Достапни линкови

Река - Да не ме гласаат само затоа што сум Албанец


Река - Повеќе проблеми нè чекаат на патот кон ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:42 0:00

Река - Повеќе проблеми нè чекаат на патот кон ЕУ

Ако јас не им дадам добра понуда, ако мислат дека не сум доволно способен со моето знаење, со моето искуство да ја водам државата напред, нека не ме гласаат, нека не ме гласаат само затоа што сум Албанец, мене не ми е потреба позитивна дискриминација, вели претседателскиот кандидат Блерим Река, во интервју на Радио Слободна Европа. Тој зборува и за својата идеја за Балкански Бенелукс, избирачкиот список и меѓуетничките односи.

Нова историја за републиката, каде владее правото наместо поединецот е дел од вашето предизборно ветување. Што можете вие да направите за да го исполните ова ваше ветување?

Еден од моите главни столбови на целата, јас би рекол, политичка филозофија, а потоа и предизборна кампања и сега во самата кампања е како Република Македонија, сега Северна Македонија од држава да стане република. Јас мислам дека Македонија е држава, но се уште не е република. Републиката ја прават владеење на законот, а не на поединецот, а најмалку култ на личноста. Ние имавме скоро 11 години заробена држава, но се плашам дека во последните две години ние одиме кон приватна држава. Ако не превенираме поголеми проблеми во нефункционирањето на законот, јас се плашам дека не само што нема да има правна држава, туку може да завршиме и во празна држава. Целата моја филозофија се базира на пет столбови и тоа:

Република Македонија како мултиетничка република, како евроатлантска република, како 30 земја членка на НАТО, како земја која ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ, како земја која има нула проблеми со соседите и како земја која нема да заврши како празна држава.

Што според ингеренциите кои ги одредува Уставот ќе може да ви овозможи да го исполните ова за тие пет столбови што ги споменавте?

Јас ќе се концентрирам во четири главни полиња - дипломатија, одбрана, безбедност и судство.

Во судството, толку колку што ми е дозволено со Уставот, со избор на уставни судии и членови на Судскиот совет, ќе внимавам за изберам, да именувам само чисти досиеја на судии. Кога велам чисти досиеја на судии, тоа е неполитизирани судии, судии неповрзани со непотизам, туку судии кои навистина со нивниот интегритет, професија може навистина да придонесат за она што го сакам, а тоа е владеење на правото.

Во другиот дел, по години наназад изолирана држава мислам дека после Преспанскиот договор и после Договорот со Бугарија, Македонија веќе од, да речеме, еден проблематичен сосед, кој така се отсликуваше со една надворешна перцепција со години, веќе станува еден од најдобрите и најконзистентните соседи на Балканот. Немаме никакви други проблеми, ниту со Косово, ниту со Србија, со Албанија, така што во водење на надворешната политика јас ќе се придржувам на моето гесло - Нула проблеми со соседите.

Исто така јас ќе работам и на еден мој стар проект, уште од 1998 година кога го лансирав на една меѓународна конференција во Париз, а тоа е БАФТА или еден вид на Балкан Бенелукс, што го работам веќе 20 години и сум многу задоволен што некои елементи од мојот проект од 1998 веќе се имплементираа во 2006 во ЦЕФТА и некои делови исто така се имплементираа во она што сега го нарекуваат мини-шенген на Балканот, проток на роба, услуги, капитал и луѓе, поминување на граница со лична карта итн. Јас ќе продолжам со мојата идеја за балкански Бенелукс ако станам претседател.

Ветувате евроатлантска република, во тој контекст како може да го исполните овој дел?

Евроатлантска република има две стратешки цели.

Ние сме веќе на половина пат да станеме 30 земја членка на НАТО и јас мислам дека тука завршува геополитичката приказна. Значи веќе нема алиби и не може да има алиби за власта да се прикрива дека заради некои стратешки цели ние треба да се пазариме и за амнестијата и за Специјалното јавно обвинителство и за некои други закони. Не. Со зачленување во НАТО, ние сме земја членка и ние треба да се концентрираме на другиот стратешки дел од мојата кампања, а тоа е започнување на преговорите за членство во ЕУ. Е тука ќе имаме повеќе проблеми, затоа што веќе политичкиот критериум, Договорот од Преспа е веќе затворен, но сега ќе има стандардни или да речеме технички критериуми и тие ги знаеме, четири се – судство, јавна администрација, безбедносниот сектори, борба против корупција, а сега веќе станува еден нов критериум – фер, демократски, слободни претседателски избори.

Споменавте фер и демократски избори. Очекувате да бидат такви?

Јас по природа не сум скептик. Не сум загрижен толку за кампањата, јас повеќе сум загрижен за два недостатоци. Сметав и очекував дека ќе бидат отстранети пред почетокот на изборите, а тоа се дека ние се уште не ги имаме имплементирано препораките на ОДИХР од последните избори од 2016, тоа е еден голем пропуст и второ го немаме ажурирано избирачкиот список. Ако ДИК кажува дека бројот на избирачите во официјалниот список е 1,8 милиони, а ние имаме до 2017 официјални статистички податоци со кои се гледа дека земјата ја напуштиле 250 илјади граѓани, нема да имаме милион и 800 илјади, туку ќе имаме еден милион и 55 илјади гласачи. Што значи тоа? Како ќе се постигне високиот цензус, ако 730 илјади гласачи што е 40 отсто од 1, 8 милиони гласачи, а ние имаме 1,5 милион, што значи ние не дека ќе имаме 40 отсто цензус, туку ќе имаме 60 отсто цензус, затоа што 60 отсто од 1,5 милиони е таа бројка. Јас тука гледам еден голем недостаток на стартот на изборите, дека не се совпаѓа официјалниот избирачки список со реалната статистичка состојба на граѓаните кои ќе излезат на изборите.

Како ги оценувате меѓуетничките односи во земјата?

Со такви политики и такви политичари кои за персонални профити сееја меѓунационална омраза за да можат да ги мобилизираат за некои повисоки цели за да можат да бидат покриени во нивните лукративни зделки, од тендери, од набавки итн. Мислам дека и националниот наратив не поминува веќе во оваа држава, уморни се од тоа. Ме изненадуваат многу изјавите од типот Албанецот не може да биде за претседател, затоа што претседателот на Собранието е Албанец, ова веќе не е мултиетничка република. Никој нема право ниту по Устав, ниту по закон да има дискриминаторски пристап кон позициите кои се достапни во државата. Може претседател да биде Албанец, може да биде и Македонец и Ром и сите кои се граѓани на Македонија. Принципот на недискриминација не е наш принцип, тоа е европски принцип, а ние сакаме да бидеме членка на ЕУ, но со некаква резервирана етничка монополска позиција кој каде може, а кој каде не може. Тоа треба да се промени, да се промени менталниот склоп. И граѓаните не да гласаат за мене само затоа што сум Албанец, не, ако јас не им понудам добра понуда, ако мислат дека не сум доволно способен со моето знаење, со моето искуство да ја водам државата напред нека не ме гласаат, нека не ме гласаат само затоа што сум Албанец, мене не ми е потреба позитивна дискриминација. На државата и е потребна компетенција за водење на државата.

Вашето прво обраќање од митинзите до гласачкото тело го направите од направивте од плоштадот Скендер бег. Каква порака испраќа тоа?

Да. Јас сум скопјанец и нормално дека мора да ја започнам кампањата од Скопје, како што и останатите противкандидати мислам дека почнаа од нивните родни градови и јас не гледам некоја симболика во ова, а најмалку етничка симболика, затоа што самиот концепт за републиката не е етнички обоен концепт. Затоа Скендер бег може да биде наш национален херој, тоа сите го знаат, тој е историска личност, и во албанската историја има доста големо значење, но на тој плоштад Скендер бег јас излегов со една парола која унифицира, а не парола која разделува. Република е универзален концепт, не е еднонационален концепт, зошто Македонија да не биде права република? Нема некоја симболика или некоја етничка позадина зад тоа што ја почнав конвенцијата од Скендер бег.

Како планирате да ја придобиете поддршката на македонската етничка заедница?

Со самиот концепт република за сите јас таргетирам , условно речено, и на македонските граѓани, оти нема македонски и албански граѓани, сите сме граѓани на Република Македонија, но затоа што гледам дека во последните години и граѓаните од македонската етничка припадност, ја имаат истата цел, истата аспирација еднаш за секогаш за престане корупцијата, непотизмот, селективната правда, да дојде правдата, да владее законот, јас мислам дека на оваа парола и на оваа карта тие ќе се придружат на мојот концепт.

Но како ќе допрете до граѓаните доколку вашите средби и вашите митинзи и вашата политичка агенда е повеќе насочена во оној дел во државата каде има повеќе албанско етничко население од македонско.

Не е така, ќе мора да ве исправам, да ве коригирам. Прво соопштенијата од мојот штаб се двојазични. На Твитер, исто така, еден канал е за комуницирање претежно со македонските граѓани и тоа функционира, мора да влезете на нашата страница на Твитер имам огромен број на фанови од македонската национална заедница и коментари и поддршка. Трето, освен општините, кои вие велите дека се претежно во албанскиот дел, за ваша информација јас ќе ги посетам и Битола, Велес, имам барање и за Валандово и за Гевгелија. Јас ќе видам ако не во сите, тогаш во поважните градови со претежно македонско да ги посетам, да се ракувам, да разговарам. Јас ќе бидам претседател на сите. Не мислам дека стои вашата забелешка или вашиот коментар дека сум едноетнички ориентиран само кон Албанците, затоа што тоа би било спротивно од мојата кампања – една република за сите.

Очекувате ли поддршка од гласачкото тело на ДУИ? Таа партија вас ве предложи да бидете нејзин претставник во Брисел, а од друга страна сега му ја даде поддршката на вашиот противкандидат Стево Пендаровски.

Прво од кога почна и предкампањата од принцип не коментирам мислења на партии кои не излегоа со свој кандидат. Второ јас ова не сум го негирал, тоа е факт дека бев предложен од ДУИ во владата на Бучковски во 2006, но никогаш не сум бил член на ДУИ, ниту сум сега. Трето -тоа е нивна политика за кој кандидат се и јас тука и да сакам не можам ништо да влијаам, сепак јас мислам дека времето од пред 30 години кога централниот комитет на комунистичка партија одредуваше кој треба да биде избран, а кој не и со диктат одредуваше за членството што треба да прифатат, а што не, веќе е поминато, сега сме 2019 година и мислам дека имаме доволно еманципирани и соодветни граѓани на оваа држава кои ќе знаат на денот на 21 април да одлучат дали по партиска директива или по свои аргументи ќе гласаат.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG