Достапни линкови

Милион ипол евра за бивши функционери


Поранешниот прмеиер Никола Груевски со личното обезбедување.
Поранешниот прмеиер Никола Груевски со личното обезбедување.

Државата издвоила милион ипол евра за бенефиции за поранешни функционери, од министри и пратеници до директори на јавни претпријатија и државни органи. Тие и по престанокот на мандатот добиваат апанажа. Некои од нив имаат лични возачи и обезбедување.

По смената на власта, 70 поранешни функционери кои ги назначува Владата, 39 пратеници и десетина поранешни функционери кои ги назначува Собранието една година по завршетокот на мандатот добивале апанажа. Според пресметките од податоците што ги добивме од институциите, за апанажа се потрошени над милион ипол евра.

Пратениците, министрите и други функционери кои ги назначува Владата, Собранието и Претседателот имаат законско право да добиваат плата од државата и по завршувањето на нивниот мандат.

Груевски зел 16 илјади евра, Димитриев не сака апанажа

Поранешниот премиер Никола Груевски, искористувајќи го правото на апанажа со плата од 84.514 денари, од државата за една година добил 16 илјади и петстотини евра. Според податоците од Владата, барањето Груевски го поднел на 19 јануари 2016 година, кога на негово место застана привремениот премиер Емил Димитриев, односно кога му престанал работниот однос. Оттаму додаваат дека Димитриев не побарал апанажа, зашто по престанокот на неговиот мандат седна во пратеничката клупа.

Според одговорите кои ги добивме од Владата, по смената на власта, 70 луѓе, кои како функционери ги назначува Владата, побарале да го искористат правото на апанажа. Тоа право го искористиле поранешниот портпарол Александар Ѓоргиев, поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. На оваа листа се и поранешниот директор на Државниот архив Филип Петровски, кој ова право го користел до крајот на јуни. На листата на оние кои и по завршувањето на функцијата живееле на државна сметка се и Влатко Поповски, кој ја водеше Агенцијата за вработување, потоа Шабан Салиу, кој беше назначен како в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување, државни секретари, директори на казнено-поправни установи, на инспекторати, на управи кои се дел од разни министерства, членови на комисии за продажба на земјоделско земјиште...

Од бившите министри само Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески јавно потврдија дека 12 месеци користеле апанажа откако си дадоа оставки по случувањата на 12 мај 2015 година.

Според Законот за именувани и избрани лица, поранешните функционери можат да добиваат плата и до една година по престанокот на мандатот, во зависност од тоа колку време седеле на функционерската фотелја. Дополнително, правото на апанажа можат да го искористат и доколку сами си поднесат оставка или, пак, доколку се разрешени од функција.

И додека чекаме од Владата, како што ни ветија, да соопштат колку пари отишле за апанажа, по слободна пресметка може да се каже дека најмалку 730 илјади евра за оваа намена се потрошени од владината сметка, ако се земе предвид дека најмалата можна плата според законот за плати на функционери е 53 илјади денари. (Според тоа, ако за еден функционер месечно се одвојувале по 53 илјади денари, тоа годишно е речиси 10.500 евра за еден човек. Ако оваа годишна плата се помножи по 70, колку што функционери примале апанажа, се стига до бројката од речиси 730 илјади евра.)

Но, во овие бројки не спаѓаат апанажата за Груевски, пратениците кои по парламентарните избори не се вратија во собраниските клупи, како и функционери и членови на управни одбори кои ги назначува Собранието.

Па така од обвинителството ни потврдија дека поранешниот Јавен обвинител Марко Зврлевски го искористил правото на апанажа. Според законот за плати, неговата изнесувала 67 илјади денари, односно за една година добил 13 илјади евра.

На пример двајца од петтемина членови на Антикорупциската комисија, по давањето на оставките, сега го ползуваат правото на апанажа, останатите се вратиле на претходните работни места.

Барања за апанажа до Собранието поднесоа и поранешните членови на Државната изборна комисија, односно поранешниот претседател Александар Чичаковски, кој беше назначен од редот на експертите по Пржинскиот договор, потоа членовите Игор Милев и Виолета Дума од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ.

Нивните оставки дојдоа по големиот притисок во јавноста кој настана откако американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли обелодени дека членовите на ДИК си поделиле 12 бонуси за изминатите изборни циклуси. Претходно на мета беа и нивните барања за патни трошоци од неколку илјади евра.

Апанажата ја олесни собраниската каса за околу половина милион евра

Со законот се предвидува пратеник да може да добива и плата и до година ипол со цел да го исполни старосното право за пензија.

По промената на составот на пратеници во Собранието по последните парламентарни избори во 2016, правото на апанажа го искористиле 39 пратеници. Според законот за плати за избрани лица, тие од државата земале една година плата и собраниската каса тоа ја чинело околу половина милион евра.

Правото на апанажа го губат само оние функционери кои по државничката функција му се враќаат на претходниот професионален ангажман.

Кој сè користеше полициско обезбедување?

Покрај апанажата, поранешните функционери имаат право и на други бенефиции. На пример поранешниот премиер Никола Груевски има право на шестчлено полициско обезбедување кое сам го избира, како и на службено возило и возач десет години според принципот колку дена како премиер толку денови и бенефиции по симнувањето од власт.

Додека, пак, неговиот следбеник Емил Димитриев од државата, според законот, доби лично обезбедување во времетраење на година ипол, колку што бил на функција привремен премиер.

„Да, го искористив тоа право согласно законот за влада, тој период помина и повеќе не го користам ниту возилото, ниту обезбедување“, ни одговори Димитриев.

Од Министерството за внатрешни работи не сакаат да одговорат колку пари од нивната сметка се потрошени за обезбедување на поранешните премиери, нити за обезбедувањето на поранешните функционери кои тоа право го користеле и до три години откако им завршил мандатот. Оттаму само кратко ни пишаа дека тоа биле класифицирани информации.

„Бидејќи бараните информации се од доверлива природа, односно со одреден степен на класификација заради кои било воспоставено обезбедување на поранешните функционери, истите не може да се споделат со јавност“, се вели во писмениот одговор од МВР.

Оваа привилегија за шестчлено обезбедување на поранешните премиери е донесена во 2013 година, со измени на законот за влада. Поранешната власт го правдаше тоа со аргументот дека така ќе се зајакнела позицијата на премиерот во борбата против криминалот и корупцијата не стравувајќи од одмазда кога нема да бидат на власт. Тогашната опозициска СДСМ, пак, нешто подоцна поднесе и предлог измени на законот со цел укинување на одредбата со која Груевски ќе има право десет години на лично обезбедување. Според тогашното образложение на СДСМ, немало потреба да се трошат пари за такво нешто, затоа што во МВР има надлежни органи кои во случај на опасност ќе можат да се грижат за него во зависност од процената за ризик и со тоа ќе се заштедат повеќе пари во буџетот.

Државата до пред три месеци плаќаше за шестмина обезбедувачи и две возила за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Тоа право го уживаше Мијалков три години откако си поднесе оставка од директорското место, пишуваа медиумите.

По смената на власта до летово, вакво право уживаа и поранешните функционери Никола Тодоров, Владимир Пешевски, Гордана Јанкулоска како и поранешните директори на УБК Владимир Атанасовски и Љупчо Андоновски.

Ваквата привилегија поранешните функционери ја добија во 2016 година со измената во уредбата за личности и објекти кои се обезбедуваат. Според неа, министерот за внатрешни работи може да им одреди обезбедување на поранешни функционери доколку постои висок степен на опасност по нивниот живот во времетраење на опасноста.

Претседателот на државата со најмногу привилегии по завршувањето на мандатот

Лично обезбедување, службен возач, посебен кабинет по негов избор и персонал од најмногу три стручни лица, платени материјални трошоци, како и пензија од речиси две илјади евра, се привилегиите што ќе ги добие претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов по завршувањето на неговиот втор мандат. Иванов ќе се пензионира на 58-годишна возраст, додека неговиот претходник Бранко Црвенковски замина во пензија на 51 година. Но, Црвенковски овие права ги искористи подоцна, затоа што му беа ставени во мирување додека раководеше со партијата СДСМ. Според буџетот за 2018 година, годишните трошоци за поранешен претседател изнесуваат 160 илјади евра.

Во оваа сума не влегуваат пензијата на Црвенковски и пензијата на сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма која изнесува 30 проценти помалку од платата која за време на мандатот ја добивал Трајковски. Пензискиот фонд за нив двајца годишно издвојува речиси 35 илјади евра.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG