Достапни линкови

Каде сè ќе има примена новиот Закон за јазиците


Шалтер за лични документи.
Шалтер за лични документи.

Законот за употреба на јазиците ќе ја прошири употребата на албанскиот јазик во државата, објаснуваат упатените. Граѓаните ќе можат до сите органи на централната власт да се обратат и писмено и усно на својот мајчин јазик, а институцијата ќе треба писмено да им одговори на нивниот јазик.

Претседателот Ѓорге Иванов вчера го добил Законот за употреба на јазиците. Од неговиот Kабинет велат дека тој ќе ја соопшти својата одлука согласно законски предвидениот рок. Седум дена по донесувањето на законот, претседателот е должен да го потпише указот за неговото прогласување, по што истиот може да биде објавен во Службен весник и официјално да стапи во сила. Ако претседателот не го потпише указот за прогласување на законот, во тој случај законот ќе се врати на повторно разгледување во Собранието и доколку се усвои со апсолутно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен да го потпише указот.

Законот стапува на сила веднаш по објавувањето во Службен весник. Од тогаш па натаму сите закони други акти донесени од Собранието ќе бидат објавувани на македонски и на албански јазик. Исто важи и за одлуките кои ќе ги носи Владата. Покрај македонскиот во институциите службен јазик станува и албанскиот, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт.

„Граѓаните ќе можат до сите органи на централната власт да се обратат и писмено и усно на својот мајчин јазик и се разбира, органот ќе треба писмено да им одговори на нивниот јазик. Се разбира дека службениците во тие органи не се должни својата усна комуникација да ја водат на тој јазик, туку на службениот, но мора да се обезбеди превод и писмената комуникација да се одвива на јазикот на кој им се обраќа странката“, објаснува политичкиот аналитичар Насер Зибери.

Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.

„Во кривичните постапки во судовите и досега се применуваше овој закон и тоа е меѓународен стандард и не важи само за немнозинските етнички заедници, туку за сите граѓани. Судот, односно обвинителството се должни да обезбедат преведувач на јазикот на кој зборува обвинетиот. Овој закон сега ќе ја прошири употребата на албанскиот јазик и во граѓанските постапки и пред Управниот суд. Тоа значи дека тие граѓани ќе можат да се обраќаат пред судовите или обвинителството на својот мајчин јазик, а органот ќе треба да обезбеди преведувач", вели Зибери.

Две прашања во овој закон се сметаат за резервирани, се додека за нив не се изјасни Венецијанската комисија. Тоа се прашањата за банкнотите и за униформите во Армијата. Инаку, законот предвидува двојазичност на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде Албанците се присутни со над 20 отсто од населението. Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Законот предвидува ваква двојазична комуникација и во органите на локалната самоуправа. Називите на институциите, другите натписи и патокази во подрачјата каде што најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот, ќе бидат напишани покрај македонски и на јазикот кој го зборува немнозинската етничка заедница.

Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страни. Освен на македонски јазик, содржината на веб страните, ќе биде објавувана и на албански јазик.

Новина е тоа што законот предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните. Таа ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзината работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно. Освен тоа се предвидува и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда. Доколку одреден орган не ги применува одредбите од законот, ќе следува и казна, која се однесува само на институциите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG