Достапни линкови

Груевски и Орбан: идеологија, пари и...


Политичките ставови, пропагандните кампањи и контролата на медиумите им се заеднички особини во владеењето на унгарскиот премиер Виктор Орбан и поранешниот премиер Никола Груевски кој побегна во Будимпешта, сметаат аналитичарите.

Националистички политики, антимиграциски ставови, антисоросоизација и контрола врз медиумите се основниот заеднички именител на поранешниот премиер Никола Груевски и премиерот на Унгарија Виктор Орбан. Односите меѓу Груевски и Орбан во медиумите се толкуваа како многу блиски токму поради сличните политики кои ги спроведуваа, пропагирањето на семејни вредности, конзервативизам и поради нивните чести средби.

Истражувањата на Бирн покажуваат и дека откако ВМРО-ДПМНЕ стана опозиција, во неколку интернет портали и една телевизија кои беа блиски до нив, влезе унгарски капитал. Станува збор за сопственици на фирми кои медиумските кариери и империи ги изградиле во време на владеење на Орбан, поддржувајќи ги јавно неговите политики.

Поранешниот амбасадор и политички аналитичар Алајдин Демири вели дека покрај националистичката идеологијата на Груевски и Орбан, битна заедничка компонента им се парите.

„Една од основните причини за оваа заштита што ја доби Груевски се парите, затоа што сега со овој процес на азил Орбан ќе се соочи со огромни потешкотии во ЕУ. Меѓутоа сигурно го земал тоа в предвид, затоа сето ова не се прави само за идеологија, се прави и за пари, “ вели Демири.

Орбан беше и редовен гостин на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во неколку предизборни кампањи. Во 2010 година откако седна на премиерското столче, на листата на посети му беше Македонија и пофалби за работата на тогашниот премиер Груевски. Орбан во 2013 година доби орден „8 септември“ од претседателот Ѓорѓе Иванов, во знак на благодарност на Унгарија за, како што изјави тогаш Иванов, нејзиниот пријателски и принципиелен однос спрема уставното име на Република Македонија.

Груевски пред локалните избори, додека се уште беше претседател на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид го угости Орбан и поранешниот словенечки премиер Јанес Јанша.

„За нас Македонија е важна држава, дел од Европа иако не е членка на ЕУ. Токму во таа насока на одбрана на Европа од мигрантите се гледа клучната улога на Македонија. Затоа го замолив Груевски, Македонија да стори се што е можно за да ја спречи таа преселба на народите. Доколку таа маса луѓе мине низ нашите територии, радикално ќе ги смени нашите животи и услови за живот“, рече Орбан кој јавно му се заблагодари на Груевски за тоа што до сега успеал да спречи мигрантите да дојдат до Унгарија. Во време на бегалската криза унгарски војници беа дел од мешаната воена контрола на граничните премини.

Тогаш Груевски рече дека тие се пријатели на Македонија и ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, висока делегација составена од раководството на ФИДЕС, партијата на Орбан присуствуваше на митинг на ВМРО-ДПМНЕ и им даде отворена поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, како единствена алтернатива за развојот и напредокот на државата.

Десничарскиот унгарски премиер Виктор Орбан во своите предизборни говори во април годинава користеше антибриселска реторика, ксенофобија и демонизација на американско-унгарскиот милијардер Џорџ Сорос, пишуваа светските медиуми. На предизборните плакатите беа прикажувани редици мигранти и напишано СТОП.

Додека во Унгарија се носеше закон со кој се дозволува приведување индивидуи и организации кои им помагаат на мигрантите или протестираат за нивните права, македонската предизборна верзија на „СТОП СОРОС“ финансиски ги „чешлаше“ невладините кои беа под капата на фондацијата „ Институт отворено општество“.

Орбан ја нападна работата на американскиот милијардер со унгарско потекло, обвинувајќи го за мешање во внатрешните работи на земјата и за помагање на опозицијата, како и за поттикнување масовна имиграција во Европа. И Груевски на предизборните митинзи ги обвинуваше невладините организации и дел од медиумите за предавници финансирани од Сорос.

И Орбан и Груевски при крајот на неговиот мандат се залагаа за построга легислатива за работата на невладините организации, потег што е критикуван од меѓународната заедница. И двајцата беа обвинети од меѓународната заедница дека ги напуштиле западните вредности. Груевски, пред да падне од власт, и го сврте грбот на меѓународната заедница и ја обвини за мешање во внатрешните работи.

Додека Орбан беше критикуван за контроверзниот образовен закон со кој требаше да се затвори Централниот европски универзитет во Будимпешта, Груевски беше критикуван дека со низа закони ја нарушуваше автономијата на Универзитетот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG