Достапни линкови

Двотретинското мнозинство неизвесно, Груевски во Унгарија со пратеничка плата


Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека Никола Груевски не е неоправдано отсутен, туку политички прогонет, а независните од ВМРО-ДПМНЕ немаат изградено став за одземање на мандатот. Истекуваат шест месеци неоправдано отсуство на Груевски од Собранието, но за да му се одземе мандатот е потребно двотретинско мнозинство.

Двотретинското мнозинство за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски е крајно неизвесно, па може да се случи поранешниот премиер да продолжи да живее во Будимпешта, а секој први да продолжи да му стига пратеничката плата. Според Деловникот за работа на Собранието, на пратеник кој шест месеци неоправдано отсуствувал од седниците, може да му биде одземен мандатот, но за тоа е потребно двотретинско мнозинство.

Во ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за одземање на неговиот мандат, а независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, односно оние кои беа исклучени од партијата откако гласаа за уставните измени поврзани со Преспанскиот договор, велат дека не разговарале на таа тема и сè уште немаат став како ќе гласаат.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска испратил допис до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања дека пратеникот Никола Груевски шест месеци отсуствува од работата на Собранието. Претседателот на Комисијата Павле Богоевски најави дека штом го добие известувањето, ќе закаже седницата на комисијата. Ако комисијата препорача одземање на мандатот, потоа на пленарна седница е потребно двотретинско мнозинство за да му се одземе мандатот на Груевски.

Богоевски очекува пратениците, и од власта, а посебно од опозицијата да „најдат сила да постапат согласно Уставот и законите“ и очекува комисијата да предложи одземање на мандатот.

„Овде е многу контрадикторна ситуацијата од проста причина што треба да се гласа за факт дали Никола Груевски е неоправдано отсутен шест месеци или не е, ама ете, Уставот е таков и ќе мора да собереме 80 гласови ако сакаме да му го одземеме мандатот“, вели Богоевски.

Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, не се согласуваат дека Груевски е неоправдано отсутен, туку дека е политички прогонет и поради тоа има добиено политичка заштита во земја од ЕУ. На прашањето дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за одземање на мандатот на Груевски, партискиот портпарол Наум Стоилковски вели дека оваа влада не заслужува поддршка. Тие велат дека власта ја отвора темата за мандатот на Груевски за да дефокусира јавноста од своите неуспеси.

„Во овие моменти кога нема датум за преговори, кога повеќе од половина Македонија, сметано по општини, ѝ даде црвен картон на оваа власт, и на локалната и на централната, дека апсолутно не заслужуваат и не знаат како да ја водат Република Македонија, тие се вртат кон една и единствена цел: „обвини го Груевски“. Мислам дека не заслужуваат каква било поддршка ниту во парламентот, ниту во јавноста“, вели Стоилковски.

Собранието и на почетокот на ноември минатата година се обиде да му го одземе мандатот на Груевски, тогаш поради недостојност за вршење на пратеничката функција откако беше осуден на две години затвор во случајот Тенк, но немаше двотретинско мнозинство. За одземање на мандатот на Груевски тогаш гласаа 58 пратеници од потребните 80. Груевски потоа избега во Унгарија, каде што доби политички азил, а Собранието одлучи да не го води како оправдано отсутен и му ја намали пратеничката плата за 5 отсто.

По бегството на Груевски во ноември минатата година, Обвинителството најави истрага, но јавноста остана покуса за информации како избегал и дали некој од земјава му помагал во бегството.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG