Достапни линкови

Повеќе казни и инспекции за помалку диви депонии


Напуштен објект во Куманово претворен во депонија.

Кумановци и претпријатието за чистото меѓусебно се обвинуваат за тоа кој е виновен за нечистотијата и дивите депонии во градот. Дали поголемите казни и почестите инспекции ќе сменат нешто?

И покрај тоа што јавното комунално претпријатие „Чистота и зеленило“ во Куманово поставува садови за смет и отпад во градот, настојува редовно да ги празни контејнерите, а „Кумановски акцијаши“ организираат акции, граѓаните и натаму фрлаат сè и сешто таму каде што не треба. Некои од запрашаните сметаат дека за нечистата животна околина вината е исклучиво кај несовесните граѓани, за чие однесување што поскоро треба да се активира комунална инспекција и да се применуваат парични казни.

РСЕ: Кој е виновен за сметот и депониите по градот?

„Пред сè граѓаните. Луѓето фрлаат надвор од садовите, наместо во контејнер тие фрлаат до него. Ги опоменувам, но залудно.“

„Граѓаните се тие кои сами создаваат ѓубре насекаде.“

„Децата и младите исто така ја покажуваат некултурата во Македонија. Само казни и преземање одредени мерки од Општината.“

„Кој е виновен? Самите ние и „Чистота“. Им кажувам кога ќе ги видам, но тоа ништо не менува. Само со казни, казни и ништо друго.“

Даниел Стојчевски директор ја ЈП „Чистота и зеленило“, вели дека во општината има повеќе диви депонии, од кои најголемата е на влезот во населбата „Перо Чичо“ која годинава веќе шест пати е чистена и за кусо време повторно граѓаните ја полнат со отпад.

„Сега таа депонија е колку-толку под контрола, но со оглед на претходното искуство мислам дека повторно таму ќе се направи депонија. Единствено ми останува да апелирам до граѓаните кои живеат и поминуваат таму да престанат да фрлаат ѓубре, оти во разговори со локалната самоуправа и градоначалникот на Куманово во наредниот период ќе започне акција со санкционирање на сторителите од комуналната инспекција.“

Во градот, според Стојчевски има три-четири посериозни депонии. Освен таа на влезот на населбата „Перо Чичо“ која редовно се чисти, во последно време се создава депонија на една локација и во населбата „Гоце Делчев“, како и на Спомен костурницата.

„Има уште неколку помали диви депонии во централно градско подрачје кои редовно ги чистиме, но сега најголем проблем ни е дивата депонија на Булеварот „Октомвриска револуција“ во објектот на поранешен „Житомел“. Пред два месеца беше чистена, а сега пак прераснува во новистинска голема депонија. Таму проблемот е што тоа не е јавна површина, туку сопственост на поранешното претпријатие кое е во стечајна постапка и за да влеземе да ја чистиме секогаш ни треба одобрение од стечајниот управник.“

Стојчевски напоменува дека граѓаните сериозно треба да го сфатат овој проблем, бидејќи депонијата е во центарот на градот.

Тој додава дека сметот и отпадот се чистат и на други локалитети и излетнички места. На тие локации освен чистење се коси и тревата, а акциите заедно ги реализираат екипи на „Чистота“ и волонтерите на Кумановски акцијаши со поддршка од Општината.

И покрај сите до сега преземени мерки Куманово и неговата околина не можат да се пофалат со комунална хигиена, а за да се смени состојбата неминовна е промена на свеста. За тоа самите граѓани сметаат дека единствено казните ќе помогнат, како за фрлање смет, така и за уништување на урбаната опрема која не ретко е мета на вандализмот.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG