Достапни линкови

Скупи фестивал 2018 се стреми „Потаму од границите“


Плакатот за Скупи фестивал 2018

Седум театарски претстави на ансамбли од исто толку земји во регионот, обединети под мотото „Потаму од границите“, ќе бидат прикажани на 12-то издание на меѓународниот „Скупи фестивал“, што од 24 до 30 октомври, ќе се одржи во Младински културен центар – Скопје.

Дванаесеттото издание на „Скупи фест“, интернационалната манифестација која во целото свое постоење упорно и без сензационализми, се обидуваше и успеваше да го пополни празниот простор во македонското театарско живеење и да стане промотор на посебни артистички вредности, ќе започне со претставата „Татко ми го сакаше Адолф“ на Мехмет Краја во режија на Илир Бокши и продукција на Театар Гнилане од Косово.

Проектот ги истражува првите десет години по Втората светска војна. За него се вели дека е „приказна во приказна, за еден вид нео-реалистичен документарен театар во кој нараторот, додека тече филмската лента, намерно ја замаглува границата меѓу реалното и фиктивното, прави пародија на приказната преку изобилни сведоштва, ја прави иронична и негувана околината, атмосферата, луѓето“.

Сцена од претставата „Татко ми го сакаше Адолф“

И, по еден таков вовед во случувањата на оваа манифестација, во четврток на 25 октомври, ќе биде прикажан култниот текст „Крал Иби“ од Алфред Жари, овојпат виден низ призмата на Горан Јефтиќ и неговите соработници собрани како ДЕВ9Т ФЕСТИВАЛ од Белград, Србија.

Претставата првично е одиграна во напуштена фабрика за цигли, на безживотна земја и нечистотија, која изгледа постапокалиптично и метафорички ја претставува денешната планета. Актерите се сместени во инсталацијата на скулптурата на еден од најталентираните современи уметници, Виктор Киш, додека атмосферата е надополнета со филмовите на Срѓан Чешиќ и Џонатан Инглиш, како и екстравагантните и инвентивни костими на Тијана Павлов. Музиката е компонирана од Немања Аќимовиќ, која, заедно со другите компоненти на новото читање на познатата претстава, ја носи публиката во светот на новиот, апокалиптичен Иби.

- Крал Иби го поставуваме како изведба на перформансот, преку кој сакаме да го изразиме нашето мислење за тоа што се случува во модерниот свет: војни, бегалци, човекови права и слободи, медиуми, морал, измами, алчноста на моќните, авторитет, пари, диктаторство, класни разлики…велат творците на овој „борбен крик како единствено нивно средство за да го изразат својот став во околина која ја третира уметноста како паразитска форма и се труди да ја загуши и избрише“, ќе напишат творците на проектот.

„Крал Иби“

Во петок, пак, на истата сцена ќе се најде „ХАММ–ЛЕТ / Студија на ненаситност“ на авторот и режисер Џорџо Церути и Малата компанија на магнолија од Торино, Италија.

За проектот се вели дека почнува од капиталното дело на Вилијам Шекспир и дека поминува преку злобниот јазик на „Хамлет машина“ од Хајнер Милер и низ други засебни видувања кои биле фасцинирани од ова ремек-дело...Тоа, како што се вели во најавата, „ги комбинира длабоко истражување на јапонската естетика со ехото на Комедија дел Арте“ и нуди „празен простор за игра, анимиран од карактерите на Хамлет, Гертруда и Офелија, кои создаваат атмосфера и прават да бидеме присутни во моментот“.

„ХАММ-ЛЕТ/ Студија на незаситост“

Следува „Опасни врски“ од Лакло видена од режисерот Константин Еленков и во продукција на Драмскиот театар „Николаи О. Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија.

Ова е приказна за аристократите на ренесансата „заглавени во мочуриште на здодевност“. Нивниот начин за да излезат од тоа е преку потсмевање на романтичните воздишки на другите. Тие вешто ги заведуваат со ветувања и потоа ги фрлаат во вечно каење за направениот грев... сè до катарзичниот момент на одмазда, кога самата нивна игра ќе ги убие.

В недела, на 28 октомври, пак, ќе биде прикажана „Мајка и дете“ од Јон Фосе во режија на Дино Мустафиќ и во продукција на М.А.М Фондација од Тирана , Албанија. Ова е сторија во која мајката и синот се среќаваат по цели две децении и се обидуваат да го вратат назад изгубеното време.

Наредниот ден публиката ќе има можност да ја проследи и „Брашното во нашите вени“ на ЈУ Сараевски воен театар „Сартр“. Во оваа босанско-херцеговачка драма што ја потпишуваат авторот Игор Штикс и режисерот Борис Лијешевиќ фокусот е ставен на расрланите бегалци по светот, жртви на војната. На нивната средба по многу години која се случува во изместени услови, друг град, друга земја, поинаква популација, луѓе со поинаков етнички состав, други улици, лица...и иста траума. Траума која станува поглед на светот, начин на размислување и модел на однесување кој ја заробил индивидуата.

И, конечно, за крај на „Скупи фест 2018“ е предвидена „Окупирај се“ на Независниот театар Проект Чекална од Клуж-Напока, Романија. Овде се користени текстови на Габор Мате, Маја Себок, Тимеа Удвари, Ендре Рац, Золт Цепеи, Левенте Имец-Магдо, Тамас Ловаси Цех, Космин Матеи, Ралука Сас Маринеску и делови од поемите на Портија Нелсон и од „Тибетанската книга на животот и смртта“ од Согјал Ринпоше, а режисер е Космин Матеи. Тој знае да каже дека претставата што ја потпишува „се обидува да најде одговор на прашањето: што претставува зависност и што можеме да направиме откако ќе ја идентификуваме зависноста“. Од таму, како што е наведено „употребувајќи разни и комплексни театарски форми, групата на Проект Чекална нуди индивидуален внатрешен поглед кој може да го смени вашето видување на работите а кое се однесува на зависностите“.

„Опасни врски“

- Има повеќе алтернативни театри кои не сме биле во можност досега да ги гледаме во Македонија. Има доста такви коишто се обидуваат да прават нешто по различно и поинакво од она што го прават класичните театри или т.н. „меинстрим театри“ во земјите, така што се надевам дека и на публиката ќе и биде доста интересно, вели Сенко Велинов, селекторот на програмата на „Скупи фест“.

Тој и со дополна дека и натаму ќе останат доследни на изворната идеја дека нема да робуваат на концепти и дека нема да се ограничуваат со разни однапред зададени рамки.

- И оваа година не е по различна од било која друга. Не сакам да се зарекуваме дека ќе бидеме сега театарски фестивал на алтернативни проекти. Утре можеби ќе посегнеме по некоја супер голема институционална претстава за која ќе имаме пари да ја платиме и да и ја прикажеме на нашата публика. Нашиот концепт беше и останува да донесеме нешто што ќе биде интересно. И толку.

Велинов истакнува дека впрочем и сите овие претстави на „Скупи фест 2018“ лесно го појаснуваат и актуелното мото на манифестацијата „Потаму од границите“.

- Некако многу жилави излегуваме со Фестивалот и „Скупи фестивал“ успева не само да опстојува туку и да биде се популарен. Па затоа и такво мото на манифестацијата оваа година. Затоа што и покрај разноразните препреки тој си опстојува и ќе си се одржи во најдобар можен ред. Така да и почнува да станува дури и забавно како се одвиваат работиве. Понатаму од границите, ќе рече селекторот.

Кон ова само уште информацијата дека Алмир Башовиќ од Босна и Херцеговина и нашите Куштрим Бектеши и Димче Николовски седат во жирито кое ќе ги додели наградите на годинешното издание на „Скупи фестивал“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG