Достапни линкови

Скопје гледа со загриженост на иранскиот напад врз американските бази во Ирак


Архивска фотографија- Советникот за надворешна политика на премиерот и кандидат за амбасадор на Северна Македонија во НАТО Дане Талески

Советникот за надворешна политика на премиерот и кандидат за амбасадор на Северна Македонија во НАТО Дане Талески вели дека на иранскиот напад врз две бази во Ирак со американски војници, нашата земја гледа со доза на загриженост, особено кога се напаѓа најважниот стратегиски сојузник на РС Македонија, Соединетите Американски Држави.

Тој посочува дека нападот врз воени бази на САД со можни жртви и материјални штети, веројатно повлекува вклучување на членот пет од Повелбата на Северноатлантската алијанса според кој ако една нејзина земја членка е нападната, нападнати се сите.

„Ситуацијата особено ќе зависи од обраќањето на претседателот Трамп кој ќе ги даде главните насоки како ќе се однесуваат САД, односно како оправдано ќе возвратат на нападот врз нивната база и војници кои се таму“, вели Талески.

Во разговор за Утрински брифинг, тој рече дека е уверен оти земјата ќе стане полноправна членка на НАТО пред предвремените парламентарни избори договорени за 12 април. Периодот на влегување на државата во алијансата беше доведен во прашање поради тоа што Шпанија немаше влада и поради тоа не можеше да го ратификува протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Вчера лидерот на Социјалистичката партија Педро Санчес во шпанскиот парламент се избори за доверба за формирање влада.

XS
SM
MD
LG