Достапни линкови

Зошто надлежните и гледаат низ прсти на Дрисла?


Депонијата Дрисла во близина на Скопје.

Надлежните институции се одговорни за тоа што Дрисла со години работи без да ја унапреди својата технологија и без да ги запази еколошките стандарди, велат упатените. Активисти денеска го блокираа пристапот до Дрисла и побараа раскинување на договорот со концесионерот и одговори од политичарите.

Депонијата Дрисла со години работи со застарена печка за согорување на медицински отпад, а до лани и со стар филтер, при што ветените инвестиции од од 73 милиони евра новиот концесионер не ги спроведе. Печката е донирана во 2001 година од британските власти, а новиот филтер беше поставен во април минатата година. откако депонијата беше казнета со 8500 евра. Но, освен паричната казна никој не сноси одговорност за несовесното работење на Дрисла.

Радио Слободна Европа и претходно пишуваше дека Министерството за животна средина иако било запознаено со ситуацијата во 2013 година на депонијата и била издадена интегрирана А еколошка дозвола, која според законот се заснова на примена на најдобрите достапни техники.

„Рокот за исполнување на условите, односно унапредување на технологијата од таа интегрирана еколошка дозвола истече во април 2014 година. Продолжувањето со работа без никаква нова технологија. Не вршењето на мониторинг од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Прогледувањето низ прсти од страна на Министерството за животна средина и од Владата се оние органи коишто треба да сносат одговорност зошто тој капацитет за разлика од некои други приватни капацитети кои исто така подлежат на истата дозвола работи без да ги исполни условите за унапредување на технологијата“, вели Александра Бујаровска од невладината организација Фронт 21/42.

Од Дрисла се правдаат дека Судот е генератор на сè што се случува со депонијата и дека наскоро ќе заврши процесот и ќе почнат инвестициите кои ги ветил концесионерот, италијанската фирма „ФЛЦ Амбиенте“, чие стопанисување се оспорува од добивањето на тендерот.

Од Град Скопје кој има 20 отсто удел во депонијата најавија дека во февруари ќе се донесе одлука која од фирмите што учествуваа на тендерот ќе ја добие концесијата за Дрисла. Сопствениците „ФЦЛ Амбиенте“, како што соопшти ИРЛ, на средба со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов барале да добијат уште една шанса да ја модернизираат депонијата.

Еколошки активисти под иницијативата „Здружени за чист воздух“ го блокираа пристапот до Дрисла и бараат да се раскине договорот со концесионерот, која како што порачаа не вложил денар во депонијата. Тие побараа одговор за тоа што и како се согорува во Дрисла, дали се запазуваат европските стандарди и што преземаат државните органи.

„Сакаме да им дадеме јасна порака и на политичарите дека не им веруваме. Се повеќе веруваме дека постои нивна вмешаност во овој бизнис затоа што загадувањето е бизнис. Се помалку веруваме во нивната неспособност да го решат ова. Господа политичари исчистете си го вашето ѓубре зошто пред избори ќе ве поклопи“, порача Марјан Ненов од иницијативата.

Од Основното јавно обвинителство Скопје по допрен глас пред една година отворија предмет за работењето во депонијата за кривично дело загадување на животната средина и природата. Но, предметот, како што соопштија од обвинителството, се уште е во фаза на предистражна постапка.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG