Достапни линкови

„Година на мајмунот“ за отворање на Скопскиот филмски фестивал


„Година на мајмунот“ - филм на режисерот Владимир Блажевски

Со премиерата на новиот македонски игран филм „Година на мајмунот“ од Владимир Блажевски, в четврток, на 19 април, ќе започне 21 Скопски филмски фестивал. На ова издание на манифестацијата ќе бидат прикажани повеќе од 50 филмови, ќе бидат одржани неколку работилници, ќе се случи промоцијата на програмата „Квир фокус“ со филмови што одбиваат да бидат невидливи, се очекуваат и бројни гости, а предвидена е и ретроспектива на големиот Алфред Хичкок.

Скопје, од 19 до 26 април, ќе живее како во убав филм. Зависниците од седмата уметност по 21 пат ќе ги чествуваат соништата и магијата на подвижните слики што вообичаено со себе ги носи филмски фестивал чиј предзнак е „скопски“. Во тие денови на збогувања со реалноста и мечти за нови авантури, на три локации - кината „Милениум“ и „Фросина“ и Кинотека на Македонија, во седум програмски целини (Авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Фокус на француски филм, Програма на европски филм, Квир фокус и Ретроспектива на Хичкок), ќе имаме можност да проследиме повеќе од 50 филмски остварувања, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, промоции и дискусии.

Почетокот на годинешното издание на манифестацијата ќе го означи македонската и светска премиера на филмот „Година на мајмунот“ во режија и по сценарио на Владимир Блажевски, а во продукција на „Панк филм“. Во оваа црна транзициска комедија на потписниците и на мега-успешниот „Панкот не е мртов“, инаку копродукција помеѓу Македонија, Србија, Словенија и Косово, главните улоги ги толкуваат: Игор Ангелов, Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска и Петер Елиот. Директор на фотографија е Димо Попов, а станува збор за навидум „едноставна приказна“ во која во фокусот е бегството на мајмунот Коко од Зоолошката градина, всушност бегството на сите нас „од ропство во слобода“.

„Година на мајмунот“ својата интернационална премиера ќе ја има во рамките на Московскиот филмски фестивал, на 23 и 24 април, само неколку дена по првичното прикажување во Скопје. Тој таму е во главната програма, но не е во натпреварувачкиот дел. Московскиот филмски фестивал е вториот најстар филмски фестивал во светот и ние проценивме дека, иако не е во компетиција, не треба да ја пропуштиме таа шанса филмот интернационално да го промовираме токму таму. После тоа се надеваме ќе си го фати тој нормален здрав фестивалски живот. За сега имаме најави од неколку фестивали, не сме заклучиле договори, но извесно е дека ќе биде прикажан во Котбус, во Нанси“, вели продуцентот Дарко Попов.

„Се гледаме таму горе“ - Алберт Дупонтел​
„Се гледаме таму горе“ - Алберт Дупонтел​

Тој уште со дополна дека се надеваат да го повторат успехот на „Панкот не е мртов“ кој, пак, имаше 60 фестивалски прикажувања ширум светот и 11 значајни награди.

Разглобувањето на содржината на 21 издание на Манифестацијата на површина ги исфрла и следниве најави.

​До 26 април, публиката на Скопје филм фестивал, во Програмата на авторски филм, чиј селектор е Татјана Јаневска, ќе може да го види „Вина“ на Густав Мулер, кој освои награди на фестивалите во Ротердам и Санденс, новиот филм на Паоло Тавиани - „Виножито, приватна афера“, а тука е и филмот со пет освоени награди „Цезар“ на Алберт Дупонтел - „Ќе се видиме таму“.

Од друга страна, во програмата Панорама на светски филм, ќе бидат прикажани филмови како норвешкиот „Телма“ во режија на Јоаким Трир, мароканска драма „Разиа“ и аргентискиот „Самит“ на Сантијаго Митре.

Годинава, фестивалската публика ќе може да ги види и најдобрите француски филмови, во програмата Фокус на францускот филм чиј што селектор е Навид Сарем, а во рамки на програмата Краток филм селекторите Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров ги избраа најинтересните краткометражни филмови.

Згора на тоа, целината Европски филм ќе понуди четири значајни дела, меѓу кои „Чисти срца“, „Долина на сенките“ и бугарскиот „3/4“ на режисерот Илиан Митев, инаку победник на фестивалот во Локарно, во Швајцарија.

Во рамките на Македонска продукција, пак, публиката ќе има можност да проследи осум домашни остварувања, меѓу кои е премиерата на новиот македонски документарен филм „Кобра“ во режија на Игор Иванов Изи, филм посветен на боречката легенда и единствениот македонски спортист кој освоил олимписко злато Шабан Трстена, како и „Види ја ти неа“ на Горан Столевски, добитник на наградата - најдобар краток филм на фестивалот Санденс, во САД.

„Кобра“ - Игор Иванов Изи
„Кобра“ - Игор Иванов Изи

Инаку, Скопје филм фестивал годинава како новитет ја најавува реализацијата на програмата „Квир фокус“, чиј селектор е Александар Ковачевски, а во која ќе бидат прикажани „филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело ќе прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор“.

„Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот ќе направи обид да отвори теми кои извираат од квир културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар ида создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. И кога тие гласови се чуени, се дава можност да станат дел од култура која менува, култура на отпор која го обликува општеството во кое едни ќе учат за постоењето и прифаќањето на различностите, додека други ќе учат да го заборават досега наученото за да почнат да се сакаат себеси. Без некоја посебна тематска одредница, со неколку филма ќе се обидеме да отвориме теми како што се: репресираната хомосексуалност, себеугнетувањето и скриеноста, отуѓувањето на квир субјектите и нивните идентитети во дигиталниот простор, угнетувачкиот и исклучувачки карактер на хетеронормативните семејни вредности и религијата, па сѐ до приказ на еден провокативен антиестаблишментски радикален лезбејски феминизам“, истакнува Павел Маслов, член на организациониот тим на Фестивалот.

Тој дополнува дека во рамките на оваа програма ќе се одржи и промоцијата на книгата „За засрамените мажи“ од Ендрју Хоџ и Дејвид Хартхан којашто се занимава со апсектите на себеугнетувањето на геј луѓето, а преку предавањата на Жоао Фрлоренсио, професор по современа и модерна уметност и визуелна култура на Универзитетот Екситер од Англија и Станимир Панајотов, ќе се обидат да направат и осврт на квир киното и неговата историја.

Конечно Ретроспективата на Алфред Хичкок ќе донесе пет негови дела и класици на светската кинематографија, „Западен прозорец“, „Психо“, „Ребека“, „Птици“ и „Туѓинци во воз“, а во близина се и работилницата „Како се пишува, режира и продуцира прв игран филм“ што ќе одржат француските режисери Леа Мисиус и Кристоф Режин, потем и онаа за снимање на нискобуџетен филм на Мајкл Ондер, режисерот на „Таксим холден“, и се разбира средбата со продуцентот на филмот Јосеф Еревчик Амадо, која ќе се одржи во Кинотека на Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG