Достапни линкови

Вработени во Агенцијата за безбедност без да поминат полиграф и тест за интегритет


Виктор Димовски, Агенција за национална безбедност

По неколку часа седница на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање, директорот на новата Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски рече дека атмосферата била конструктивна. Две работи - полиграф и тест за интегритет кандидатите не поминале.

Со лист со напишани имиња на селектираните кандидати за работа во новата Агенција за национална безбедност(АНБ) и потписи под нив од сите членови на комисијата за селекција, директор на АНБ Виктор Димовски возврати на обвинувањата на пратеникот Трајчо Димков. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ ја напушти комисијата за селекција на кандидатите со обвинување дека процесот бил компромитиран од почеток и се основал на субјективни, па дури и политички критериуми, наместо по слово на законот.

Димовски, пак, вели дека и потпис на Димков стои на списокот селектирани кандидати. Сепак ги потврди наводите на пратеникот дека не биле испочитувани два критериума од законот за АНБ - полиграфско тестирање и тест за интегритет.

„Со оглед на практичната неможност овие две одредби да се иплементираат, а истите обврски се дел и од редовното работење на Агенцијата за национална безбедност, комисијата донесе одлука да препорача раководството на АНБ имплементацијата на овие активности да ја има како приоритетна задача во наредниот период“, рече Димовски.

Пратеникот Димков тврди дека постои и друг проблем, субјективност при оценувањето од страна на началниците што влијаело на нивното конечно бодирање, што за Димовски е политичко мотивирано обвинување.

„Да бидам искрен, началниците или комплетно министерството има ново раководство, претходно беше нашето или нивното, во однос на оценувањата сугерирав и се плашев дали се реални тие оценувања од началниците кои се поставени, можеби заради политички, можеби заради некои лични нетрпенија“, рече Димков.

Инаку околу пет шестини од вработените во УБК конкурирале за вработување во новата АНБ, а околу 65 отсто од тие што конкурирале ја поминале селекцијата. Останатите, велат од АНБ, не поминале поради тоа што не ги поминале проверките во постојните бази на податоци, имале проблеми со безбедносните сертификати итн. Сите оние кои работеле во Управата за безбедност и контраразузнавање, а не се пријавиле на конкурсот за новата Агенција или пак не поминале на него ќе останат вработени во МВР, а тие кои не ги исполнуваат потребните услови ќе бидат распределени во други државни институции.

Досегашната УБК, пак, често беше на мета на критики поради непрофесионални поединци, а некои од нив се и во судските процеси што ги поведе Специјалното јавно обвинителство.

„Во процесот на селекција немаше пријавено кандидати против кои што се води постапка во надлежните органи“, вели Димовски.

Инаку претходно неколку часа членовите на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање зад затворени врати разговараа со Димовски за приемот на работници од поранешната Управа за безбедност во новоформираната Агенција за национална безбедност. Димовски атмосферата на седницата ја оцени како конструктивна.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG