Достапни линкови

Видео надзор само за безбедност, во спротивно нема приватност


Стотици камери низ Скопје секојдневно вршат видео надзор. Од МВР најавија надградба на системот за ловење на сообраќајни прекршоци. Според упатените, постои можност правата на граѓаните да бидат злоупотребени од будното око на МВР.

Камерите поставени низ Скопје го снимаат секојдневното движење на граѓаните низ градот, но тие засега се користат само за надзор. Во одредени случаи по наредба на јавен обвинител, дел од снимките се користеле како доказ при нарушување на јавниот ред и мир и за разрешување на кривични дела, најчесто за сообраќајки со жртви или со тешко повредени, како и за сообраќајни незгоди со големи материјални штети. Од МВР пред некој месец најавија дека безбедносните камери ќе се користат не само за надзор, туку и за санкционирање на несовесните возачи.

Претходната Влада уште во 2012 година најави дека преку камерите ќе се ловат оние возачи кои прават сообраќајни прекршоци, а после седум години никој не е казнет. До пред две години, според МВР, камерите биле користени од УБК само за надзор, а се планира надградба на системот и поставување на нови камери не само низ Скопје, туку и на автопатиштата со цел зголемување на безбедноста.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски вели дека веќе се работи на реализација на најавениот проект.

„Во тек е проект каде што ќе воведеме камери на автопатиштата, обиколницата Скопје и во градовите, пред сè во Скопје, но и во неколку други градови и на тој начин фактички ќе ги санкционираме сообраќајни прекршоци и ќе обезбедиме побезбедно одвивање на сообраќајот. Сега во моментов има дел од камерите кои што се поставени во претходниот период во Скопје, но поради нивната несоодветност и треба сето тоа се уште и законски да се регулира тие сега се користат за решавање на случаи со нарушување на јавниот ред и мир и за разрешување на кривични дела и други случаи“, рече Ангеловски.

Видео надзорот е регулиран во Законот за заштита на личните податоци и може да се користи по три основи, вели Драган Ѓорѓиевски независен експерт и поранешен директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

„За контрола на влез и излез од затворен простор, за заштита на живот и здравје на луѓето и за заштита на сопственоста. Сè што не може да се опфати по овие три категории се смета за недозволено за инсталација на видео надзор“, вели Ѓорѓиевски.

Улични камери – меѓу безбедноста и слободата
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:41 0:00

Во нашата држава прв пат се инсталирани вакви видео камери за надзор во 1999 година кога премиер беше Љубчо Ѓорѓиевски и покриена со нив била трасата на неговото секојдневно движење од резиденцијата до Владата, посочува поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.

„Инаку тие се неопходност, затоа што на тој начин во суштина ја имате на дланка целокупната ситуација, сè она што се случува во градот. Тоа е пракса во сите градови, посебно во поразвиените држави“, истакнува Трајанов.

Ѓорѓиевски додава дека дозволен основ е да бидат под видео надзор учесниците во сообраќајот бидејќи станува збор за општата безбедност.

„Меѓутоа тука има мал милион други прашања, односно за примена на технички и организациски мерки за да се биде во согласност со прописите и принципите на заштита на личните податоци. Така што не е едноставна работата. Генерално одговорот е дека ова е дозволен основ за поставување на видео надзор за следење на сообраќајот“, смета Ѓорѓиевски.

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци наведуваат дека видео надзорот и следењето преку монитори е во постојан пораст и во земјава. Податоците кои се собираат при видео надзорот, најчесто се слики, кои се однесуваат на идентификувано лице или на лице кое може да биде идентификувано, директно или индиректно, со цел да се следи неговото однесување. Како што се шири следењето на луѓето преку видео надзор така се намалува слободата на движење и однесување на луѓето и нивната приватност.

Овие системи треба да се користат исклучиво за намената, односно видео надзорот поврзан со безбедноста на граѓаните не смее да се злоупотребува, вели Трајанов.

„МВР, односно УБК долго време ги користела овие системи исклучиво за нивни потреби. Мислам дека тука имало огромна можност да се злоупотребуваат тие видео снимки за компромитација на одредени личности, за уценување, затоа што може секого да снимите со кој се движи. Значи навлегува во голема мера во приватноста на граѓаните“, смета Трајанов.

Според него, тоа мора да се разреши на еден системски начин.

„Тоа значи дека треба да се донесе закон со којшто прецизно ќе се дефинира за што може да се користат тие системи и евентуалната злоупотреба мора да подлежи на кривична одговорност затоа што повеќе од сигурно е дека можат да се злоупотребуваат. Дали овој систем сега ќе се надогради да може да се користат тие системи и за регулирање на сообраќајот, за контрола на тие што се учесници во сообраќајот, евентуално за откривање на сообраќајни прекршоци ќе видиме. Тоа е пракса и во голем број на држави. Треба да се следат трендовите за користење на современи електронски системи. Никој не е против тоа, но мора тоа да биде во рамките на еден закон“, додава Трајанов.

Секаде каде има поставено видео камери за следење, според Дирекцијата за заштита на личните податоци, мора да постои јасен доказ кој е одговорен за камерата или под камерата да се стави известување на кое ќе биде наведено кој управува со истата. Одговорните лица мора да се придржуваат на одредени правила за тоа кои податоци и во колкав обем може да ги прибираат и да ги чуваат. Секој кој смета дека влегол во кругот кој е под видео надзор, има право да бара информација од одговорниот за камерата, за целта на поставување на видео надзорот рокот на чување на снимените материјали и сл.

Рокот за чување на снимките добиени од видео надзор е најмногу до 30 дена, освен ако се работи за поведување на соодветна постапка, информира Ѓорѓиевски. Според него со спроведување на видео надзорот се отвораат и прашања и за негова злоупотреба.

„На тоа алудирав и со претходниот одговор на прашањето дека генерално дозволено е да се снима сообраќајот поради прашање на безбедноста, меѓутоа малиот милион прашања други се однесуваат на сите предизвици поврзани со тоа кој снима, за што снима, колку ги чува, кој ги гледа, кај се пренесуваат сите тие снимки прибавени на овој начин, бидејќи се работи за основно човеково права, право на приватност видео надзорот може да биде многу корисна алатка, но доколку бидат испочитувани сите принципи и предуслови за заштита на личните податоци на граѓаните“, посочува тој.

На прашањето дали постои можност за злоупотреба на видео надзорот, ако се има во предвид скандалот со прислушувањето, Ангеловски уверува дека системот ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните.

„Станува збор за снимање, нема тука слушање на граѓани. Тоа е сосема различна работа. Значи апсолутно не постои можност за злоупотреба затоа што во минатото овој систем бил контролиран од УБК, но направени се промени со промената на власта и апсолутно тоа веќе не може да се злоупотребува, односно сега е ставено е во функција на граѓаните и на нивната безбедност“, смета Ангеловски.

Според него, системот ќе биде во надлежност на МВР, а пред тој да биде пуштен во употреба ќе се консултираат и експерти.

„Секако ќе имаме и експертско мислење, ќе се изјаснат и експертите пред конечното носење на новите законски измени и инсталирање на целиот тој систем. Но, сето тоа е повторувам во интерес на зголемување на безбедноста на улиците во градовите, но и на автопатиштата пред сè каде што се јавува проблемот со преголема брзина на движење на возилата“, додава Ангеловски.

Државата е таа што треба да ги штити граѓаните смета Трајанов.

„Граѓаните немаат можност како да се штитат. Тие мораат да бидат слободни. Слободно да се чувствуваат во својата држава и во својот град. Овие системи се во функција на безбедност и на граѓаните и на носители на високи државни функции. Но, државата мора да ги штити со законски одредби дека видео надзорот не може да се користи за друга намена. Секој оној што ќе се обиде да ги злоупотреби овие снимки за тоа треба да сноси законска одговорност. Ако се предвидат строги казни за злоупотреба на тие системи тогаш сигурно ќе се намали можноста или обидите да бидат злоупотребени за политички или други цели“, вели Трајанов.

Засега граѓаните евентуални поплаки за злоупотреба на личните податоци при вршење на видео надзор може да поднесуваат до Дирекцијата за заштита на лични податоци.

„Регулаторниот орган тоа е надлежното тело за заштита на личните податоци е тоа кое што се грижи да биде законска обработката на личните податоци на овој начин, односно преку видео надзор и граѓаните единствено може да го искористат механизмот со директно обраќање до нив доколку сметаат дека тие права им се повредени“, истакнува Ѓорѓиевски.

Кинески камери за идентификација во казахстански автобуси
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

Стотици нови камери во Белград

По улиците и зградите во Белград мистериозно почнаа да се појавуваат стотици нови камери за видео надзор способни да идентификуваат и да следат луѓе. Велат дека тие се дел од глобален проект за поголема безбедност во градовите. Сепак, некои белградски демонстранти почнаа двапати да мерат пред да им се приклучат на долготрајните антивладини протести.

Гоце Атанасов

Властите во Белград тврдат дека системот, создаден од кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеи“, помага во намалување на криминалот во градот од два милиона жители. Критичарите пак, велат дека тоа ги намалува личните слободи, ги прави политичките противници ранливи на одмазда, па дури и ги изложува белграѓани да бидат набљудувани од кинеската влада.

Камери, опремени со технологија за препознавање на лицето, се разместени низ стотици градови низ целиот свет, особено во посиромашните земји со слаби оценки за човековите права, каде што Пекинг го зголеми своето влијание преку големи деловни зделки. Тоа што Соединетите Држави тврдат дека кинеските државни власти можат да добијат пристап до податоците на „Хуавеи“ предизвика загриженост за приватноста на милиони луѓе во земји со мала моќ да и се спротивстават на Кина.

Поранешниот српски комесар за заштита на личните податоци, Родољуб Сабиќ вели дека системот може да се користи за да се таргетираат политичките противници.

„Тие податоци многу брутално во повеќе случаи се злоупотребени за пресметка со критиќарите на режимот или со неистомислениците иако тоа е строго забрането.“

Групите кои се против српскиот претседател Александар Вучиќ велат дека полицијата им давала снимки од протестите на провладините таблоиди за да ги заплаши учесниците и се фалела оти може прецизно да ја пресмета излезноста на протестите со идентификување на секој од нив. Српската полиција негира каква било злоупотреба на системот на „Хуавеј“, што во финална фаза би требало да има 1.000 камери на 800 локации низ Белград.

Министерот за трговија и комуникации на Србија, Расим Љајиќ вели дека секој безбедносен систем може да биде злоупотребен, додавајќи дека американските санкции против Хуавеи се политички мотивирани и оти Србија нема да ги запре зделките со кинескиот гигант, кои исто така вклучуваат планови за изградба на 5G мрежата.

„Телефонот може да се злоупотреби и поради тоа нема да престанеме да го користиме. Каква камера и да поставите, на Хуавеј или на кој било друг може да биде предмет на злоупотреба“, вели Љајиќ.

Хуавеј ги негира обвинувањата за каква било контрола од страна на кинеската влада. Компанијата најде клиенти за својата таканаречена технологија „Безбедни градови“, особено меѓу земјите што Кина ги доближи во својата дипломатска и економска орбита. Покрај Србија, на таа листа се наоѓаат Турција, Русија, Украина, Азербејџан, Ангола, Лаос, Казахстан, Кенија и Уганда, како и неколку либерални демократии како Германија, Франција и Италија.

Системот се користи во околу 230 градови, изложувајќи десетици милиони луѓе на нејзиното набљудување. Влијанието на Кина во Србија, кандидат за Европската унија што Пекинг ја гледа како порта на Сатриот континент, значително се прошири во последните години преку глобалните инвестициски програми на Пекинг.

Српскиот режим сака да развие поблиски врски, а кревката демократија во земјата им овозможува на кинеските економски интереси да растат релативно неконтролирано, без да се поставуваат премногу прашања. Државните банки за инвестиции во Кина доделија заеми од повеќе милијарди долари за изградба на патишта, пруги и мостови. Кинески полицајци дури помагаат во патролирањето низ улиците во Белград, поради зголемениот број кинески туристи.

На големиот градски плоштад во Белград, високо-технолошки камери за надзор се насочени во сите правци од канцелариската зграда. Бидејќи властите малку откриваат што е целта на камерите, една група за човекови права постави шатор со прашање до граѓаните дали знаат дека се набљудувани.

„Ние не сакаме да бидеме во некој вид општество на Големиот брат“, вели активистката за човекови права Ивана Маркулиќ. „Прашуваме: Каде се камерите, каде се скриени, колку плативме за нив и што ќе се случи со информациите собрани во овој надзор?“

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG