Достапни линкови

Македонскиот „Медена земја“ ќе го заблажи фестивалот „Санденс“


Сцена од македонскиот документарец „Медена земја“

На 28 јануари, на 38-то издание на престижниот филмски фестивал „Санденс“, ќе се случи светската премиера на македонскиот документарец „Медена земја“ („Honeyland“). Приказната за последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа е во официјална конкуренција со уште 11 други дела од целиот свет.

По минатогодишниот успех на Горан Столевски со „Види ја ти неа“, кој патем ја доби наградата за најдобар краток филм во интернационална конкуренција, во официјалната селекција на претстојното 38 издание на најзначајниот светски фестивал за независен филм „Санденс“, што патем овојпат ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари во Јута, САД, се најде и македонскиот документарец „Медена земја“ или ако сакате „Honeyland“. Премиерата на ова 86-минутно остварување е закажана за 28 овој месец, по што ќе следуваат уште седум проекции на оваа значајна манифестација каде филмот е во конкуренција за награда заедно со уште 11 документарни дела од целиот свет.

„Влегувањето на „Медена земја“ во официјална конкуренција на долгометражни документарни филмови на еден од најзначајните фестивали во светот е од големо значење за екипата на филмот, но и за македонската кинематографија. „Санденс“ е најголем американски фестивал на независен филм и еден од најпрестижните во светот, на ниво на фестивалите во Берлин, Кан, Венеција и други. Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција на Санденс“, вели Атанас Георгиев, монтажер и продуцент на филмот.

Авторите на филмот - Георгиев, Котевска, Стефанов, Даут и Љума
Авторите на филмот - Георгиев, Котевска, Стефанов, Даут и Љума

Документарецот е во режија на Тамара Котевска и Љубо Стефанов, сниматели се Фејми Даут и Самир Љума, музиката ја потпишуваат членовите на групата ФОЛТИН, а како супервизор на звукот се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ од Бејрут, Либан.

Според авторите, „Медена земја“ во основа ја раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во едно напуштено село во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на земјините ресурси.

„Филмот е повеќеслоен, го покажува животот – сам по себе. Опфаќа раѓање, живот и смрт. Главната порака е дека треба да има фер поделба, односно користење на природните ресурси. Тоа всушност е и принципот на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина од медот го зема за себе, а половина им го остава на пчелите. Човекот треба да зема од природата колку што му треба, но и да остави за оној кој тоа го произведува – во случајов пчелите. Со ова не само што им овозможува на пчелите да преживеат, туку обезбедува сигурен извор на храна и за себе, тогаш кога тоа ќе ѝ биде најпотребно“, открива режисерот Стефанов.

Љубо Стефанов и Тамара Котевска - режисери на „Медена земја“​
Љубо Стефанов и Тамара Котевска - режисери на „Медена земја“​

Од друга страна, неговата колешка Тамара Котевска забележува дека тригодишната работа на „Honeyland“ донела две клучни работи во нејзиниот живот: созревање како човек и автор, и уште една голема фамилија составена од екипата со која поминале многу неверојатни настани, како и протагонистите на филмот кои ги прифатиле со отворено срце.

„Медена земја или Honeyland не е само филм кој го направивме. „Honeyland“ е животно училиште за сите нас, кое нѐ научи на многу поскромен однос кон животот и многу побескомпромисен пристап кон самото создавање филм. Може да се рече дека за големината на она кое го направивме и ќе го оставиме на светот да го види и самите сѐ уште не сме доволно свесни и допрва ќе посведочиме“, смета режисерката.

Снимателите Даут и Љума се полни анегдоти за работата без заштитни одела и понекогаш во невозможни услови, за нападите на разбеснетите пчели, и така со ред.

Инаку, документарецот е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“ и реализиран е како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“.

„Идејата за „Honeyland“ се роди за време на теренските истражувања во степоликото подрачје на долниот дел на Брегалница, кој изобилува со извонреден и уникатен биодиверзитет. Швајцарската агенција за развој и соработка ја препозна вредноста на овој документарец и затоа ја поддржа идејата за снимање и продукција. Филмот испраќа моќна порака која очекуваме да ја подигне јавната свест за зачувување на природата, да го промовира одржливото користење на природните ресурси и да го помогне и олесни процесот на прогласување на заштитени подрачја во Македонија“, појаснува Марјана Шушлевска, тим-лидер на Програмата за зачувување на природата во Македонија.

Кон ова уште малку фактографија. Снимањето на „Медена земја“, делото кое е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, почна во 2015 година, а филмот лани ја освои наградата за „Најдобро дело во развој“ на 23. Сараевски филмски фестивал.

Инаку, по премиерата во Парк Сити, ќе следуваат уште 4 проекции во овој град, а две се планирани и во Солт Лејк Сити. За претставувањето за време на „Санденс“ ангажиран е публицистот Рајан Вернер, кој ќе организира промотивен настан за „Honeyland“, на кој што ќе се дегустира автентичниот мед, собран од Атиџе – главниот протагонист во филмот, како и македонски вина. Планирани се и работилници, интервјуа, презентации, а закажани се и две претпремиерни проекции за новинарите и за филмските критичари во Њујорк и во Лос Анџелес.

И уште нешто. „Медена земја“ во периодот што следува го очекуваат презентации на значајни светски фестивали. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали околу датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG