Достапни линкови

Законот за јазиците објавен во Службен весник, уставно или не?


Џафери: Постапив според уставните надежности
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:21 0:00

Џафери: Постапив според уставните надежности

Постапката за објавување на Законот за јазиците во Службен весник без потпис на претседателот на државата за дел познавачи е редок случај, кој не треба да се применува во правото, други пак мислат дека нема ништо спорно во тоа. Владејачките партии честитаат, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека објавувањето на законот во Службен весник е кривично дело.

Законот за јазиците е објавен во Службен весник, но само со потпис на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Под името на претседателот на државата, нема потпис.

Претседателот Ѓорге Иванов писмено реагира дека објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни.

„Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење“, пишува во соопштението од Иванов.

Албанскиот јазик станува втор службен јазик во државата, а претседателот на Собранието сега ќе може собраниските седници да ги води и на мајчин јазик. По една година откако беше првпат изгласан, Талат Џафери обзнани дека го испратил Законот во Службен весник. Тој на својот Фејсбук профил на албански и на македонски напиша.

„Законот за употреба на јазиците и во Службен весник.“

Џафери на Фејсбук објави дека заедно со Законот за јазиците, до „Службен весник“ го испратил и Законот за ратификација на договорот со Грција.

Пратениците го изгласаа овој Законот за јазиците на 11 јануари минатата година, но претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша и тој не стапи на сила, по што беше вратен повторно во собраниска процедура, која заврши со повторно изгласување на 14 март минатата година. Претседателот Иванов велеше дека совеста не му дозволува да стави потпис на таков указ.

Поранешниот претседател на уставниот суд, Трендафил Ивановски, вели дека зачудува тоа што законот е објавен во Службен весник после година дена, наместо, како што вели, да се оди на нов закон.

„Се чекаа, изгледа, некои погодни моменти за повторно да се прекрши Уставот, за повторно да се оди. Ова е редок случај и мислам дека е случај што не треба да се применува во правото. Законот, бидејќи не е потпишан, не е донесен и треба да се оди на нов закон, меѓутоа самата постапка како е водена е противуставна и можеше да се оди на нов закон. Сега имаат двотретинско мнозинство и ќе се совладаа проблемите кои може и понатаму да продолжат“, вели Ивановски.

Тој вели дека ова изгледа како некој да сака да ги комплицира работите во време кога се изгласаа уставните измени.

„Самиот закон, каков што беше донесен и сега објавен има 60 прашања што се спротивни на Устав, меѓутоа ова требаше да се совлада преку редовна постапка во Парламентот, но ние наместо да одиме напред, одиме еден чекора напред, два назад“, вели тој.

Професор Мијрана Најчевска вели дека во Уставот постои обврска после едно одбивање, кога тој закон ќе дојде втор пат, претседателот да го потпише, без разлика дали се согласува или не, и што и да мисли за законот тој мора да го потпише.

„Доколку го имаме тоа предвид, кога претседателот тоа нема да го направи, тој направил противуставно дејствие и автоматски законодавното тело како највисоко претставничко тело во државата има право да ја продолжи процедурата соодветно на она што е предвидено во Уставот, значи се претпоставува дека постои потписот на претседателот, затоа што постои таква обврска во Уставот и автоматски излегувањето на Законот во Службен весник не е никако противуставно. Од друга страна противуставно е делувањето на претседателот и на тоа мора да реагира Уставниот суд“, вели Најчевска.

Од Јавното претпријатие „Службен весник“ известија дека го објавиле Законот за јазиците и сметаат дека тоа е во согласност со Уставот и законите иако претседателот Ѓорге Иванов не стави потпис на законот. Од „Службен весник“ се повикуваат на член 52, став 2 од Уставот, кој вели: „Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето“.

„Во согласно со тоа, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели ‘Секој е должен да ги почитува Уставот и законите’ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска“, се вели во соопштението на ЈП „Службен весник“.

Инаку, познат е случајот во 2001 година кога претседателот Борис Трајковски два пати одбил да го потпише Законот за привилегии на пратеници и тој не влезе во сила.

Честитки, „туѓи перја“ и предупредувања

ВМРО-ДПМНЕ со повеќе од 30 илјади амандмани се обиде да го спречи усвојувањето на законот, а пред Собранието со месеци се протестираше против него. Од опозициската партија се на став дека законот е неуставен. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека објавувањето на законот во Службен весник е кривично дело за кое се лежи казна затвор.

„Сите инволвирани ќе сносат одговорност за насилното кршење на законите, процедурите и уставноста при носење на истите закони. СДСМ уште еднаш ја силува демократијата и го руши правниот поредок во Република Македонија. Веднаш по промената на името, Владата на СДСМ на незаконски и насилен начин ја прави Република Македонија двојазична држава“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, првин велеше дека нема да стави потпис под ничие друго име, на Законот за јазиците, но додаде дека се бараат решенија. Додека со месеци се бараа решенија, тој изјави дека владејачката коалиција ќе одлучи кога Законот ќе биде испратен во Службен весник. Едно од решенијата што го спомнуваше беше законот за биде испратен без потпис на претседателот.

Функционери од ДУИ на Фејсбук го поздравуваат чекорот со Законот за јазици. Пратеникот Артан Груби напиша дека ДУИ ветиле и оствариле јазична рамноправност. Вицепремиерот Бујар Османи, пак, напиша „Каков почеток на годината, горд сум што сум му соработник на Ахмети“. Постот е проследен со заедничка слика на Османи со Ахмети. И вицепремиерот Хазби Лика честиташе.

„Употребата на албанскиот јазик од нашите домови отсега и во институциите и пошироко“, напиша Лика на Фејсбук.

Груби на прес-конференција рече дека Законот за јазици од денеска стапува на сила и дека институциите веднаш треба да се придружуваат и да ги применат законските одредби. За разлика од претходното законско решение, рече дека новото предвидува формирање на Инспекторат кој ќе ја контролира примената на Законот.

Но, на постовите на функционерите од ДУИ има забележува пратеникот од СДСМ Мухамед Зекири кој им порачува да не се китат со туѓи перја.

„Заслугите за отварање на вратите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, како и за официјализирањето на албанскиот јазик, им припаѓаат на граѓаните кои го прифатија концептот „Македонија едно општество“ за сите!!!“, пишува Зекири.

Во Собранието, Владата, Судовите, Обвинителствата и во другите државни институции на централно и на локално ниво албанскиот јазик станува втор службен јазик.

Граѓаните ќе можат до сите органи на централната власт да се обратат и писмено и усно на својот мајчин јазик, а институцијата ќе треба писмено да им одговори на нивниот јазик. Називите на институциите, другите натписи и патокази во подрачјата каде што најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, ќе бидат напишани покрај македонски и на јазикот кој го зборува немнозинската етничка заедница. Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страни. Освен на македонски јазик, содржината на веб страните, ќе биде објавувана и на албански јазик.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG