Достапни линкови

Заев и Мицкоски се сопнаа на Катица Јанева


Лидерска средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Заев смета дека треба да остане истиот тим на СЈО, додека Мицкоски е за продолжување на работа на ова обвинителство, но без Јанева и тимот. Заев ветува кристално чисти избори, Мицкоски вели дека засега нема гаранција дека процесот ќе биде фер и демократски, но затоа била и оваа средба.

Тимот на СЈО треба да остане, изјави премиерот Зоран Заев по средбата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Заев очекува законот да биде донесен консензуално и како што вели, и покрај тоа што не сака да робува на рокови, сепак законот за јавно обвинителство треба да се донесе до крајот на март, оти потоа Собранието нема да работи поради претседателските избори.

Заев рече дека поддржува продолжување на работата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим и оти со новиот закон нејзиниот мандат ќе биде продолжен само за половина година, а потоа ќе има конкурс за избор на нов специјален обвинител. Тој рече дека верува и го поддржува СЈО, зашто тоа било искрата за враќање на надежта во правната држава.

Во однос на тоа што реформските закони се услов Македонија да добие датум за преговори со ЕУ, Заев рече дека земјата е исправена пред сериозни историски одлуки и оти секој треба да ја носи својата одговорност.

„Верувам дека ќе обезбедиме двотретинско мнозинство, се надевам дека тоа ќе биде со консензус, но законот се носи со двотретинско мнозинство. Моја искрена желба е тоа да се случи со консензус. Ако не, ќе сторам сè да обезбедиме двотретинско мнозинство и за Законот за јавно обвинителство и за секој од реформските закони во рамките на можностите. Може ќе успееме, може нема да успееме, но нема повредна работа во моментов, покрај квалитетот на животот на граѓаните, паралелно да ги отвориме поглавјата со ЕУ“, рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, поддржува продолжување на работата на СЈО, но не ја поддржува специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим. Од утре ќе се формираат работни групи кои ќе работат на „супстанцата“ на Предлог-законот за јавното обвинителство, но и на другите реформски закони, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средба со Заев. Повеќе од два ипол часа траеше средба меѓу нив во Владата. По средбата, Мицкоски изјави дека разговорот може да го подели на два дела, едниот се однесувал на обезбедување услови за фер избори, а вториот на реформските закони, неопходни земјата да добие датум за преговори со ЕУ.

Мицкоски вели дека предлог текстот на законот за јавно обвинителство го добиле во четвртокот и немало многу време да се посветат на него, но дека принципиелно се за разговори за ова прашање, па токму затоа работни групи од утре ќе почнат подетално да го разгледуваат.

„Но овој специјален јавен обвинител со тимот не смее да ја добие довербата, оти не ја оправдаа и ја злоупотребија, не треба да ја добие довербата. Ние сме за преговори на партиско ниво за содржината на законот, се договоривме од утре да се формираат групи и да дискутираат“, рече Мицкоски.

Според него СЈО треба да има и проширени надлежности за да може да истражува и случаи на приватизации од транзицијата, кои, како што рече, 27 години ја фрустираат јавноста.

Тој вели дека го изнел предлогот јавен обвинител да се бира на предлог на опозицијата и дека за ова прашање може да се направи компромис, односно да почекаат неколку месеци.

Заев, пак, рече дека ваква опозиција, „којашто не носела свои ставови за својата земја, а требала да оформи ставови“, не може да биде предлагач на јавниот обвинител. Тој додаде дека тоа било нивно изборни ветување и оти се надева дека ќе има „достоинствена и конструктивна“ опозиција за да биде овластен предлагач на јавниот обвинител.

Што се однесува пак до разговорите за претстојните претседателски избори, Мицкоски вели дека ги изнел сите забелешки и стравувања за изборниот процес. Тој вели дека засега нема гаранција дека процесот ќе биде фер и демократски, но затоа била и оваа средба.

„Ги изнесовме нашите забелешки дека чувствуваме дека има вештачки вработувања во локалната и државната управа, дека сето тоа не води кон релаксирање на состојбата пред претседателските избори, има трансфери од буџетот коишто се наменски, имаат цел да таргетираат одредени целни групи коишто ќе бидат во функција на кандидатот поддржан од страна на владата, имаме промотивни активности коишто навистина не се исто така во функција на релаксирање на состојбата. Укажавме на оние случувања од референдумот за гласање за 2,4 секунди, излезност од 95 проценти“, рече Мицкоски.

И Мицкоски и Заев тврдат дека тие се фаворите на претстојните избори. Заев вели дека доколку опозицијата бара ќе се обезбедат и дополнителен број на набљудувачи, оти сака изборите да бидат кристално чисти.

Договорено е оперативна комуникација меѓу изборните штабови на кандидатите за претседател на владејачката коалиција и на ВМРО-ДПМНЕ. А Мицкоски се надева дека ќе им се придружи и штабот на Блерим Река.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG