Достапни линкови

Македонецот во странство: Довидување или збогум


Последните истражувања поврзани со иселувањето покажуваат дека желбата на младите да си заминат од Македонија е присутна. Оние кои се во странство велат дека животот и таму не е лесен. Болната вистина е дека се додека не се создадат поволни услови, повеќето од нив не размислуваат да се вратат дома.

За десеттина дена младиот Миле Глигоровски од Скопје ќе замине од својот роден град и иднината ќе ја продолжи во Берлин. Дипломираниот гастроном во главната германска метропола ќе работи како готвач во еден од хотелите таму. Неговата потрага по работно место во Германија почнала пред шест месеци кога се пријавил на неколку интернет огласи за работа како готвач.

„Седнав еден ден пред компјутер, најдов еден куп огласи за работа, испратив биографија и дипломи и едноставно ми вратија неколку повратни одговори. Еден работодавач беше сериозно заинтересиран, ми ја испрати потребната документација, поднесов во германска амбасада, чекав термин, ми се јавија, отидов на интервју, добив виза и така“, раскажува Глигоровски.

Работната виза младиот скопјанец ќе ја продолжува автоматски, со продолжување на договорот за работа. Негова обврска засега е само да се пријави во општината во која ќе престојува и работи. Глигоровски вели дека во Германија оди не само од економски причини, туку и поради општествено-социјалните можности што ги нудат развиените европски земји, иако признава дека и заработувачката таму е многу поголема.

„Ќе работам на смени, пет дена во неделата по осум часа, што е многу подобро од тука. Тука се работи повеќе од осум часа, шест дена во неделата, а примањата, платите се неспоредливи“, вели Миле.

Градежни работници, медицински техничари, возачи, мајстори, електричари, бравари, столари...Овие се профилите кои во моментот најмногу се бараат во повеќето западноевропски земји, а се поголем број граѓани од земјава се обидуваат да одговорат на овие предизвици. Од агенциите кои посредуваат за вработување во странство велат дека последниот период процедурата е усложнета и подолготрајна, односно дека за термин во амбасада сега се чека и до една година. Основните документи кои се потребни да ги има потенцијалниот работник кој ќе замине од дома се работниот договор, потврда за сместување, потврда за познавање на јазик доколку се работи за квалификувани кадри итн.

Црн пазар на труд, со државен печат
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:33 0:00

Германија ги менува правилата за доселување

Една од најпосакуваните дестинации за заминување е Германија. Од германската амбасада во Скопје соопштуваат дека на почетокот на 2020 година ќе влезат во сила нови правила за доселување на стручни лица. Новиот закон ги проширува можностите за квалифицирани работници од земји, кои не се членки на ЕУ, со цел тие да дојдат во Германија за да работат.

Пред да се поднесе барање за виза, заинтересираните мора да имаат официјално признавање на нивната професионална квалификација. Тоа се издава исклучиво од страна на официјални институции. Им се препорачува на заинтересираните стручни лица да ја отпочнат постапката колку што е можно порано. Откако ќе го добиете официјалното решение за признавање на квалификацијата, стручните лица може да поднесат барање за виза за да дојдат во Германија и да прифатат понуда за работно место, за кое ја имаат соодветната квалификација.

Во случај ако германските институции ја признале квалификацијата само делумно, заинтересираните може да добијат виза која ќе се издаде со намена за усовршување и квалифицирање во Германија. Под одредени услови, тие може и да работат за време на периодот на усовршување.

Лица кои располагаат со доволно добри познавања на германскиот јазик и финансиски средства за подмирување на животните трошоци, може да поднесат барање за наменска виза за барање на работа. Таа виза важи шест месеци. Ученици со завршено средно образование, не постари од 25 години, може да дојдат во Германија за период до шест месеци, за да аплицираат за место за стручно образование, ако врз основа на нивната диплома од училиштето имаат право на високо образование, поседуваат добри познавања на германскиот јазик (ниво Б2) и располагаат со доволно финансиски средства за покривање на животните трошоци.

За стручни лица постари од 45 години, ќе важат малку поинакви правила. Ако тие доаѓаат во Германија со цел да работат, мора да достават договор за работа со одредена минимална плата или доказ за соодветни пензиски примања.

Животот на Македонците во западноевропските земји

Дваесет и седумгодишната Андреа Угриноска од Скопје повеќе од три години живее во Лондон. Работи во секторот за интернационални односи во Британскиот младински совет. Вели дека отсекогаш сакала да патува и се вљубила во концептот на слобода на движење, откривање на нови култури, стекнување квалификации надвор од конфорната зона. Пред да замине во Лондон, таа била на мастер едукација во Брисел, а нејзиниот почеток во англиската престолнина, воопшто не бил лесен.

„Мислам дека ми беше полесно да седам во Брисел, отколку да отидам во Лондон, бидејќи Брисел има многу силна балканска дијаспора која ти помага во врска со документите кои ти требаат. Го има тоа и во Лондон, но таа дијаспора е многу понедостапна и не секогаш помага во вакви случаи. Се правев сама, од нула и мислам дека ми треба некои четири месеци додека чекав дали ќе ми дадат виза. Јас ја имав работата, но чекав виза и малтене работев од дома тие неколку месеци“, се присетува Угриноска.

Угриноска вели дека животот на македонски државјанин во некоја од европските земји е вистински предизвик. Сите земји имаат правила како ЕУ мигранти треба да функционираат, освен ние, за нас има многу малку, тешко се наоѓаат тие податоци.

„Првиот предизвик е наоѓање стан во Лондон. Многу различно функционира пазарот, мора да има голем депозит да платиш пред да го изнајмуваш станот. Потоа не можеш да направиш буквално ништо без да се регистрираш во локалниот совет, без тоа писмо кое го има твоето писмо со адреса на живеење не можеш да отвориш банкарска сметка, да се регистрираш во Заводот за вработување, не можеш ништо. Паралелно на тоа има и онлајн банки, кои се малку пофлексибилни, но сепак е тешко...Потоа ви треба број за социјална и здравствена заштита преку кој се плаќа данокот на државата. Најголемиот проблем за мене беше што по влегувањето за визата мора да аплицираш за добивање на постојана дозвола за престој, а потоа дури да аплицираш за добивање пасош“, вели Угриноска.

Живка Давиткова пак своето родно место го напуштила пред 25 години, откако нејзиниот сопруг неколку месеци порано заминал во италијанското гратче Канели. Таа вели дека заминале брзо и без премногу процедури, а уште полесно нашле работа.

„Маж ми отиде преку агенција, таа ги пренесуваше преку граница, а потоа секој се снаоѓаше како знае и умее. Јас отидов неколку месеци после него, откако ми ги прати потребните документи“, раскажува Давиткова.

Живка работи во фабрика за дрвна индустрија. Вели дека кога стигнала во Италија познавањето на италијанскиот не било неопходно за да добие работа, но многу брзо го научила јазикот. Денеска таа и нејзиниот сопруг имаат своја куќа, а секој одмор го користат за посета на родната Струмица.

„Во времето кога јас отидов, работа имаше насекаде. На улица да излезеш и да прашаш веднаш се наоѓаше работа. Никој не прашуваше дали знаеш јазик или не, нив им треба работник. Одевме во општината и ти издаваат работна виза и со неа си работиш, визата постојано ти ја продолжуваат. Денес е многу потешко да се снајдеш во Италија. Сега секој документ се плаќа, се оди во пошта да ги поднесеш документите, се тоа чини пари, сега навистина се сменети условите“, вели Давиткова.

Од здружението Реактор-истражување велат дека последните анкети ја потврдуваат континуираната желба на младите луѓе да се иселат од земјава. Проблемот е присутен, а решението воопшто не е лесно.

„Овој долгорочен процес за решавање на перспективата на младите во оваа држава има повеќе сегменти. Од една страна работни места кои политичките партии пробуваат да ги протнат, демек еве отвораме работни места, но многу поважно е прашањето какви се тие работни места. Дали тие работни места отвораат перспективи за понатамошно развивање на младите. Од друга страна пак треба да работиме на себеси како политички систем да ги вклучиме младите во носењето одлуки. Односно тие да бидат дел од системот и да знаат дека тие имаат одговорност и можност да влијаат врз она што се носи за нив“, вели Блажен Малевски, истражувач во здружението на граѓани Реактор- истражување.

Но, реалноста е дека многу други млади кои се отселија од државата не се вртат назад и не размислуваат за враќање дома. Глигоровски вели дека доколку Германија му понуди повеќе можности, во земјава би се враќал само за да ги види роднините и пријателите. Но, Угриноска пак посочува дека би се вратила, но тогаш кога за тоа ќе „созреат“ условите дома.

„Јас сум жедна за прилика да се вратам дома, но во околина во која не мора да го добивам истото што го добивам тука, меѓутоа во средина каде што ќе можам да ја градам таа култура со истомисленици, со луѓе коишто сакаат да работат, да го жртвуваа своето време, да го променат светот. Не гледам еден успешен пример кој би можела да го искористам за да се вратам, не гледам можност за која би се вратила и во која мојот талент и се она што сум го стекнала да биде искористено. Меѓутоа во првиот момент кога ќе видам дека има простор за тоа, јас веднаш би се вратила“, заклучува Угриновска.

Трендот на иселување продолжува

Последното истражување поврзано со трендот на иселување изработено од германската фондација „Фридрих Еберт“,покажува дека повеќе од две третини од испитаниците млади имаат желба да ја напуштат државата. Половина од нив преземаат конкретни мерки, а другата половина засега само сака да се пресели во западните земји. Податоците од студијата се направени во 2018 и 2019 на повеќе од 10.000 испитаници на возраст помеѓу 14 и 29 години во 10 држави од Југоисточна Европа. За повеќето млади луѓе (48,3 %), главна причина за иселување е подобрување на животниот стандард. Најпосакувана дестинација им е Германија, а веднаш по неа Швајцарија. Според некои други анализи пак, во изминатите дваесетина години Македонија ја напуштиле помеѓу 450 и 600 илјади луѓе.

„Генерално е многу тешко да се каже колку навистина се отселиле иако можеби законската рамка на државата предвидува дека треба да се одјават луѓето коишто се отселуваат. За жал таа практика никогаш не е воспоставена во имплементација на тој закон. Од друга страна пак во изминатите неколку години, истражувањата релативно слични податоци покажуваат, а тоа е дека половина од младите сакаат да се иселат. Една третина од нив веќе преземаат чекори да се иселат, а тоа е контакт со пријатели роднини кои можеби се веќе во странство. Во однос на податоците значи гледаме дека постои еден континуитет на желбата на младите да заминат од државата. Последните истражувања на Вест минстер фондацијата и на Фридрих Еберт фондацијата покажуваат слични податоци, односно дека младите имаат желба да заминат од државата“, вели Малевски.

На неодамнешниот Регионален форум на млади лидери кој се одржа во Србија, зборувајќи за причините за иселувањето на младите, претседателот Стево Пендаровски рече дека кога не би бил претседател и самиот би се селел од неговата држава. Претседателот подоцна се дообјасни посочувајќи дека изјавата му е протолкувана во дневно политички цели и дека тој всушност зборувал за изгубените перспективи по 18 октомври кога ЕУ не донесе одлука за датум за почеток на преговорите со земјава и лошото влијание врз иселувањето на младите.

Според првиот човек во државата за да се спречи ова треба да се направат две клучни работи - без разлика на чекањето одлука од ЕУ да се направат сериозни реформи во клучни области како владеење на правото и да се спречи претераната партизација во сите сфери на општеството. Досега, вели претседателот Пендаровски, ниту една политичка партија или субјект не направил доволно за да се намали трендот на иселувањето.

Животот на илегалните имигранти во Шведска

Меѓу илјадниците туристи и жители на Шведска, доаѓаат и мигранти за да работат илегално. Истрагата на шведската ТВ4 и Радио Слободна Европа откри измама преку која им се обезбедуваат броеви од даночните власти, што им се потребни за да добијат работа. Најмалку едно од инволвираните лица работело и во шведската гранична полиција.

Гоце Атанасов

Еден мигрант од Узбекистан вели дека запознал човек кој можел да ја отклучи вратата на пазарот на трудот во Шведска. За да го заштити неговиот идентитет, ТВ4 му го даде името Џасур, а неговиот глас е заменет. „Го запознав преку моите пријатели“. На новинарско прашање колку платил за тоа тој одговора дека платил 200 американски долари. Една библиотека во предградието на Стокхолм е местото каде што бил склучен договорот. Џасур му го предал пасошот и нешто пари на човек што ТВ4 го дава со псевдонимот Акмал.

„Тој ми рече да почекам некое време. Тој рече дека морам да работам, морам да отворам банкарска сметка и да плаќам даноци.“

Акмал требаше да регистрира стар автомобил на име Џасур. Ова е направено во националната агенција за транспорт, Транспорстрајрсен. Даночниот орган му дал нешто многу слично, наречено координативен број. Пиа Бергман од шведската даночна агенција вели:

„Овој број менува сè. Ја отклучувате влезната точка во Шведска. Ја отклучувате можноста да работите овде, ја отклучувате можноста да добиете банкарска сметка тука, да добиете адреса.“

Истрагата на РСЕ откри дека Акмал користел адреса во една станбена зграда за трансакциите. Документите од агенцијата за транспорт ја покажуваат адресата што се користела за регистрација на стари автомобили повеќе од 1.000 пати во последните три години. Повеќето од тие 1.000 луѓе што се здобиле со даночни овластувања од Акмал биле мажи, но имало и некои жени. Една од нив, исто така од Узбекистан вели дека жените со овие броеви се ранливи на сексуална експлоатација.

„Ми понудија работа ако се согласам да работам бесплатно една недела. Кога таа недела заврши, тие ми дадоа избор: или да спиете со шефот, или нема да ја добиете работата. Каков избор имате? Многу жени го вртат лицето, размислуваат за своите деца и одат преку тоа. Тие одат заедно со тоа. Тие го прават тоа затоа што им треба. Ним им требаат пари за да ги издржат своите деца. Јас не можев да минам преку тоа.“

Лицата кои се стекнале со даночни лични броеви преку „Акмал“ работеле во градежништво и угостителство, но и универзитетската болница во Стокхолм, и во најголемиот трговски центар во Скандинавија. Многумина за помалку од минималната плата, а честопати воопшто не биле платени. Работата честопати е преку разни странски агенции. Засегнатите компании пак велат дека тоа не го правеле намерно. Но, водечкиот специјалист за измами Андерс Бјоркенхајм е скептичен.

„Тие го направија ова, нивниот деловен план или барем дел од него, за да ги разместат меѓу другите вработени. Не прашуваат. Можеби имаат број на координација, можеби дури и сметка во банка. Сè на сè, вклучително и трудот на црниот пазар, ова не е ништо друго освен државно ропство.“

Во секој случај и работниците и работодавачите го кршат законот. Бјоркенхајм покажа огласи преку Интернет кои отворено нудат користени автомобили како начин за добивање на броеви за координација. Акмал, се чини, не е единствената личност што користи дупка за канализирање на илегална евтина работна сила во Шведска.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG