Достапни линкови

Пендаровски за иселувањето - во објаснувањата требаше да бидам поблаг


Архивска фотографија- претседателот Стево Пендаровски

„Можеби во тоа објаснување на реалната ситуација треба да бидам поблаг“, рече денеска претседателот Стево Пендаровски за неговата изјава дека за иселувањето од државата. Според него таа тема треба да се стави надвор од партиските препукувања, а партиите да договорат заедничка стратегија.

Претседателот Стево Пендаровски денеска рече дека е изненаден што неговата изјава на форумот во Нови Сад била толкувана дома во дневно партиски контекст. Тој на Регионалниот форум на млади лидери кој се одржа во соседната земја зборувајќи за причините за иселувањето на младите рече дека кога не би бил претседател и самиот би се селел од неговата држава.

Денеска во Скопје, по средбата со Сојузот на синдикати, претседателот одговорајќи на новинарско прашање дали не смета дека изјавата звучеше демотивирачки рече дека „допушта“ такви толкувања.

„Допуштам дека сте во право и дека оние кои така ја сфатиле мојата изјава тоа и го мислат. Примив и јас такви реакции дека можеби во тоа објаснување на реалната ситуација треба да бидам поблаг. Се согласувам, еве да прифатам и дел од вината за лошиот вординг како велите вие помладите“, рече Пендаровски.

Неговата изјава предизвика низа реакции, а од ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваа и на прес-конференции и со соопштенија. Оценките на опозициската партија се дека со таквата изјава Пендаровски покажувал дека знае оти Македонија со Заев не може да се помести од мртва точка и дека претседателот повикува на масовно иселување поголемо од она што се случува на истокот, додека, како што наведуваат од партијата, владата лаже дека блескаме.

Претседателот вели дека во Нови Сад не зборувал ниту за ВМРО-ДПМНЕ, ниту за СДСМ, туку за изгубените перспективи по 18 октомври кога ЕУ не донесе одлука за датум за почеток на преговорите со земјава и лошото влијание врз иселувањето на младите.

„Јас мислам дека сите ние што сме биле или сме на власт и имаме некаква функција во нашава држава е тоа прашање, тие стравично лоши демографски трендови кај нас да ги исфрлиме од дневно политичката агенда, да не бидат предизборно или изборно прашање. Второ, предлагам сите ние што сме биле досега или сме сега на власт да им се извиниме на македонскиот народ и на македонските граѓани што не сме направиле доволно да ги спречиме тие девастирачки демографски тенденции заради кои и во 2011 година не можевме ниту попис да направиме и при крај беше прекинат со директна политичка интервенција кога се виде колку малку луѓе сме останале“, рече шефот на државата.

Според него за да се спречи ова треба да се направат две клучни работи - без разлика на чекањето одлука од ЕУ да се направат сериозни реформи во клучни области како владеење на правото и да се спречи претераната партизација во сите сфери на општеството. Досега, вели претседателот Пендаровски, ниту една политичка партија или субјект не направил доволно за да се намали трендот на иселувањето.

Инаку тој на Регионалниот форум на млади лидери рече дека шансата да се задржат младите луѓе во регионот е во тоа Западен Балкан да почне да ги користи сопствените ресурси и да продолжи со регионални автономни инцијативи, создавајќи нешто како мала ЕУ. Пендаровскиистакна дека младите во регионот имаат право да бараат работа низ светот доколку политичарите не им пружат соодветна перспектива.

„Тие имаат само еден живот, сите имаме само еден живот и никој не е луд да го троши додека преговорите со ЕУ траат со години, а притоа просечната плата во земјата земја изнесува 400 евра. Кога не би бил претседател и самиот би се селел од мојата држава“, рече Пендаровски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG