Достапни линкови

Со нови бизниси да се стави стоп на иселувањето


Tрибина за претприемништво и селување на млади во Битола во организација на Младинскиот културен центар.
Tрибина за претприемништво и селување на млади во Битола во организација на Младинскиот културен центар.

Со години ви битолско се отвораат сè помалку бизниси. Во 2011 имало 1020 нови фирми, а во 2016 само 696. Со развој на претприемништвото може да се запре иселувањето на младите, предлагаат упатените.

Битола отсекогаш била печалбарски град, но во последните години е зафатена од нов голем иселенички бран кој ги празни домовите, улиците и училиштата. Нема официјален податок колку битолчани заминале низ светот во потрага по подобар живот. Но, се претпоставува дека ги има неколку илјадници, пред сè млади лица и брачни парови.

Ваквата состојба се одразува и врз економијата во Битола. Според Државниот завод за статистика во Пелагонискиот регион во 2016 година новосоздадени претпријатија имало 696, во 2015- 978, а во 2011 година 1020. На годишно ниво во овој регион згаснуваат околу 700 бизниси.

Со цел развивање на претприемничкиот дух и запирање на иселувањето деновиве во Битола се одржа и трибина во организација на Младинскиот културен центар.

„Наша интенција е преку отворањето на нови бизниси да поттикнеме стоп на иселувањето на младите од државата, голем проблем што ја мачи Македонија и регионот воопшто и очекуваме дека ќе се намали бројот на млади квалитетни кадри да се иселуваат од државата“, рече Сашо Додовски од Младинскиот културен центар во Битола.

Во Битола активни деловни субјекти минатата година имало 3841, од кои 2705 микро и 1085 мали претпријатија, 28 средни и 23 големи.

„Треба особено да се работи на развојот на претприемништвото и на мотивација на младите да формираат старт ап бизниси. Треба да најдат активна примена на тие старт ап бизниси во аутсорсинг услуги на веќе етаблираните компании во Македонија. Пратејќи ги нив и тие ќе растат по нивниот пат и ќе добиеме мултипликација на бруто домашниот производ“ , рече претприемачот Христо Кондовски.

Експертите сметаат дека на претприемничкиот дух посебно му пречат традиционалните размислувања што постојат меѓу населението дека сигурна работа е само онаа во државно.

„Генерално позитивно е што младите се одлучуваат да создадат бизниси. Но, сепак не е лесно зашто Македонија е земја сѐ уште во транзиција, излегуваме од еден минат систем каде имате пред сѐ родители дома кои викаат дај да ве вработиме некаде плата да се земате и осигурување. Во тој момент кога полека ќе го снема ваквите убедувања, кога ќе имаат и дома поддршка и од пријателите и од целокупниот систем, мислам дека ќе бидеме на добар пат“, рече Димитар Ристовски, извршен директор на Европска бизнис асоцијација.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG