Достапни линкови

Mилионските суми за реконструкција на РЕК не ги дадоа очекуваните резултати


РЕК „Битола“.

Најголем дел од парите предвидени за реконструкција на котлите на РЕК се потрошени, но резултатите покажале дека тоа не е доволно за заштита на животната средина.

Дури 65 милиони евра се потрошиле или над седумдесет проценти од средствата кои биле предвидени за реконструкција на котлите во РЕК „Битола“, а не се добиле очекуваните резултати за заштита на животна средина, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев при неодамнешната посета на РЕК, Комбинатот кој години наназад се посочува како еден од најголемите загадувачи во земјава. Реконструкцијата на котлите се изведуваше во последната деценија, а договорот е уште вежечки.

„Имаме една состојба со еден договор за реконструкција на котлите кој се уште не е завршен и е во деликатна фаза. Практично, резултатите кои се очекувале да се постигнат со тој договор, не се добиени, а потрошени се добар дел од средствата, од 90 милиони евра, 65 милиони евра се потрошени. Треба да се расчисти состојбата со испорачателот на опремата и сме во преговори тоа да се заврши. По расчистувањето на тој случај треба да се премине кон десулфуризација. Нема алтернатива животот, односно здравјето на жителите на битолско и пелагонискиот регион“, рече Анѓушев.

По пауза од 22 години, дури сега отпочната е постапка за ревитализација на електростатиските филтри на оџаците од РЕК. Со тоа ќе се намали емисијата на штетни ПМ 10 честички во издувните гасови што се испуштаат од производството на електрична енергија во Комбинатот. Според претходни најави, присуството на честичките ќе се намали на 20 милиграми на метар кубен што е под дозволеното.

Непокриените површини на одлагалиштето за пепел од над 30 000 метри квадратни сега се доведени на помалку од 5 000 метри квадратни, односно се намалени за шест пати. Започната е постапката за ревитализација на електростатските филтри, првпат по 1996 година. По ова, ќе следува и постапката на изградба на постројки за десулфуризација. Во тек е и проектот за замена на азбестниот полнеж во Разладната кула на Блок 2. По точно десет години застој, во процедура е добивањето на А еколошка дозвола, која на РЕК ќе и даде конкретни задачи за заштита на животната средина“, рече Васко Ковачевски, генерален директор на РЕК.

Дел од мерките кои се преземаат даваат резултат за краток период, но од други покомплексни кои ќе следуваат, ефектот ќе биде подолгорочен. Сепак, се очекува во следните години РЕК веќе да не се врзува со епитетот - еден од најголемите загадувачи во Македонија.

Нашата заложба е инвестициите што ги правиме во комбинатот да одат паралелно со инвестициите во екологијата. Вложуваме во редовно и одговорно отпепелување, според сите протоколи, поставување на нови електростатски филтри, пошумување во околината на Комбинатот и низа други мерки со кои покажавме и ќе покажеме дека сме одговорни и кон потребите на граѓаните за навремено снабдување со електрична енергија и за чиста здрава животна средина“, рече Драги Миновски, генерален директор на ЕЛЕМ.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG