Достапни линкови

Дали Верушевски „ги пушти бомбите низ вода“?


Архивска фотографија - Зоран Верушевски во суд како сведок во случајот Таргет - Тврдина
Архивска фотографија - Зоран Верушевски во суд како сведок во случајот Таргет - Тврдина

СДСМ тврди дека сведочењето на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, кој рече дека по неговото притворање прислушуваните разговори биле стравотно модифицирани, нема да им наштети на истрагите. ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека се потврдило дека Заев модифицирал и манипулирал.

Во СДСМ се сосема спокојни по сведочењето на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски. Тоа немало да им наштети на истрагите, ниту на што било, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, еден ден откако Верушевски пред Суд рече дека „бомбите“ завршувале во СДСМ, а не кај него, а биле и модифицирани и компромитирани.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека се потврдило тоа што го зборувале со години – дека Зоран Заев бил подготвен буквално на сè само за да дојде на власт.

Портпаролот на СДСМ, Костадинов на прес-конференција инсистираше на тоа дека веродостојноста на материјалите е потврдена и со вештачење и од изјавите на инволвирани луѓе во разговорите

„Сега сè е во рацете на правосудните органи и очекуваме тие да дадат одговори за незаконското прислушување. Ставот на СДСМ е да не коментира судски постапки, тек на судења. СДСМ не ги објави приватните разговори од прислушуваните материјали, но сите „бомби“ беа предадени на Специјалното јавно обвинителство“, рече Костадинов.

Тој вели дека со ништо не може да се искомпромитираат предметите на СЈО и дека мора да има одговорност за секој што се огрешил пред законите, вклучително и за функционерите сегашни и бивши, доколку се инволвирани.

Костадинов не објасни каков бил патот на добивање на снимките, дали тие биле доставувани директно до партијата, како што тврди Верушевски, или му биле давани прво нему, па тој ги доставувал до СДСМ. Костадинов вели дека не би си дозволил да коментира, оти во тек е судска постапка за случајот со прислушувањето. За снимките во партијата биле ангажирани неколку лица од тимот на Заев во тоа време, но Костадинов не ги кажа нивните имиња.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција рече дека снимките требало да бидат обработени од страна на СЈО, но се покажало дека тоа служело за рекет и за уцени, наместо да ги обработи како што треба и да донесе право и правдина. И затоа и од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе остават на правосудните органи да одлучуваат.

„Сето она што го зборувавме изминатиот период, односно години наназад дека Зоран Заев е подготвен и за модифицира и да манипулира и сè што треба да направи само за да дојде до влада и единствено да створи личен бенефит за своето семејство“, вели тој.

Верушевски контра Лазаревски и Костовски

Поранешниот разузнавач, а сега советник на премиерот Зоран Заев и дел од партиските органи на СДСМ, Зоран Верушевски, на судењето на случајот „Таргет-Тврдина“ рече дека бомбите не завршувале кај него, туку во партијата и кај партискиот лидер, а тој само ги анализирал, оти бил надлежен за безбедносната политика во СДСМ.

Претходно на судењата на Таргет-Тврдина во својство на сведоци разузнавачите од УБК Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски тврдеа дека на Верушевски му ги давале прислушуваните материјали што тајно ги копирале. Тројцата беа дел и предметот „Пуч“.

Откако го уапсиле за Пуч во 2015, Верушевски вели дека бомбите доживеале стравотна модификација.

Веднаш по сведочењето на Верушевски се огласи поранешниот премиер Никола Груевски, преку Фејсбук. Тој напиша дека сведочењето на Верушевски е најголемата „бомба“, односно дека сепак снимките не биле автентични и целовити, како што велел Груевски кога почнало објавувањето на прислушуваните материјали. Верушевски потврди дека снимките се „сечени, лепени и монтирани“, напиша Груевски. За поранешниот премиер се водат неколку случаи произлезени од „бомбите“, а за еден од нив тој доби и затворска казна, по што побегна во Унгарија, каде што доби и азил.

Верушевски е советник на премиерот Заев за национална безбедност, а во јули годинава, СДСМ го избра и за претседател на Комисијата за внатрешни работи. Претходно беше на чело на ДБК, па се занимаваше со професорска дејност, па пак се врати на чело на ДБК, па беше советник во македонската амбасада во Рим, по што се врати во СДСМ да извршува партиски функции, а присуствуваше и на еден марш организиран од СДСМ, придружувајќи го во првите редови лидерот Зоран Заев. Низ годините често во јавноста се пишуваше и за инцидентите во кои беше инволвиран неговиот син, Александар Верушевски.

Зоран Верушевски и неговата сопруга беа уапсени во 2015. Тој беше осомничен за шпионажа и помагање насилство кон највисоките државни органи во акцијата „Пуч“ .

На 10 октомври ќе има вкрстени прашања од обвинетите за случајот Таргет-Тврдина. Во овој случај обвинети се поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, шефот на неговиот тогашен кабинет, Тони Јакимовски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, потоа разузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои се во бегство и други службеници во УБК. Со овој предмет треба да се открие кој нелегално прислушувал и кој наредил да се уништи опремата за прислушување.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG