Достапни линкови

Судбината на СЈО повторно кај политичарите


По една недела од лидерската средба на премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, работни групи во дебата за реформските закони кои се услов за преговори со ЕУ, меѓу кои и СЈО. Аналитичарите велат дека постои ризик политичкиот пазар да му наштети на пристапниот процес во ЕУ.

Судбината на Специјалното јавно обвинителството е тема на денешните преговори на власта и опозицијата. Министерката за правда Рената Дескоска и нејзиниот заменик Оливер Ристоски од една страна и адвокатот Тони Менкиновски како претставник на опозицијата се дел од работните групи кои ги разгледуваат реформските закони. Власта сака овој процес, заклучно со собраниската процедура, да заврши пред објавувањето на извештајот од Европската комисија за напредокот на земјава.

Првата точка на нивната дебата е предложениот владин закон за приклучување на Специјалното јавно обвинителство како независна единица во јавното обвинителство.

Парламентарното мнозинство очекува Законот за јавното обвинителство и Законот за Агенцијата за национална безбедност да се усогласат и да бидат изгласани до крајот на март, односно пред почетокот на претседателската кампања.

Според досегашните јавно искажани ставови, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски бара специјалната обвинителка Катица Јанева да не го води повеќе ова обвинителство, затоа што смета дека таа работи селективно и дека е политичка алатка против неговата партија.

„Да, точно е ние сме против Катица Јанева и овој состав на обвинители кој што се дел од нејзиниот тим од една проста и едноставна причина што не само што го загубија човечкиот, туку го загубија и професионалниот капацитет. Ние бевме сведоци на полумафијашки методи на сокривање докази, опожарување на простории, поплавување на просториите, а се со цел да ја сокрие трагата. И за нас оваа институција и овие луѓе претставуваат симбол на оние изневерени очекувања на граѓаните на Македонија и дел од онаа ментална матрица која ние ја нарекуваме Заевизам“, изјави Мицкоски.

Тој воедно бара и власта да го исполни предизборното ветување, опозицијата да го предлага државниот јавен обвинител.

По лидерската средба во минатата недела премиерот Зоран Заев изјави дека специјалната јавна обвинителка и нејзиниот тим ја имаат неговата целосна поддршка.

„Јас сум поддржувач на тимот на СЈО, затоа што јавно учествувавме во селекцијата на обвинителите во 2015 година, и власта и опозицијата. И навистина оваа институција покажа капацитет, а тоа го препознаа како дома, така и странците кои ни помагаат во правосудниот систем“, изјави Заев по средбата.

Власта тврди дека предлог законот за спојување на СЈО со Јавното обвинителство е направен врз основа на двата извештаи на експертскиот тим на Прибе и со исполнети препораки на Греко и Венецијанската комисија. Во него нема скриена амнестија за никого, тврдеше власта по обвинувањата дека со новиот закон од кривичен прогон ќе се спасат членовите на ДУИ.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека е политички неодговорно да се менуваат условите и кадарот во Специјалното јавно обвинителство.

„Сите закони кои се носени со политичко пазарење, никогаш не биле спроведени до крај и не ја постигнале својата цел за она за што се носат“, вели Илиев.

Тој додава дека постои ризик политичкиот пазар да и нанесе штета на можноста за почнување преговори со Европската унија.

„Овие услови се неминовни за отпочнување на преговорите. Доколку се чепне во таа организација, мислам дека штетата ќе биде голема“, додава тој.

Реформските закони се приоритет, и потребно е да се донесат што поскоро затоа што се услов за почнување на процесот за преговори со ЕУ.

Според предлог законот, СЈО во рамките на Јавното обвинителство ќе има широк спектар на дејствување, меѓу другото, за кривични дела против избори и гласање, перење пари, злоупотреба на службена должност и овластување, поткуп, примање награда за противзаконито влијание, незаконско стекнат имот, како и злоупотреба на јавни набавки.

Мандатот на сегашната јавна обвинителка Јанева ќе трае уште една година, по што ќе има опција да се реизбира повторно. Доколку не е реизбрана нејзиниот наследник, според предлог законското решение, ќе го бира Советот на јавни обвинители на мандат од четири години. Покрај прашањата поврзани со статусот на СЈО, во предлог-законот со кој се регулира материјата за Јавното обвинителство, новина е одредбата со која се пропишуваат условите за избор на јавните обвинители, односно зголемен е потребниот стаж за избор на јавни обвинители во повисоките јавни обвинителства.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG