Достапни линкови

Борба против конкуренцијата - Собирачите ги уништуваат кантите за селектиран отпад


Илустрација

Во Тетово речиси и да не може да се видат кантите за отпад во разни бои во кои може посебно да се фрла стакло, хартија и пластика. Компаниите за рециклирање се жалат дека кантите се уништуваат од неформалните собирачи на отпад.

Канти и контејнери во зелена, сина и жолта боја, каде посебно може да се фрлаат стакло, хартија или пластична амбалажа. Специјални места за оставање на електронски отпад. Иако постојат вакви можности граѓаните да учествуваат во рециклирање на отпадот, во Тетово поради несовесни постапки на поединци и уништување на таквите канти, веќе нема места за оставање на отпадоци кои подоцна може да се обработат. Игор Макалоски, претставник на една од компаниите кои на општините им донираат специјализирани канти за рециклирање на смет, вели дека уништувањето на опремата значително го оневозможува ваквиот процес на управување со отпадот.

„Факт е дека дадената опрема веројатно и комунално претпријатие и општината веќе ги немаат во владение или ако ги имаат се демолирани од тој неформален собирачки сектор. И претпоставуваме дека и поради тоа комуналното не може да испорача резултати. Тоа е тренд на територијата на целата држава, не е само проблем во Тетово“, истакнува претставникот.

Макалоски вели дека уништувањето на контејнерите и кантите претставува општествен проблем. Резултира со пошироки последици како загаден воздух, отпадоци на непредвидени места и слично.

„Тоа е системски проблем со којшто може државата да се соочи на различни нивоа, да се прави едукација, згрижување на тие луѓе од труд и социјална политика, финансии, дури и од МВР. Зашто сепак е јавно добро тоа што го демолираат овие луѓе на крајот на краиштата и отпадот што го земаат правно гледано од аспект на легалност е во суштина е кражба. Тоа е отпад кој во суштина го поседува комуналното претпријатие и директно влијаат на буџетот на комуналното претпријатие“, смета тој.

Третманот на отпадот преку создавање на регионални депонии каде ќе има рециклирање, иако се одвива бавно, и понатаму се смета како најсоодветен начин за справување со оваа проблематика од властите.

Маја Морачанин од Демократска обнова на Македонија, која го има предзнакот на еколошка и зелена партија, ја потенцира потребата од рециклирање на отпадот како долгорочно најефикасен метод кој освен врз здравата животна средина има влијание и врз економијата.

„Селектирање и рециклирање секако, но тоа треба да започне и од домаќинствата. Тоа е еден комплексен систем за кој ние во Македонија треба сè уште да работиме, зошто не сме ни започнале со она што значи селекција на отпадот и во самите домаќинства, па потоа тој отпад селектирано и да се собира да се носи на соодветните места каде што дополнително би се селектирал и понатаму да заврши со рециклирање, за на крајот целта е што помала количина на отпад да добиеме. Оти тоа е дел од современата тн. циркуларна економија. Што помалку ресурси да трошиме од нашата планета Земја и што помалку отпад на крајот да создаваме. Сè што може треба повторно да се употреби, значи реупотреба или поправка на она што веќе може да се поправи, а што помала количина на крајот да остане како отпад за одложување“, вели Морачанин.

Стакло, хартија, картон, метали, пластика, гума, електроника и текстил се видови на материјали кои како отпад може да се рециклираат и да се обработат. Тие потоа може да се искористат како суровина за нови производи.

XS
SM
MD
LG