Достапни линкови

Македонија, со влегување во НАТО, побезбедна од тероризам


Архивска фотографија

Македонија поради специфичната геостратешката положба и мултиетничноста е секогаш под ризик од конкретен терористички акт, велат експертите. Од тие причини, тие сметаат дека определбата да влеземе во НАТО и ЕУ ќе значи поголема безбедност во рамките на еден глобален систем.

Со оглед на тоа што терористичките закани не ја избегнаа jугоисточна Европа експертите оценуваат дека потенцијална опасност од тероризам не е исклучена и во Македонија, но нагласуваат дека во овој момент тоа е малку можно. Тие укажуваат дека Македонија од геополитички аспект не прави нешто специфично што би го привлекло вниманието на тероризмот на нејзина територија, а оти и сите акти се насочени кон западна и средна Европа.

Говорејќи за проблемот на заминување на државјани на Македонија на странски боишта и парабоишта, Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност подвлекува дека државата има закон за кривично санкционирање на таа појава. Тој меѓутоа укажува дека повратниците од странските боишта претставуваат реална закана на микро ниво и оти е потребно да се води сметка за нивната дерадикализација.

„За Македонија може да биде карактеристично дејството на микро локациско ниво, со оглед дека поголем број, преку 180 луѓе од Македонија, учествуваа во борбени дејства на Блискиот исток, пред сè во Сирија и Ирак, од каде 80 се вратени во Македонија и со нивното враќање ја носат идеолошката матрица на ИСИС. Од тој аспект тие може да бидат потенцијална опасност за безбедноста во местото на нивно живеење, бидејќи тие може да предизвикуваат и разни терористички акти потпомогнати од нивната попримена идеологија. Но, Македонија веќе има изградено законска регулатива во врска со учеството на македонските граѓани во странски или паравоени трупи и од тој аспект тие не само што ќе бидат санкционирани, но истовремено Македонија има стекнато искуство со овие лица во смисла на ресоцијализација и од нив не сме имале некој посериозен атак врз безбедноста”, изјави Марковски.

До неговиот коментар доаѓа по најновиот извештај на Стејт департментот за тероризмот и насилниот екстремизам во кој се наведува дека Македонија соработува со САД во антитерористичките напори. Се посочува дека македонските власти проценуваат дека припадници и симпатизери на ИСИС се присутни во државата.

МВР и разузнавачките агенции проценуваат дека најмалку 150 македонски државјани патувале за да им се приклучат на терористичките групи во Сирија и во Ирак. Од нив, 30 се убиени, 40 и понатаму се присутни таму, додека 80 се вратиле во Македонија, стои во извештајот на Стејт департментот.

Членството во НАТО ќе ја намали опасноста од тероризам

Осврнувајќи се врз проблемот со тероризмот универзитетскиот професор Стефан Буџаковски вели дека Македонија во рамки на борбата има активна улога во сите меѓународни организации за преземање мерки за сузбивање на тероризмот и оти соработува со највисоките безбедносни служби за сузбивање на тероризмот, преземајќи мерки. Тој вели дека со тоа што Македонија е земја придружничка во борбата против тероризмот, таа е и цел за предизвикување на терористички акт. Коментирајќи ја опасноста oд зголемување на интересот за предизвикување напади со влезот на Македонија во НАТО, Буџаковски вели дека токму определбата за влез во НАТО е важна одлука и за зајакнување на политиката на одбрана и превенција, и борбата против тероризмот. Македонија се смета за ризично подрачје, бидејќи од Македонија државјани учествуваат во терористички акти во други држави, како што е со ИСИС и други терористички организации. Имавме случаи во Европа и САД, вели тој.

„Македонија поради специфичната местоположба, геостратешката положба, мултиетничноста е секогаш под ризик да биде предизвикан конкретен терористички акт и од тие причини определбата да влезе во НАТО и ЕУ ќе значи поголема безбедност во рамките на еден глобален систем. Ние припаѓаме на тој глобален систем во НАТО како придружна членка, но ако бидеме активна членка положбата во борбата е сосем поинаква”, вели Буџаковски

Последните уапсени борци на ИСИС во Сирија и Ирак, кои се македонски државјани, беа седумтемина борци кои во август беа донесени од американската војска на Меѓународниот аеродром Скопје.

Претходно, во април италијанските власти уапсија македонски државјанин поради сомнение за подготовка на терористички напад.

Во извештајот на Стејт департментот се наведува дека Македонија презема мерки за зацврстување на легислативата и зајакнување на капацитетите за борба против тероризмот и неговото финансирање, како и за зајакнување на сајбер безбедноста и соработката со меѓународните партнери.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG