се нерелевантни, бидејќи многу често заминувањата не се директни, туку се оди и преку некоја држава, слободна држава, никој не мора да се регистрира ако не сака, меѓутоа одредени бројки од над 1.000 луѓе циркулираат. И факт е дека најчесто се во делот на логистика и точно е дека една од жртвите што ја имавме последниве години беше токму цивил кој работел на логистика во Авганистан, изјави министерката Шекеринска во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Можни ли се последици за безбедноста во државата?

Во меѓувреме, потенцијалните стравови во јавноста за евентуални безбедносни ризици или опасност од одмазднички терористички акции од страна на радикализирани структури не престануваат.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека во согласност со безбедносните проценки континуирано се преземаат соодветни активности за обезбедување на безбедноста на граѓаните. Од министерството истакнуваат дека според истите проценки, во моментот се зголемени безбедносните мерки околу амбасадата на Албанија.

Претседателот на Балканскиот форум за безбедност, Благоја Марковски вели дека тие стравувања се оправдани и оти состојбата со воените дејствија меѓу САД и Иран на ирачка територија се сериозни и можат да имаат големи импликации и на европско тло.

„Се очекува да спласнат тензиите, но последиците може да се идентификуваат во две насоки. Првата е дека Иран поради својата фанатичност кон одмазда за изгубениот командант Солејмани може да предизвика различни терористички активности во САД и Европа. Од друга страна пак, фактот што Иран има многу бегалци и неколкумилионските бегалци во Турција, може да создадат нова тензија во смисла на нов бегалски бран што ќе ја зафати Европа. Дали тензиите ќе завршат само со овие две активности ќе видиме, но во секој случај треба да се биде многу претпазлив, и да се следат насоките на ОН, ЕУ и НАТО, особено бидејќи земјава наскоро треба да стане членка на НАТО“, вели Марковски.

Министерката Шекеринска пак, нагласува дека никогаш не смее да се елиминира опасноста од радикализирани исламистички структури кои се враќаат од тамошните фронтови, но истовремено уверува дека ситуацијата е под контрола.

„Дефинитивно ова е држава која станува членка на Алијансата и држава која веќе произведува и е дел од безбедносен систем“, вели Шекеринска.

Иако се чини дека тензиите на Блискиот исток спласнуваат, за оние што веќе се наоѓаат во тие земји, како и пошироко, македонското Министерство за надворешни работи советува претпазливост и постојано следење на состојбата, а во случај на потреба веднаш да се јават во најблиските дипломатски претставништва на Република Северна Македонија во Анкара, Истанбул, Тел Авив, Доха и Абу Даби.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG