Достапни линкови

Одбраната го оспори преносот на „Титаник“ во ОЈО, за Судот се е законски


Судење за случајот „Титаник“

Со изнесување на доказите од СЈО, а сега преземени од Основното јавно обвинителство, денеска продолжи судењето за предметот „Титаник“, кој се наоѓа во доказна постапка. Предметот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.

Пред почетокот на расправата адвокатот Еленко Миланов рече дека овластувањето на обвинителката Стефанова е спротивно на законот за Јавно обвинителство. Според него, иако за Стефанова нема податок каде ја извршува својата функција, таа е вратена во ОЈО Радовиш.

Осомничениот Илија Димовски постави прашање до судот кој е правниот основ за превземање на предметот од страна на ОЈО и дали обвинетите имаат право на такви информации и побара увид во писмото на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева за предавање на предметите на републичкиот обвинител Јовески.
Обвинителката Стефанова рече дека нејзиното присуство денеска го поткрепила со овластување кое го доставила.

Судот ги одби сите предлозите на одбраната и обвинетите.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ се обвинети и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски... Тие се обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

XS
SM
MD
LG