Достапни линкови

Младите се иселуваат од Балканот, доаѓаат азиски работници


Илустрација.

Во Македонија се намалува нивото на невработеноста, но истовремено и натаму значителен број работници бараат работа во странските поразвиени земји. Земјите од Балканот кои се дел од ЕУ се соочуваат со недостаток на работна сила и поради тоа регрутираат работници од далечните азиските земји.

Ако до пред неколку години приходите и условите за работа беа клучни за голем број луѓе да заминат од Македонија, во моментов од многумина може да се слушне дека на таков чекор се одлучуваат поради загадениот воздух во земјава. Исто така друг клучен фактор, како што објаснуваат упатени, е континуираната политизација на многу сектори.

Невработеноста во Македонија според достапните статистички податоци се намалува, но и натаму значителен број заминуваат на работа во странство, бидејќи поразвиените земји се соочуваат со недостаток на работна сила и поради тоа ги привлекуваат работниците од Македонија и регионот главно преку олеснување на документацијата.

Дарко Велков од компанијата „вработување.мк“ која поврзува работодавци и работобаратели, вели дека во вакви услови Македонија мора да понуди подобри услови за работа во приватниот и во државниот сектор. Според него постојат можности да се направат и подобрувања во платите.

„Мое лично размислување е дека и да ги имаме најидеалните услови, доколку Германија денеска посака дека и требаат милион луѓе коишто ќе работат во нивните фабрики, таа ќе ги ослободи нивните опции за вработување и веднаш ќе повлече луѓе од сите балкански земји. Тоа се случува моментално буквално во сите балкански земји“, вели Велков.

Иселување - наместо домашни, странски работници
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:52 0:00

Заминувањето во странство создаде ситуација кога моментално веќе се чувствува дефицит на работници во земјава, особено занаетчии: бравари, водоводџии, паркетари, ѕидари, лимари, кондураџии, оџачари, како што велат од Занаетчиската комора на Македонија каде работат на креирање електронски регистар за да добијат точна бројка на дефицитарни занаети во државата.

„Заминувањето се случува со децении поради недоволната работа со занаетчиите. Државата мора да се погрижи повеќе за нас занаетчиите. Занаетчиите кај нас се квалитетни, и кога одат по белиот свет нивната работа многу повеќе се исплаќа. Затоа ни фалат многу занаетчии и тие одат во странство“, вели претседателот на Занаетчиската комора на Македонија Агрон Фазлии.

Тој сепак раскажува дека има и такви кои одлучуваат да се вратат во земјата, главно постарите занаетчии како на пример фризери, шминкери и козметичари.

„Треба да се погрижиме и нив да ги имаме, бидејќи навистина побарувачката во странство за занаетчии е огромна. Но трендот е таков, гледаме дека младите сакаат да одат надвор и тоа е болна точка кај нас“, вели Фазлии.

Велков додава дека во земјава во моментов има значителен број на понуди за работа во категорија до 500 евра плата, но објаснува дека истовремено има и баратели на работа кои одбираат помалку да работат за помалку примања.

Тој објаснува дека во земјата и натаму нема доволно соодветен кадар за барањата на приватниот сектор, но и дека компаниите во моментов најмногу бараат искусни работници, а доколку такви нема, повеќе се бараат оние кои имаат потенцијал да постигнат напредок.

Според него, дел од државната стратегија за зголемено вработување во земјава, треба да биде организација на курсеви за брза обука на работници, а оние кои заминуваат во странство треба да станат промотори на државата, на пример да добиваат субвенции доколку купуваат производи кои се произведуваат во Македонија.

„Друга работа што може државата исто да направи е во неколку фактори кои навистина кај нејзе зависат. Тоа е екологијата која на многу луѓе во денешно време им смета и во сите разговори и интервјуа што ги имам, во голем дел спомнуваат дека загадувањето навистина им смета и е еден од факторите зошто луѓето си одат. Потоа е политизацијата на многу нивоа и многу сектори и тоа се некои клучни фактори“, вели Велков.

Освен занаетчии, заминуваат и значителен број луѓе од угостителскиот сектор. Според потпретседателот на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија Горан Дамчевски, ваквиот проблем се јавува поради тоа што ниту една влада не успеала да направи атрактивност на угостителскиот сектор.

„Министерството за образование нема соодветна стратегија, нема визија како да го направи атрактивен туризмот во Македонија, за разлика од соседните и од европските држави што видоа дека има потенцијал во таа стопанска дејност. Значи ако направите вие да биде атрактивен туризмот како дејност, тогаш и новите ученици заради атрактивноста ќе сакаат да бидат готвачи, да имаат добар сервис и т.н.“, вели Дамчевски.

Велков додава дека и натаму во земјава има големи структурни разлики во однос на она што го нуди пазарот на трудот и она што го бара општеството.

„Стручното образование мора да биде приоритет број еден, бидејќи само 12 до 13 проценти од општеството завршува стручно образование. Во тие 13 проценти само три струки влегуваат, сите останати се со уште помал процент и тие се во медицинската струка и туризмот. Замислете колкави се дупките помеѓу тоа што бара и што нуди нашето образование“, вели Велков.

Стапката на невработеност во второто тримесечје од оваа година изнесувала 17,5 отсто, според Државниот завод за статистика, за разлика од 2018 година кога 20,7 отсто биле невработени.

Последните податоци покажуваат дека бројот на активно население изнесува 962.463 лица, од кои вработени се 794.283, а невработени 168.180.

Работници од Азија на работа во Романија и Унгарија

Гоце Атанасов.

Соочени со зголемен недостиг на работна сила Романија и Унгарија почнаа да им се додворуваат на азиските работници, и покрај антимигрантската реторика на унгарскиот националистички премиер Виктор Орбан.

Со жолти шлемови на главите околу 30 луѓе работат на градилиште јужно од Букурешт. Градоначалникот на четвртата област Даниел Балута вели дека градот бил принуден да регрутира далеку од границите на ЕУ.

„Многу се изненадив кога видов дека четвртата област ги има потребните пари, има проекти, но нема доволно луѓе да ја завршат работата“.

И во соседната Унгарија, владата тивко го отвори пазарот за странските работници. Оваа година издаде 75.000 дозволи, главно за работници од Украина, но и некои од Виетнам, Кина и Индија. Тоа е многу повеќе од 13.000 дозволи во претходните години.

„Невозможно е да се реализира голем проект без странски работници“, велат бизнисмените, додавајќи дека за да ги задржат унгарските работници треба да им платат повеќе и да им обезбедат подобри услови за работа.

Само во градежништвото, потребни се околу 50.000 дополнителни работници. Во близина на Будимпешта дури е изграден и таканаречен „град на контејнери“ за сместување на 2.500 странски работници.

Романија пак, издаде над 11.000 дозволи за работа во првата половина од годинава за да го пополни недостатокот што го оставија четирите милиони нејзини граѓани кои емигрирале на север во потрага по подобра плата.

Најбројни се Виетнамците, Молдавците и оние од Шри Ланка. Многумина се ангажирани од компании за вработување специјализирани за азиски труд. Корина Константин, директор на фирмата за вработување Мулти профешнал солушн вели:

„Побарувачката расте. Повеќето од нашите клиенти започнуваат со пилот-проект што е нормално, затоа што тоа е нова област за романските работодавци и тие сакаат да се уверат дека тоа е она што им треба на нивната компанија. Во сто отсто од случаите се развиваме кон поголем проект. Азиските работници се добро интегрирани во Романија и работодавците се задоволни од нив“.

Според една студија, четворица од пет романски работодавци имаат потешкотии во пополнувањето на работните места. Со вкупна работна сила од нешто над 5 милиони, на оваа земја - една од најсиромашните во Европа – и недостигаат околу 300.000 работници.

Градоначалникот Балута вели дека 500 Виетнамци вработени во градежништвото во неговата област добиваат околу 900 евра месечно, што е третина повеќе од просечната плата во Романија.

„Очекувам експоненцијален пораст на овие работници во следните години. Зошто? Бидејќи потребата за работници во земјата е огромна и ресурсите што ги имаме сега се далеку од доволни да ја покријат таа потреба“.

Во истовреме, синдикалците обвинуваат за нелојална конкуренција на пазарот на трудот.

„Кога тие патувале илјадници милји за да најдат работа, очигледно е дека тие ќе се послушаат без да трепнат и да работат неплатено прекувремено од страв дека ќе бидат испратени назад во нивната земја“, вели синдикалецот Думитру Костин.

И во Унгарија, синдикалците го делат истото мислење. Золтан Ласло, шеф на Металуршкиот синдикат оценува дека унгарските работници исто така се под притисок на своите шефови кои им велат дека се „лесно заменливи“ од Украинците, Монголците или Виетнамците.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG