Достапни линкови

Реалноста режира, ние правиме филмови на „МакеДокс 9“


Согласно изворната идеја да се стори и претстави пресек на најновото и најкреативното во документарната кинематографија и сето тоа сместено во неколку програмски сегменти, од 16 до 23 август во Куршумли ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност во Скопје, ќе се одржи деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

А на него е планирано да бидат прикажани 70-тина филмови, ќе бидат присутни исто толку гости, а филмовите ќе се натпреваруваат за наградите „Кромид“ за најдобар филм во Главната програма, „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ за најдобар студентски филм, „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм, а сите влегуваат во конкуренција за Наградата за филм со најдобри етички идеи.

Инаку, чинот на свеченото отворање на фестивалот, на 16 август во Куршумли ан, ќе биде во знакот на две специјално одбрани дела - краткиот филм „Вај-фај Плаза Куба“ на Андријан Келтерборн и долгометражниот документарец за мачките во Истанбул, со наслов „Кеди“ на Цејда Корун. По филмската програма длабоко во ноќта ќе следува и концерт на словенечкиот состав ЏИМИ БАРКА ЕКСПИРИЕНС.

Мене ми е особено шест што можам да истакнам дека годинава ќе имаме филмови од многу земји и што ќе ни дојдат гости од Индија до Исланд. Додадовме еден ден плус и фестивалот ќе се одвива во цели осум дена, вели Петра Селишкар, селекторка на главната програма на „МакеДокс“.

Селишкар и со дополна дека годинава особено многу силна ќе биде селекцијата Нови автори.

Инаку, во пресрет на Отворањето на манифестацијата која низ годиниве наназад силно го анимира урбано Скопје и филмофилите од земјава, организаторите во своето послание за јавноста ќе забележат дека „бројот девет е број на мудроста, универзалната љубов, на судбината, вечноста, ангелите, универзалнните духовни закони, вистината, стрелците, се смета за магичен број, женски и интровертен. Дека тој вибрира со креативност, сензибилност, мистицизам и внатрешна мудрост, високи идеали, ексцентричност, визионерство, генијалност, неконформизам“.

Од таму безмалку никого и да не зачудува информацијата дека за мото на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е одбрана синтагмата „Реалноста режира, ние правиме филмови“ со што тематскиот фокус на фестивалот е ставен на режијата во документарниот филм.

- Ова издание на „МакеДокс“ генерално ќе им биде посветено на режисерите на документарни филмови и затоа го одбравме токму ова мото „Реалноста режира, ние правиме филмови“. Овој концепт сакавме да го поддржиме и со две значајни филмски работилници. И двете ќе се случуваат во Музејот на современата уметност во Скопје. Работилниците за режирање реалност се замислени како рефлексија на професионалните искуства, идеи и визии на двајца признати режисери за документарниот јазик како средство за изразување, споделување знаење, сеќавање и мисли – истакнува Петрула Вељановска, селекторка на програмата „Земја во фокусот“.

Таа и со појаснување дека љубопитните во светот на режирањето реалност ќе ја воведе Пирјо Хонкасало од Финска. Пирјо Хонкасало е призната и многупати наградувана режисерка и сценаристка на документарни филмови и е првата финска филмаџика која снимила игран филм. Таа е членка на Американската филмска академија со над 30 ретроспективи низ целиот свет. Работилницата е организирана со поддршка од Media Creative Desk Macedonia и ќе трае три дена (17-19 август), секој ден од 10 до 13.30 часот.

На втората работилница „Режирање реалност“ на Војцех Старон од Полска, која ќе трае од 20 до 22 август, учесниците ќе (на)учат како да разговараат со публиката користејќи подвижни слики и едноставност. Старон е полски снимател и режисер на документарни филмови кој студирал на престижната филмска школа во Лоѓ. Неговиот „Аргентинска лекција“ е меѓу најнаградуваните документарци во поново време. Член е на Европската филмска академија и на Полското здружение на сниматели. На Берлиналето во 2012 година ја доби „Сребрената мечка“ за најголеми остварувања во кинематографијата, а на „Браќа Манаки“ во 2013 година се закити со „Бронзената камера“ за филмот „Кукла“. Оваа работилницата се случува со поддршка на Филмската фондација на Краков.

Селекторите Набаков, Селишкар и Вељановска на прес конференцијата за деветтото издание на „МакеДокс“

- Денес, сржта на полската кинематографија ја сочинуваат документарните филмови. Во 2017-та година беа продуцирани околу 40-тина документарци кои добија престижни филмски награди и беа прикажани на најважните филмски фестивали ширум светот, како Интернационалниот документарен фестивал во Амстердам-ИДФА, во Лајпциг, Локарно, Варшава... А полскиот документарец ’Причест‘ на режисерката Ана Замецка, кој ќе биде дел од програмата на МакеДокс, ја освои Европската награда за најдобар документарен филм во 2017-та“, нагласува Вељановска.

Кон ова уште и информацијата дека Војцех Старон ќе биде дел и од серијата настани поврзани со земјата во фокус – Полска. Со наслов „Полска во срцето“ на фестивалот ќе бидат прикажани 12 документарци од современата полска филмска продукција. Средбите „очи в очи“ со авторите од Полска, но и со другите гости на фестивалот, ќе се случуваат „Под смоквата“.

Инаку, не смее да се заборави дека како најава на „МакеДокс 9“ на 11 август веќе се одржа „Полски пикник“ со десет наградени филмови од Филмскиот фестивал во Краков.

Отворањето на студентската програма, пак, ќе се случи на 18 август на платото пред Музејот на Македонија со пладневниот пикник заедно со „Синестетика“, на кој млади уметници ќе ги продаваат своите ракотворби. Филмската програма содржи 13 документарни филмови.

- Веќе трета година имаме Студентска програма на ’МакеДокс‘. Годинава имаме филмови кои не се студентски испити, туку зрели студентски филмови кои своите премиери ги имале на значајни филмски фестивали, а дел од филмовите својата интернационална премиера ќе ја имаат на „МакеДокс“, за што сме особено горди, бидејќи нашиот фестивал добива сѐ поголемо значење во меѓународни рамки“, ќе рече селекторот на Студентската програма, Дарко Набаков.

На „Македокс 9“ ќе се одржат и филмските премиери на првата генерација „Докуникулци“, кои се резултат на филмската школа за документаристика која „МакеДокс“ ја почна минатата година. На 21 август, во 18 часот, во Музејот на современата уметност ќе биде прикажан филмот „Адолесцензура“, на 21 август во 20.30 часот на платото пред Куршумли ан ќе оди филмот „Поглед во очите“, додека на 22 август во 21 часот во Куршумли ан премиерно ќе биде претставен филмот „Поинакви“.

На 23 август, од 14 до 16 часот, во Музејот на современата уметност ќе се одржи Панел-дискусија „Улогата на филмот во деинституционализацијата“ заедно со Вито Флакер (професор по социјална работа од Словенија), Дамијан Ненадиќ (режисер на филмот „Денови на лудило“), Ана Замецка (режисерка на филмот „Причест“) и автор(к)ите на кратките документарни филмови на првата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

На „Македокс 9“ ќе се реализира и фотографска работилница за таканаречениот „мокар колодиумски процес“, постапка која во фотографските кругови е позната како „мокра плоча“, со која се навраќаме на старите фото-технологии. „Мократа плоча“ е фотографски процес од 19-тиот век. Работилницата ќе трае 4 дена, од 18-21 август, и ќе се одржува во Куршумли ан. Предавачи на работилницата се Сашо Н. Алушевски, фотограф, и Предраг Узелац, самостоен фотографски соработник и асистент на Академијата за уметности во Нови Сад, Србија. За време на фестивалот и посетителите ќе можат да се фотографираат на „мокра плоча“. На отворањето на фестивалот, на 16 август во Куршумли ан, за првпат во Македонија ќе биде отворена раритетна изложба со фотографии изработени со колодиумски процес. Автор на изложбата е Сашо Н. Алушевски, кој ги портретираше членовите на екипата на „МакеДокс“.

Деветтото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РМ, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон (National Endowment for Democracy) и Град Скопје. Кон ова само уште и информацијата дека партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG