Достапни линкови

Кандидатите ги „ловат“ неопределените, партиите анимираат членство


Кампањата може да влијае врз пет до 10 отсто од гласачкото тело и тоа може да направи значителна разлика. Кандидатите кои се промовираат како натпартиски сакаат да ги придобијат неопределените, а партиските штабови треба да одработат кај своите табори.

Половина од кампањата за претседателските избори помина во релативно пристојна атмосфера, без оцрнување на противкандидатите, со спорадични напади меѓу двата поголеми политички штабови. Со куси видео пораки на социјалните мрежи, „несекојдневни“ активности со граѓаните, обраќања пред мали целни групи, наместо класични митинзи, кандидатите за претседател се обидуваат да ги придобијат гласачите на своја страна.

Со кампањата може да се влијае на пет до 10 отсто од вкупното гласачко тело, тоа се најчесто неопределените гласачи или оние кои може да го сменат своето мислење, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

„Меѓутоа тоа не е мала разлика, иако во проценти е мала, тоа се работи за можеби 50 илјади гласа кои можат да се префрлат од едниот во другиот табор, а префрлањето може да направи 100 илјади гласа разлика, така што тоа не е незначително, тоа може да го смени резултатот“, вели Петар Арсовски.

Политикологот од Факултетот за општествени науки Митко Гаџовски вели дека кампањата може да влијае на половина од неопределените гласачи.

„Дел од нив по пат на кампањата која ја водат или ќе ги убедат или нема да ги убедат да им ја дадат поддршката, меѓутоа останатиот дел без разлика на тоа дали ќе им се допадне некој во текот на кампањата, доколку имаат воспоставено одредена перцепција за личноста која е кандидат за претседател тие на денот на изборите ќе се одлучат според нивното лично убедување за ставот кој го имаат изградено претходно, а не на основа на политичката кампања“, вели Гаџовски.

Досегашната кампања, според Арсовски, се однесува токму на неопределените, имајќи предвид дека зад Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска - Давкова стојат две големи партии, а две парии стојат и зад Блерим Река.

„Кандидатите очекуваат партиските штабови да ја завршат работата за определените гласачи, за партиското членство, а дека тие со својот наратив дека се натпартиски и независни кандидати токму се обидуваат, условно речено, да го нападнат тоа гласачко тело“, вели Арсовски.

Но, академското ниво на водење на кампањата и ограничениот опсег на ветувања ја прави „досадна“ и неинтересна за пошироката јавност. Од теми преовладуваат Договорот од Преспа и идентитетот, евроатлантските интеграции, а поради органичените ингеренции на функцијата за која претендираат не можат да се размавнуваат со теми „интересни“ за граѓаните како вработувања и подобар стандард.

Тоа што потекнуваат од академската средина, односот изграден претходно не им дозволува да бидат толку остри, односно некоректни еден кон друг, вели Митко Гаџовски.

„Имаат голема доза на почит сите кандидати меѓусебно и од тие причини ние следиме кампања која е можеби малку досадна за гласачите и за јавноста имајќи ги предвид претходните кампањи на кои бевме сведоци на разни изјави сè со цел да се омаловажи или да се оцрни противкандидатот“, вели Гаџовски.

Тој не очекува до крајот на кампањата кандидатите да употребуваат навредлива реторика еден кон друг.

Арсовски вели дека главен заклучок е дека постои помала заинтересираност кај општиот електорат за претседателските избори, одошто за парламентарни и за локални, така што се очекува, вели тој, намален озѕив на претседателските избори.

Незаинтересираноста на гласачкото тело може да влијае на цензусот

На претседателските избори во 2014, кои се одржаа заедно со предвремните парламентарни избори излезноста беше 54 отсто. А на тие во 2009, кои се одржаа заедно со локалните, одѕивот беше 42,61 отсто. За да биде избран претседател потребно е кандидатот да освои мнозинство од минимум излезени 40 отсто гласачи.

Претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска – Давкова вели дека на овие избори најважно е да се излезе и да не се остави проблемот со изборниот цензус од 40 проценти. Таа се противи на идеите претседател на државата да се бира во Собранието.

„Тогаш не само што сите вие како гласачи нема да имате никакво влијание врз изборот, туку двајцата лидери на партиите, како што досега правеа, ќе го изберат. Осумдесет и еден пратеник само ќе потврдат и ќе кренат рака. Тој или таа нема да биде по наша мерка, туку ќе биде по нивна мерка“, вели таа.

Кандидатот Блерим Река вели дека не сака ниту да замисли да нема цензус. Тој се надева дека земјата ќе испорача фер и демократски избори, но како можен проблем го наведува непрочистениот избирачки список.

Нивниот противкандидат Стево Пендаровски во интервју за РСЕ запрашан за тоа дали е можно да повика на бојкот во вториот изборен круг, доколку е лош резултатот во првиот круг, вели дека и досега играл го крај.

„Не личи на господа на половина натпревар да ја земат топката под рака и да си заминат дома“, вели Пендаровски.

Ако нема излезност во вториот круг од 40 проценти, не е исполнет условот за успешни избори. Во тој случај веднаш се распишуваат нови избори, рече неодамна претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, во интервју за Радио Слободна Европа.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG