Достапни линкови

Случај Богоевски - идеи на границите на апсурдот


Архивска фотографија- лидерот на ДУИ Али Ахмети на собраниска седница

Од тест за наркотици и процедура на ветинг, до легализацијата на марихуаната се партиските идеи и ракции за случајот со пратеникот Павле Богоевски. Според експертите, сепак, процес на ветинг, за лица избрани од граѓаните на избори, не е можен.

Ветингот повторно се врати во македонскиот политички вокабулар, овој пат преку ДУИ, кои по случајот со пратеникот од владејачкото мнозинство Павле Богоевски најавија таква процедура.

Артан Груби, пратеник од ДУИ, вели дека разгледувале таканаречен „ветинг“, односно контрола на сите функционери и на оние кои вршат јавна дејност, како што се судии и обвинители, за контрола во врска со користење наркотици, но и учество во криминал и корупција.

Ветингот за пратеници не е можен, посочуваат упатените, наведувајќи дека тие се избрани директно од граѓаните, а не се именувани од некого. Во законот за избор на пратеници, пак, се наведува дека за некој да може да се кандидира треба да исполни три услови: да наполнил 18 години, да има деловна способност и да не се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело.

“Пратениците легитимитетот го влечат од народот и народот во кампања оценува дали некој може да ја извршува функцијата или не. Кај избраните функционери треба пред се да проработи институтот оставка, бидејќи се во прашање моралните аспекти”, вели Борче Давитковски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Што е ветингтот?

Според него, апсурдно е и споменувањето на тест за дрога за пратениците, кое го карактеризира како “одење во крајност”, а за идејата да се проверуваат носителите на јавни функции за учество во криминал и корупција, вели дека во земјава постојат институции кои тоа го прават- Државната комисија за спречување корупција и други надлежни институции.

“Ветингот е всушност преиспитување, проверка, некаде и на стручноста на пример како во Министерството за внатрешни работи што ги проверуваа дипломите на вработените, односно едноставно, преразгледување на досиеја, преиспитување итн” , вели Давитковски.

Ваквата идеја на партијата на Али Ахмети не е нова. Тој и во интервју за Радио Слободна Европа лани зборуваше дека за потребата од ветинг во судството и полицијата, а сега Груби ја промовираше малку проширена и по случувањата со Богоевски.

Аудио снимката со пратеникот од владејачкото мнозинство, а потоа и неговото признание на социјалната мрежа Фејсбук дека на неа се слушало како договора купување не на кокаин, како што беше презентирано, туку на медицинска марихуана предизвика слична реакција и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ за нарко-тест, ЛДП за легализација

Партискиот портпарол Димче Арсовски рече дека апсолутно се согласуваат со идејата на ДУИ за тоа сите носители на јавни функции да подлежат на тест за наркотици.

Независната пратеничка група од ВМРО – ДПМНЕ поднесе поконретен предлог- во понеделник во Собранието да дошле лекари, а сите пратеници доброволно да направат тест за наркотични средства. Потоа ова да се прошири и врз други политичари, актуелни и поранешни функционери, аднинистративни службеници, судии, обвинители, градоначалници и советници, па сите да се тестираат.

ЛДП, партија која е дел од владејачкото мнозинство, пак отиде во спротивна насока од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Од таму дека ќе достават во собраниска процедура предлог-закон за легализацијата на марихуаната која сега е легална само за медицински цели.

Од СДСМ ги повикаа надлежните институции да го расчистат случајот со како што рече портпаролот на партијата, Коста Костадинов, незаконското снимање, но и емитување на снимка со Богоевски.

“Што се однесува до моралните аспекти, тие се на личната совест и одговорност на секој пратеник. Законите важат за сите подеднакво”, рече Костадинов.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG