Достапни линкови

Ветувањата надвор од претседателските ингеренции се манипулација на гласачите


Гордана Силјановска и Стево Пендаровски

До Државната изборна комисија се доставени кандидатурите за претседател на државата. Откако ДИК ќе им ги прифати, тие до први април, нема да можат да водат кампања. Во изминатиов период пак, имаа секојдневни средби со граѓани во кои ветуваа и работи кои се надвор од нивните ингеренции.

Давање мандат за состав на владата, именување дел амбасадори, примање акредитивни писма од странски амбасадори, предлагање по два члена во уставен суд, во судски совет, тројца во Совет за безбедност, врховен командант на вооружените сили, давање помилувања, ордени и уште неколку други функции уставно и законски му припаѓаат на претседателот. Но, кандидатите за оваа позиција сега ветуваат многу повеќе од она што законски би можеле да го направат ако победат.

Нема да дозволам да се уништува природата како сега, а ќе се борам за воведување соодветни мерки за чист воздух- ова го ветува професорката по политички систем Гордана Силјановска-Давкова која е кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. Таа нагласува и дека ќе и биде приоритет да ја запре миграцијата од земјава особено на младите.

Ваквите ветувања за кои немаат ингеренции, а кои ги даваат и актуелните, но ги даваа и претходните кандидати буквално значат манипулација и заведување на гласачите, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија. Според него, со ова уште еднаш се докажувало дека треба да се смени изборниот модел и претседателот да се бира во Собранието, оти реално тој и нема многу ингеренции.

“Клучното е дека кога нема што да понудите, односно кога не можете цела кампања да ја сведете само на надворешна политика и на реформа во разузнавањето или политики во армијата, тогаш посегнувате и по нешто што е надвор од вашата надлежност, што не е апсолутно коректно кон гласачите”, вели Трошановски.

Во изборната кампања се случува да се даваат ветувања надвор од ингеренциите, но кога тоа доаѓа од универзитетски професори такво нешто не се очекува, вели политичкиот аналитичар Насер Зибери.

“Целта е да привлечат што е можно повеќе внимание во јавноста и кај потенцијалните гласачи иако и дел од нив добро знаат дека тоа се само празни ветувања без нормативна и законска поткрепа и дека се само манифестација на желби, а не конкретна можност за остварување на тоа што се ветува”, вели Зибери.

Противкандидатот на Силјановска-Давкова, Стево Пендаровски, пак, засега претежно дава изјави во контекст на заедништво, одењето напред кон НАТО и ЕУ, подобрување на економската ситуација како резултат на напредокот во евроатлантските интеграции. Ветува и “нова политичка култура и нов начин на водење политика”.

Како кандидат на актуелното владејачко мнозинство тој ги критикува поранешните владејачки елити, па на пример збрува за “уништување на образовниот процес во времето на груевизмот”. Силјановска- Давкова, пак, како кандидат на сегашната опозиција не штеди критики за ништо од актуeлните случувања, нарекувајќи ги дел од нив производ на заевизмот. И двајцата не го поддржуваат или пак критикуваат во голема мера актуелниот претседател Ѓорге Иванов, туку се чини повеќе се концетрирани кон коментирање на владеењето на двете партии, сега на СДСМ и порано на ВМРО-ДПМНЕ.

“Целосно се изместени коцките, тоа уште еднаш докажува колкаво е влијанието на големите политички партии врз кандидатите во претседателската трка и колку се меша она што би требало да биде одговорност и надлежност на партиите и тоа што би требало да биде на претседателот”, вели Трошановски.

Третиот кандидат за претседател Блерим Река, засега нема толку интензивна јавна кампања. Официјално таа треба да почне од први април, а кандидати од моментот кога Државната изборна комисија ќе им ја прифати кандидатурата до први април нема да смеат да водат кампања.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG