Достапни линкови

Прво одговорност, па реинтеграција на борците од ИД


Експертите апелираат службите да внимаваат на борците на ИД кои се враќаат во земјава, а државата да подготви стратегија за нивна ресоцијализација во општеството. Седумтемина обвинети кои беа вратени дома, веќе ја признаа вината во Суд

Откако седумтемина македонски државјани обвинети за учество во странска војска, паравоени или параполициски формации, ги признаа делата во Кривичниот суд, безбедносните експерти предупредуваат дека припадниците на Исламска Држава (ИД) остануваат сериозна закана за безбедноста на државите од каде што потекнуваат. Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека домашните тајни служби во соработка со странските безбедносни служби мора да внимаваат на повратниците со цел да превенираат евентуална безбедносна закана од нивна страна.

“Клучно е нашите разузнавачки служби да ги идентификуваат тие лица и да преземат соодветни мерки. Тие прво мора да поминат низ казнени мерки. Паралелно треба да се подготви стратегија за нивно прифаќање или ресоцијализација. Треба да бидат вклучени сите во нивната ресоцијализација, Владата, студентските заедници, Исламската верска заедница, образовниот систем, медиумите, и невладините кои ќе работат на адаприрање на новите услови на овие припадници на ИД. Тој процес мора двонасочно да се одвива ако сакаме да се справиме со нив и да спречиме нивно преорганизирање и поврзување на Балканот, зошто многумина од нив биле вклучени во тешки кривични дека и можно е или самостојно или по налог на централата на ИД да направат несакани активности, вели Павле Трајанов.

Самет Шабани од невладината организација “Хоризонт Цивитас” која спроведе истражување на тема “Градење на реинтеграција и иницирање на дијалог за поголема вклученост”, вели дека во државата во моментот не постои ниту една програма за ресоцијализација на тие лица и токму затоа апелира јавните институции да се ангажираат во овој процес.

“Во моментот во Македонија нема сеопфатни активни програми за реинтеграција и ресоцијализација, било за повратниците од конфликтот , но, исто така и за нивните семејства. Нашите проценки како организација се, дека јавните институции треба да се ангажираат во оваа насока да градат мостови на дијалог со нив, бидејќи на крајот на денот тие се жители на оваа држава кои доживувале предизвици во одреден момент во нивниот живот, а не се жители кои треба да се прогонуваат доживотно како последица на овој предизвик или да постојат деградирачки етикетирања на нивното достоинство, што пак јавните институции од време на време практично знаеле да го покажат. Затоа, првиот чекор во насока на реинтеграцијата е промена на пристапот на јавните иснтитуции”, вели Самет Шабани.

Седумтемина македонски државјани, во август минатата година, во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските демократски сили, беа лишени од слобода и предадени на македонските органи на прогонот.

Јавното обвинителство соопшти дека обвинетите со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале на обука во Сирија каде и учествувале како борци на ИСИС во војните во Сирија и Ирак. Обвинетиот кој се терети за две кривични дела – учество во странска војска, паравоени или параполициски формации и терористичка организација бил припадник и на терористичката организација „Исламска држава“.

Оттаму додаваат дека освен учество во паравоените формации надвор од земјава, обвинетите обезбедувале, собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, преку социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица на учество во паравоените формации надвор од Република Северна Македонија.

Министерството за внатрешни работи притворањето на седумтемина странски борци во август го опиша како “акција која е уште еден показател дека институциите на Република Македонија имаат капацитет и кредибилитет да се справат со актуелните безбедносни предизвици и се сериозен партнер во глобалната коалиција за борба против тероризмот“. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред извесен период изјави дека “како одговор на безбедносните ризици, Република Македонија постојано ги надградува своите национални капацитети, согласно безбедносната стратегија и напорите на меѓународната заедница за заедничка борба против тероризмот, притоа исто како и сите земји во регионот и пошироко давајќи и императивен приоритет на борбата против тероризмот”.

Покрај овие седум, се очекува да бидат вратени и останатите терористи од Македонија кои се бореле на боиштата во Сирија и Ирак.

"Вкупно околу 150 македонски државјани учествувале во војните во Сирија и Ирак како припадници на паравоени формации. Од нив, досега во земјава се вратени околу 80 лица. Генерално, нивните патишта до Сирија и Ирак минувале преку Турција, по копнен или по воздушен пат.
Пред да заминат, лицата посетувале верски предавања на радикални имами, некои се радикализирале преку интернет (социјални мрежи), а некои преку лични контакти, од кои добиле и логистичка поддршка за нивно заминување и приклучување кон тамошните паравоени формации", информираат од МВР.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG